Руските сили ноќеска лансираа 56 дрона кон енергетската инфраструктура на украински регион

Руските сили ноќеска лансираа 56 дрона кон енергетската инфраструктура на украинскиот регион Миколаев

Руските сили во текот на изминатата ноќ лансираа 56 беспилотни летала во Украина, насочени првенствено кон енергетската инфраструктура во јужниот регион Миколаев, изјави утринава регионалниот гувернер Виталиј Ким.

Ким на својот канал на Телеграм изјави дека во ноќниот напад нема жртви, но дека неколку потрошувачи останале без струја.

Украинските воздухопловни сили прецизираа дека во нападот биле погодени пет објекти во региони блиску до линијата на фронтот, пренесуваат британските медиуми.

Во соопштението на украинските ВВС, исто така, се наведува дека противоздушната одбрана соборила 22 дрона, но и дека им се губи трагата на 27 беспилотни летала кои најверојатно паднале на украинска територија.

Градоначалникот на Киев Виталиј Кличко изјави дека остатоци од дроновите паднале во двор на градинката во главниот град, но дека инфраструктурата не е оштетена и нема жртви.

Регионалните власти во североисточниот регион Суми соопштија дека напад со дрон предизвикал пожар во административната зграда и оштетил два автомобила.

СДСМ: Итно да се врати бесплатниот пристап на новинарите до Централниот регистар

Одлуката на актуелната власт да го укине бесплатниот пристап на новинарите до информациите од Централниот регистар претставува директен напад врз слободата на медиумите и уште еден очигледен чекор кон намалување на транспарентноста во државата.

Оваа одлука е обид да се забави работата на новинарите и да се спречи нивната брза и ефикасна истрага за теми од јавен интерес. Со ова, Владата не само што ги гуши медиумите, туку и го загрозува правото на граѓаните да бидат информирани за случувањата во земјата.

Да потсетиме, уште од 2017 година, благодарение на одлуката на Владата предводена од СДСМ, новинарите имаа бесплатен пристап до базата на Централниот регистар, со што можеше брзо и ефикасно да се обезбедат потребните податоци за истражувачките новинарски стории. Со сегашната одлука, ова право се укинува, што дополнително го ограничува пристапот до информации од јавен карактер, кои се клучни за транспарентноста и отчетноста на власта.

Актуелното раководство на Централниот регистар одлучи дека оваа одлука на претходната влада „не е во согласност со законот“, според кој бесплатен пристап имаат само корисниците на средства од Буџетот на Република Северна Македонија, но не и новинарите. Ова е неприфатливо и претставува брутален обид за замолчување на медиумите и ограничување на нивната улога во контролата врз власта.

СДСМ најостро ја осудува оваа одлука и бара итно да се врати бесплатниот пристап на новинарите до Централниот регистар! Власта нема право да ги спречува новинарите во нивната работа и да ја урива транспарентноста која е темел на демократијата. Новинарите мора да имаат слободен пристап до сите информации кои се во интерес на јавноста, за доброто на граѓаните и на нашето општество.

Транспарентноста е должност, а не право кое треба да се ускратува!

СДСМ

Северна Италија погодена од невреме кое предизвика поплави и прекини во сообраќајот

Северот на Италија е зафатено од невреме кое предизвика лизгање на земјиштето и поплави, поради што железничкиот сообраќај е запрен, а училиштата на некои места беа затворени.

Невремето посебно го погоди северозападниот регион Лигурија.

Два лета кон Џенова беа пренасочени за Пиза и Торино, додека летовите од Рим и Пиза беа пренасочени за Катанија или откажани. Во Емилија Ромања и пристанишниот град Ла Специја е вклучен портокалов аларм, каде што училишта се затворени, пренесува „Стампа“.

Надлежните служби наведуваат дека невремето денеска ќе ја погоди и Ломбардија и Тоскана. Особено внимание е посветено на провинциите Парма и Пјаченца, како и на планинските и ридските области на покраината Реџо Емилија.

Во Милано е вклучен жолт метеоаларм поради опасност од поплави на двете реки Севезо и Ламбро. Надлежните апелираа до граѓаните да не се задржуваат во близина на дрвја, скелиња и градилишта за време на невремето.

Србија: Детето масовен убиец го продолжува сведочењето во Специјалниот суд

Србија: Детето масовен убиец го продолжува сведочењето во Специјалниот суд, денеска одговара на прашања на родителите.

Момчето К.К. (14), кое изврши масовно убиство во основното училиште Владислав Рибникар во Белград, денеска е изведен во Специјалниот суд каде треба да продолжи да сведочи во судскиот процес против неговите родители Миљана и Владимир Кецмановиќ, јави дописникот на МИА од Белград.

Тој е донесен со возило на Брза помош во придружба на полицијата и ќе биде сослушан како сведок. Влезот во психијатриската болницата каде се наоѓа К.К. беше покриен со паравани, а припадниците на полицијата го прекрија телото на момчето-убиец спроведувајќи го во возилата до судот.

Малолетникот на 8 октомври почна со распит од обвинителите и адвокатите, а почнаа да поставуваат прашања и оштетените.

Судењето е затворено за јавноста поради заштита на оштетенте малолетници.

Во овој случај им се суди на родителите на момчето Владимир и Миљана Кецмановиќ и на инструкторот на стрелиштето Немања Маринковиќ кој е обвинет за кривично дело давање лажен исказ.

За денеска планирано е момчето-убиец да продолжи да одговара на прашањата на членовите на семејствата на жртвите, но и на неговите родители, бидејќи тоа Кецмановиќи го побараа од судијата на минатото рочиште.

Претставникот на оштетените Огњен Божовиќ пред почетокот на судењето на новинарите им рече дека денеска треба да продолжи распитот на малолетниот К.К и изрази надеж дека ќе се разбере мотивите како се случило масовното убиство на 3 мај.

Тој оцени дека овој судски процес оди во насока на осудителна пресуда и додаде дека сведочењето на К.К. не е пресудно, но е значајно.

Божовиќ додаде дека од почетокот бил за тоа судењето да биде отворено за јавноста, но и дека протекувањето информации од оваа постапка ја отежнува работата и дополнително ги трауматизира жртвите.

Родителите на малолетниот убиец Миљана и Владимир Кецмановиќ на претходните судења ја дадоа својата одбрана и ја негираа вина.

Таткото на момчето е обвинет дека сторил кривично дело – тешко кривично дело против општата безбедност, бидејќи однел 13-годишно дете на стрелиште и го научил да пука, како и дека небезбедно дома чувал оружје.

Мајката Миљана Кецмановиќ е обвинета затоа што нејзината ДНК е пронајдена на чаура во училницата каде што бил извршен масакрот.

Момчето К.К., во моментот на ова кривично дело сè уште немало 14 години поради што не одговара кривично, стрелал на своите соученици од два пиштоли на татко му.

Потоа истите кобниот ден ги ставил во ранец, отишол на училиште и на првиот час убивајќи 10 луѓе, и ранувајќи уште пет деца и наставничката по историја.

притисни ентер