СДСМ: Мицкоски продолжува со лагите и манипулациите за Коридор 8

СДСМ ја потсетува јавноста дека Република Македонија и Република Бугарија имаат потпишан Меморандум за разбирање за Коридор 8, исто како што Владата на СДСМ потпиша и договор за брза пруга Ниш – Скопје.

Овие документи се клучни за развојот на инфраструктурата и поврзаноста на земјата со соседите и регионот.

Сѐ што требаше Христијан Мицкоски да направи е да испрати свој претставник, министерот за транспорт, во Бугарија или да го покани бугарскиот министер во Скопје и да ги расчисти сите дилеми околу проектот. Наместо тоа, Мицкоски продолжува да ги менува своите тези и да манипулира со јавноста.

Ќе признае ли Мицкоски дека беше свесен за ова кога пред две недели отпатува во Брисел на средба со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен? На оваа средба се разговарал за Планот за раст, кој го предвидува заокружувањето на железничкиот Коридор 8, кој ги поврзува Бугарија, Македонија и Албанија.

Планот за раст, целосно подготвен од Владата на СДСМ, Мицкоски го потврди со само три измени, од кои ниту една не се однесува на проектната листа за Коридор 8. Мицкоски го имал овој документ со себе на 19 септември, но продолжува да ја заблудува јавноста.

Дополнително, дали Мицкоски ќе признае дека СДСМ предложи, а тој се согласи, дека најмалку 400 милиони евра од Планот за раст ќе бидат наменети за пругата? Зошто ја манипулира јавноста дека 500 милиони евра ќе потрошела нашата Влада за проектот? Дали владините претсравници во понеделникот во Брисел ја потврдија финансиката конструкција за пругата кон

Бугарија според која државното директно учество е само 18 милиони евра?

Овој капитален проект е од суштинско значење за регионалната поврзаност и економскиот развој на Северна Македонија.

СДСМ останува посветена на реализација на капиталните инфраструктурни проекти кои ќе ја подобрат поврзаноста и економскиот раст на државата.

СДСМ

Зиркзе го напушта „Олд Трафорд“ во јануари?

 Манчестер Јунајтед донесе неколку големи засилувања пред сезоната, Лени Јоро беше платен 62 милиони, Мануел Угарте 50, Матиас Де Лихт 45, Зиркзе 42,5, а многу поевтин беше Нусер Мазрауи, кој беше платен „само“ 15 милиони евра.

Од Зиркзе се очекуваше многу, Холанѓанецот требаше да ја подобри ефикасноста, а челниците на Јунајтед го гледаа како машина за голови. Но, реалноста е сосема поинаква.

Манчестер е само 14-ти на табелата во Премиер лигата, со само осум бода од седум кола, со само пет постигнати голови. Еден од тие петте гола беше дело на Зиркзе, премалку за вложените пари.

Холанѓанецот играше на секој од тие седум натпревари, но на ниту еден не беше на теренот од почеток до крај. А веќе се појавија информации дека Зиркзе ќе го напушти „Олд Трафорд“ во јануари.

По две неверојатни сезони во Болоња, дури и пласман во Лигата на шампионите со овој клуб, Зиркзе направи чекор напред во кариерата и се пресели во Јунајтед.

Како што сега стојат работите, тој многу лесно би можел да се врати на Апенинскиот полуостров. Планот на Јунајтед е да го испрати на позајмица во Јувентус, ни помалку ни повеќе, кој покажа сериозен интерес за неговиот потпис.

Дури и самиот Холанѓанец инсистира на промена на средината, а со оглед на тоа што на десет натпревари во Манчестер постигна само еден гол, се чини дека челниците на клубот од „Олд Трафорд“ ќе му излезат во пресрет, пишуваат медиумите на Островот.

Секако, во Манчестер активно бараат замена за еден од најголемите неуспеси, а прв пик е словенечкиот напаѓач Бенјамин Шешко. Според некои информации, неговата клаузула е 65 милиони евра, што не би требало да биде голем проблем за Јунајтед.

Јужна Кореја: Испраќањето војници од С. Кореја во Русија е закана за меѓународната безбедност

Кабинетот на јужнокорејскиот претседател Јун Сук-Јол денеска објави дека испраќањето војници од Северна Кореја во Русија е „сериозна закана за меѓународната безбедност“ и дека ќе одговори на тоа со сите расположливи средства.

На состанокот со клучните разузнавачки, воени и безбедносни претставници, беше истакнато дека моменталната ситуација во воените односи меѓу Русија и Северна Кореја е „сериозна закана не само за Јужна Кореја, туку и за меѓународната заедница“.

Јужнокорејските власти соопштија дека е веројатно некои севернокорејски војници во Русија да се вмешани во конфликтот во Украина, но не дадоа дополнителни детали.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски претходно ја обвини Северна Кореја дека испраќа офицери да и помогнат на Русија, додека генералниот секретар на НАТО Марк Руте рече дека во моментов нема докази за присуство на Пјонгјанг во војната.

Јужнокорејски и американски официјални лица тврдат дека Северна Кореја и доставува балистички ракети и друга муниција на Русија, обвинение кое и Пјонгјанг и Москва го негираа.

Кремљ, исто така, ги отфрли тврдењата на Јужна Кореја за испраќање воен персонал во Русија. /МИА

Казахстан одби да се приклучи на БРИКС, Русија веднаш го забрани увозот на овошје и зеленчук

Руската агенција за безбедност на храна одби да даде дозвола за увоз на овошје и зеленчук од Казахстан, а аналитичарите велат дека вистинската причина е одбивањето на властите во земјата да се приклучат на БРИКС.

Иако агенцијата соопшти дека одлуката е донесена поради „одбивањето на релевантните власти од Казахстан да обезбедат фитосанитарна безбедност“, овој потег е направен само неколку дена откако властите во Астана одбија да се приклучат на БРИКС.

Инаку, Казахстан е најголемата економија во Централна Азија, а 11 отсто од вкупниот извоз на земјата се „трошат“ за испраќање стоки во Русија, која е нивни трет најголем надворешно трговски партнер.

Властите во Казахстан го испратија своето одбивање за членство во БРИКС неколку дена пред големиот самит на оваа организација, каде домаќин ќе биде Русија.

-Во моментов и најверојатно во догледна иднина, Казахстан ќе се воздржи од аплицирање за БРИКС, изјави портпаролот на казахстанскиот претседател, Берик Уали, во интервју за локалните медиуми во средата.

Уали додаде дека претседателот Касим-Жомарт Токаев постојано ја нагласувал својата поддршка за Обединетите нации како „универзална и незаменлива меѓународна организација“ и рече дека Советот за безбедност на ОН треба да се реформира за да ги земе предвид интересите на регионалните сили.

Одлуката на Казахстан е удар за рускиот претседател Владимир Путин, кој се обидува да го означи БРИКС како сојуз на „глобалното мнозинство“ и дел од напорите на Москва да го оспори доминантниот Запад и да ги оспори санкциите поврзани со руската агресија врз Украина.

Портпаролот на Путин, Дмитриј Песков изјави дека БРИКС не ги заменува ОН, напротив, „ја надополнува и не се спротивставува на нејзината меѓународна природа“.

-Казахстан е наш пријател, наш стратешки партнер, наш сојузник. Ги цениме нашите односи. Тоа е првата работа. Затоа, се разбира, самиот Казахстан носи одлуки за форматот на своето учество во одредени организации, рече Песков.

притисни ентер