Се очекува денеска или утре да биде објавена новата француска влада на премиерот Бајру

Бајру е шестиот премиер за време на годините на власт на Макрон. 

Францускиот претседател Емануел Макрон и неговиот кандидат за премиер Франсоа Бајру синоќа одржаа состанок во Елисејската палата како дел од финализирањето на кабинетот на Бајру, што се очекува да биде објавено денеска или утре, јавија француските медиуми.

Бајру е шестиот премиер за време на годините на власт на Макрон. Тој беше номиниран за функцијата по падот на владата на Мишел Барние, на која и беше изгласана недоверба во Парламентот поради буџетот за следната година.

Бајру одржа голем број консултации затоа што сака најотворен можен тим, вклучувајќи влијателни фигури и од левата и од десната страна, но и од центарот. Целта е Владата да одговори на итните предизвици со кои се соочува земјата, особено за буџетските прашања. /МИА

Нова вакцина за ХИВ

Истражувачи од белгиските универзитети во Брисел и Гент тврдат дека развиле вакцина заснована на мРНА, којашто може да го зајакне имунолошкиот систем во случај на присуство на вирусот на човеков намален имунитет - ХИВ, објави порталот Фокус на Белгија

Според научниците, целта на оваа вакцина развиена во Белгија, би била контрола на ХИВ. Лекот, всушност, користи липидни наночестички што „содржат дополнителен стимулативен сигнал за имунолошкиот систем“, коешто ја зголемува делотворноста на вакцината, како што рече еден од истражувачите.

Тие велат и оти вакцината може драстично да ја намали зависноста од постојните секојдневни лекови.

Ако нејзината благотворност се докаже кај луѓето (засега е тестирана само на лабораториски глувци), оваа нова вакцина може да донесе значителна помош и надеж за луѓето кои живеат со ХИВ. /МИА

Петрушевски: СДС и Филипче знаеле за криминалот на Груби, молчеле за владата да не им падне

Венко Филипче како врвен функционер на СДС знаел за криминалот кој го прави Артан Груби.

СДС и Филипче знаеле за криминалот на Груби, молчеле за владата да не им падне.

Со години Артан Груби ја краде државата. СДС знае и молчи.

Венко Филипче како врвен функционер на СДС знаел за криминалот кој го прави Артан Груби.

Кога ВМРО-ДПМНЕ зборуваше дека СДС се измеќари на ДУИ, токму на ова мислеше. СДС го одмолчеа и дозволија криминалот на Груби, за истиот да не се налути и ДУИ да им излезе од коалиција.

Жално е да се гледа, како сега повторно мора од себе да се прават недоветни, па смислуваат разни приказни.

СДС и Филипче треба да излезат пред граѓаните и да се извинат за Груби.

Да не беше СДС и нивната болна желба за власт по секоја цена, буџетот немаше да биде оштетен за неколку милиони евра од Груби и неговите другари. Затоа СДС и Филипче треба да им се извинат на граѓаните.

Владата на ВМРО-ДПМНЕ без компромисно влезе во битка со криминалците и одговорност ќе има за сите.

БРАНЕ ПЕТРУШЕВСКИ, ПРАТЕНИК НА ВМРО-ДПМНЕ

Социјалдемократите ќе ја предводат новата влада на Романија

Претседателот на Романија Клаус Јоханис се очекува денеска да му го додели мандатот за формирање влада на Марчел Чолаку од Социјалдемократската партија (СДП), откако три проевропски партии постигнаа договор за парламентарно мнозинство.

Според договорот, СДП ќе раководи со осум министерства, вклучувајќи ги правосудство, транспорт, труд и одбрана. Повеќето од сегашните министри на партијата ќе ги задржат своите позиции. Центристичката Национално-либерална партија (НЛП) ќе има шест министерства, меѓу кои енергетика, внатрешни и надворешни работи, додека Демократската унија на Унгарците во Романија (ДУУР) ќе предводи две министерства, од кои едното за финансии.

Трите партии, заедно со претставници на етничките малцинства, формираат минимално мнозинство во парламентот. На изборите одржани на 1 декември, СДП освои најмногу места, но три ултранационалистички и крајно десничарски партии, некои со проруски симпатии, добија околу една третина од мандатите.

Новиот кабинет ќе мора да одобри календар за нови претседателски избори, откако првиот круг од гласањето на 24 ноември беше поништен од Уставниот суд поради сомнежи за надворешна вмешаност и манипулации. Во вториот круг требаше да се соочат независниот десничарски кандидат Калин Георгеску и Елена Ласкони од центристичкиот Сојуз за спас на Романија (ССР).

Владата исто така ќе се соочи со сериозен економски предизвик: намалување на буџетскиот дефицит, кој е највисок во ЕУ, од 8,6 отсто од БДП оваа година на околу 7 отсто до 2025 година. Според аналитичари, тоа ќе бара зголемување на даноците./МИА

притисни ентер