СДСМ: Мицкоски повторно демонстрира лицемерие и паника по консолидацијата на СДСМ

Изјавите на Христијан Мицкоски, кој е очигледно разочаран од консолидацијата на СДСМ, се уште еден доказ за неговата лицемерна политика и стравот од силната опозиција која ја предводи нашата партија. 

СДСМ, како најсилна опозициска партија, продолжува да биде коректив и столб на прогресивните вредности во нашата држава.

Очекувањата на Мицкоски за распад на СДСМ не само што не се остварија, туку реалноста го принудува да се соочи со вистината: СДСМ е консолидирана, мотивирана и подготвена за нови победи. Новото раководство на СДСМ е тим кој ги обединува капацитетите на млади и искусни кадри со целосна посветеност на интересите на граѓаните.

Мицкоски е последниот кој може да зборува за „квалитет на кадри“. Во неговите редови има луѓе осудени за криминал, лица кои се под истраги од институциите и личности чиј углед е сериозно нарушен со бројни скандали во изминатите пет месеци. Неговата партија е заробена во коруптивни афери, кои ја деградираат не само ВМРО-ДПМНЕ, туку и целокупната политичка сцена во Македонија.

Токму затоа, изјавите на Мицкоски се обид да ја дефокусира јавноста од проблемите во неговите редови. Наместо да ги решава нерегуларностите и да се справува со лицата кои ја рушат довербата во институциите, Мицкоски се занимава со празни критики кон СДСМ, кои само ја рефлектираат неговата неспособност и немање визија за иднината на земјата.

СДСМ ќе продолжи да се бори за интересите на граѓаните, да предлага и реализира решенија за подобра иднина, и да биде вистинска алтернатива на Владата која Мицкоски ја претставува. Локалните избори, кои тој ги спомнува, ќе бидат тест не за СДСМ, туку за неспособноста на неговото раководство да испорача резултати на терен.

На граѓаните им е јасно: Христијан Мицкоски и неговата ВМРО-ДПМНЕ немаат капацитет да се справат со сопствените проблеми, а камоли да ја водат државата кон стабилна и европска иднина. Затоа, СДСМ останува подготвена да ја предводи борбата за напредок, чесност и правичност.

Со СДСМ, Македонија има иднина. Со Мицкоски, само нови скандали.

СДСМ - Центар за комуникации со јавноста

Тајани: Г7 бара заеднички став за налогот на МКС за апсење на Нетанјаху

Шефот на италијанската дипломатија, Антонио Тајани, изјави дека групата Г7, со која годинава претседава Италија, бара заеднички став за налогот на Меѓународниот кривичен суд (МКС) за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

Покрај Нетанјаху, пред МКС се обвинети и поранешниот израелски министер за одбрана, Јоав Галант, како и лидерот на военото крило на Хамас, Мохамед Диаб Ибрахим ал-Масри.

-Мора да бидеме обединети за ова прашање, рече Тајани на почетокот на состанокот на министрите за надворешни работи на Г7.

САД, кои се дел од Г7, во првичната реакција ја отфрлија одлуката на МКС. /МИА

Русин осуден на 14 години затвор за испраќање видеа од руската армија на Украинци

Рускиот државјанин Никита Журавел денеска беше осуден на 14 години затвор откако беше прогласен за виновен за велепредавство за наводно испраќање видео од руската војска до украинските разузнавачки служби.

Окружниот суд во Волгоград соопшти дека Журавел „не се согласува со политиката на Руската Федерација“ и дека преку интернет се допишувал со претставник на украинските безбедносни служби и извршувал задачи за него.

Обвинителите изјавија дека Журавел снимил воз полн со воена опрема и воени авиони во 2023 година, а потоа го испратил видеото до претставник на украинската агенција за безбедност.

Журавел веќе отслужува казна од три и пол години за палење на Куранот пред џамијата што му беше изречена во февруари.

Активистите за човекови права велат дека Журавел е политички затвореник и дека бил претепан додека бил во притвор.

Тој беше претепан од 15-годишниот син на Рамзан Кадиров, лидерот на Чеченија. Кадиров дури објави видео на социјалните мрежи и го пофали својот син, што предизвика гнев во јавноста.

Бројот на судења за предавство и шпионажа нагло се зголеми во Русија откако претседателот Владимир Путин влезе во војна со Украина во февруари 2022 година.

Правната дефиниција за предавство е проширена за да го вклучи обезбедувањето на нејасно дефинирана „помош“ за странски земји или организации, што ефективно го изложува на кривично гонење секој што е во контакт со странци. /МИА

Се упокои Митрополитот г.Тимотеј, утре Света Литургија на Плаошник

Утре, со почеток во 9:00 часот, во храмот на Свети Климент Охридски на Плаошник ќе биде отслужена заупокоена Света Архиерејска Литургија.

Со болка во срцата и со искрено сочувство, ја известуваме јавноста дека денеска, 25.11.2024, на споменот на Светиот Јован Милостив, се упокои во Господа нашиот возљубен архипастир, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј.

Свештенството, монаштвото и верниот народ на Дебарско-кичевската епархија се обединети во молитвата за покој на неговата душа, со надеж на воскресение и светло блаженство. Неговиот живот и служба беа светол пример за пастирска љубов, пожртвуваност и посветеност кон Црквата Божја.

Утре, со почеток во 9:00 часот, во храмот на Свети Климент Охридски на Плаошник ќе биде отслужена заупокоена Света Архиерејска Литургија, со која ќе чиноначалствува викарниот епископ на Дебарско-кичевската епархија, Неговото Преосвештенство епископот Антаниски г. Партениј.

Посмртните останки на Митрополитот Тимотеј ќе бидат изложени за проштално збогум од почетокот на Светата Литургија, па сѐ до крајот на вечерната служба истиот ден.

Вечен ти спомен, достојнопочитуван и секогаш споменуван наш сакан архипастиру!

Дебарско-кичевска епархија

притисни ентер