Србија: Детето масовен убиец го продолжува сведочењето во Специјалниот суд

Србија: Детето масовен убиец го продолжува сведочењето во Специјалниот суд, денеска одговара на прашања на родителите.

Момчето К.К. (14), кое изврши масовно убиство во основното училиште Владислав Рибникар во Белград, денеска е изведен во Специјалниот суд каде треба да продолжи да сведочи во судскиот процес против неговите родители Миљана и Владимир Кецмановиќ, јави дописникот на МИА од Белград.

Тој е донесен со возило на Брза помош во придружба на полицијата и ќе биде сослушан како сведок. Влезот во психијатриската болницата каде се наоѓа К.К. беше покриен со паравани, а припадниците на полицијата го прекрија телото на момчето-убиец спроведувајќи го во возилата до судот.

Малолетникот на 8 октомври почна со распит од обвинителите и адвокатите, а почнаа да поставуваат прашања и оштетените.

Судењето е затворено за јавноста поради заштита на оштетенте малолетници.

Во овој случај им се суди на родителите на момчето Владимир и Миљана Кецмановиќ и на инструкторот на стрелиштето Немања Маринковиќ кој е обвинет за кривично дело давање лажен исказ.

За денеска планирано е момчето-убиец да продолжи да одговара на прашањата на членовите на семејствата на жртвите, но и на неговите родители, бидејќи тоа Кецмановиќи го побараа од судијата на минатото рочиште.

Претставникот на оштетените Огњен Божовиќ пред почетокот на судењето на новинарите им рече дека денеска треба да продолжи распитот на малолетниот К.К и изрази надеж дека ќе се разбере мотивите како се случило масовното убиство на 3 мај.

Тој оцени дека овој судски процес оди во насока на осудителна пресуда и додаде дека сведочењето на К.К. не е пресудно, но е значајно.

Божовиќ додаде дека од почетокот бил за тоа судењето да биде отворено за јавноста, но и дека протекувањето информации од оваа постапка ја отежнува работата и дополнително ги трауматизира жртвите.

Родителите на малолетниот убиец Миљана и Владимир Кецмановиќ на претходните судења ја дадоа својата одбрана и ја негираа вина.

Таткото на момчето е обвинет дека сторил кривично дело – тешко кривично дело против општата безбедност, бидејќи однел 13-годишно дете на стрелиште и го научил да пука, како и дека небезбедно дома чувал оружје.

Мајката Миљана Кецмановиќ е обвинета затоа што нејзината ДНК е пронајдена на чаура во училницата каде што бил извршен масакрот.

Момчето К.К., во моментот на ова кривично дело сè уште немало 14 години поради што не одговара кривично, стрелал на своите соученици од два пиштоли на татко му.

Потоа истите кобниот ден ги ставил во ранец, отишол на училиште и на првиот час убивајќи 10 луѓе, и ранувајќи уште пет деца и наставничката по историја.

Лисабон прогласен за најдобра гурманска дестинација во Европа

Натпреварот „Светски готварски награди“ има за цел поттикнување и распространување на глобалната култура на јадење и готвење, како и да го поттикне гастрономскиот туризам. 

Така, на петтото издание на натпреварот, главниот град на Португалија, Лисабон е прогласен за најдобра гурманска дестинација во Европа.

Почесната награда, како признание за разновидната и висококвалитетна гастрономска понуда, беше доделена на свеченоста во Дубаи, Обединетите Арапски Емирати. Освен Лисабон, меѓу градовите-натпреварувачи, беа и Барселона, Шпанија; Копенхаген, Данска; Фиренца, Италија; Лондон, Англија; Париз, Франција; и Виена, Австрија. Победникот е избран со јавно гласање.

Градоначалникот на Лисабон, Карлос Моедас изјави дека е голема чест да се види дека лисабонскиот идентитет се почитува и оти е горд што португалската гастрономска традиција, комбинирана со иновациите, сега е препознаена.

Она по што Лисабон е познат, е традиционалната храна, но и рестораните и готвачите со заслужената престижна готвачка „Мишелин“ ѕвезда, кои постигнуваат специфичен вкус и храна. Со широката гастрономска понуда, Лисабон привлекува сѐ повеќе посетители од целиот свет и со тоа придонесува за подобрување на квалитетот на својот туризам.

Маринакис: Патот на Македонија кон Европа поминува преку Грција и почитувањето на Преспа

Патот на Македонија кон Европа поминува преку Грција и почитувањето на Договорот од Преспа.

Патот на Македонија кон Европа поминува преку Грција и почитувањето на Договорот од Преспа, рече портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис на денешниот брифинг со новинарите одржан во Солун, јави дописничката на МИА од Атина.

Одговарајќи на новинарско прашање за ЕУ перспективата на земјава, за Договорот од Преспа и евентуална средба на двајцата премиери, Маринакис коментираше дека му е драго што го прашуваат и што има можност да одговори од Солун, повторувајќи ги позициите на актуелната грчка Влада.

Потсети дека како опозиција не гласаа за Договорот и дека тогаш Мицотакис „рече дека штом биде изгласан нема да може да се поништи“, уште еднаш повтори зошто Грција сè уште не ги има ратификувано меморандумите и посочи дека соседната земја треба да го стори она што се подразбира.

-Почитувањето (на Договорот од Преспа) е неопходен предуслов на овој пат, за ова не се разговара, ниту пак ќе се промени нешто во оваа констатација и позиција, која е и нашата национална позиција. Размислете колку е оправдана грчката Влада и лично премиерот што не побрза, како што бараа други партии во грчкиот Парламент, да ги ратификува соодветните меморандуми, со што всушност ќе имаше дадено сѐ, пред нашите соседи да го имаат направено минималното. Очекуваме да го направат минималното и очигледното за да водиме која било друга дискусија, рече Маринакис.

„Ербас“ изврши успешна демонстрација со новиот самоуправувачки хеликоптер

Одделот на „Ербас“ за Вселената и за одбрана (Airbus US Space & Defense) неодамна изврши успешна демонстрација со самоуправувачки хеликоптер. 

Станува збор за програма дизајнирана за поддршка на американските маринци, а вежбата се одржа во воздухопловната база „Њу ривер“ и кампот „Лежун“ во САД како дел од Проектот за подобрување на воздушната логистика.

На вежбата беа оценувани одликите на самоуправувачкиот хеликоптер „Ербас УХ-72-Б Лакота“ и беше потврдена неговата способност за пренос на специјализиран товар. Беа прикажани и новите стратегии за исполнување на барањата на Маринскиот корпус на САД за воздушно логистичко поврзување и за поддршка на експедитивни операции.

Овој настан е дел од Програмата за брзо прототипирање на средно ниво на аквизиција, којашто има за цел да ги демонстрира способностите на прототипот на авион преку низа оперативни демонстрации и експерименти.

Демонстрациите ќе продолжат до крајот на оваа година, но и наредната 2025 година.

Хеликоптерот, инаку, е заснован на платформата „Ха-145/УХ-72“ (H145/UH-72), што е, всушност, лесен хеликоптер наменет за комерцијални, јавни и воени цели низ целиот свет. Новиот самоуправувачки хеликоптер има скоро два тони носивост, како што се стандардни воени контејнери и минофрлачи, многу брзо и на оперативно релевантни растојанија. Ниската цена за набавка на хеликоптер без екипаж го прави леталото попристапно и корисно во тешко пристапни средини. Досегот е речиси 350 наутички милји, т.е. 648 километри.

притисни ентер