Oпштините Конче, Василево и Радовиш ќе имаат снабдување со електрична енергија од овие фотонапонски централи.
Министерот за локална самоуправа, Златко Перински денеска на пуштање на фотонапонските централи истакна дека ова е пример како можат да се искористат 300 сончеви денови во годината.
-Станува збор за инвестиција во дел на создавање на енергетски независен регион, нешто што сите региони во иднина треба да се фокусираат. Затоа што само на тој начин можат да станат енергетски независни, да ги минимизираат режиските трошоци на ниво на локални самоуправи, а со тоа да го подигнат и квалитетот на живот на граѓаните и секако да се развиваат во насока на заштитата на животната средина, вели Перински.
Министерот за локална самоуправа, Перински истакна дека за реализација на проектот финансиската поддршка доаѓа од Швајцарската Агенција за развој и соработка и од ова министерство.
Директорот на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион, Ѓоко Камчев, подвлече дека проектот таргетира нови софтверски решенија во делот наискористување и производство на електрична енергија од алтернативни извори наенергија и заштита на животната средина, како и ефикасно следење и пренасочување на произведената енергија таму каде што во определен момент е потребна. Камчев забележа дека Југоисточниот плански регион е прв кој реализира еден ваков проект и какошто рече ќе покажат во која насока општините и регионот треба да се движат. -Сметам дека трошоците за електрична енергија во иднина ќе бидат серизоно намалени и со тие средства општините ќе инвестираат како во развој на образованието, така и во развој на инфраструктурата во нивните општини, вели Камчев.
Градоначалникот на Општина Радовиш, Ацо Ристов истакна дека овие централи ќе обезбедуваат приходи на општините, но и ќе се намалат и сметките за електрична енергија, а со генерирање на приходи од продажбата на струјата Општина Радовиш ќе може средствата да ги користи и за други инфраструктурни проекти.
Инаку, струјата која ќе се произведува од овие две фотонапонски центри ќе биде распределена по 25% за општините Конче и Василево, а останатите 50 % ќе ги добива Општина Радовиш. Вкупната инвестиција изнесува околу 23 милиони денари, од кои најголем дел се обезбедени од Министерството за локална самоуправа и Швајцарската развојна агенција, а свое учество имаат и трите општини. Зафатот се реализира од грантовата шема на проектот „Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој-втора фаза“.