СДСМ: Итно да се врати бесплатниот пристап на новинарите до Централниот регистар

Одлуката на актуелната власт да го укине бесплатниот пристап на новинарите до информациите од Централниот регистар претставува директен напад врз слободата на медиумите и уште еден очигледен чекор кон намалување на транспарентноста во државата.

Оваа одлука е обид да се забави работата на новинарите и да се спречи нивната брза и ефикасна истрага за теми од јавен интерес. Со ова, Владата не само што ги гуши медиумите, туку и го загрозува правото на граѓаните да бидат информирани за случувањата во земјата.

Да потсетиме, уште од 2017 година, благодарение на одлуката на Владата предводена од СДСМ, новинарите имаа бесплатен пристап до базата на Централниот регистар, со што можеше брзо и ефикасно да се обезбедат потребните податоци за истражувачките новинарски стории. Со сегашната одлука, ова право се укинува, што дополнително го ограничува пристапот до информации од јавен карактер, кои се клучни за транспарентноста и отчетноста на власта.

Актуелното раководство на Централниот регистар одлучи дека оваа одлука на претходната влада „не е во согласност со законот“, според кој бесплатен пристап имаат само корисниците на средства од Буџетот на Република Северна Македонија, но не и новинарите. Ова е неприфатливо и претставува брутален обид за замолчување на медиумите и ограничување на нивната улога во контролата врз власта.

СДСМ најостро ја осудува оваа одлука и бара итно да се врати бесплатниот пристап на новинарите до Централниот регистар! Власта нема право да ги спречува новинарите во нивната работа и да ја урива транспарентноста која е темел на демократијата. Новинарите мора да имаат слободен пристап до сите информации кои се во интерес на јавноста, за доброто на граѓаните и на нашето општество.

Транспарентноста е должност, а не право кое треба да се ускратува!

СДСМ

„Ербас“ изврши успешна демонстрација со новиот самоуправувачки хеликоптер

Одделот на „Ербас“ за Вселената и за одбрана (Airbus US Space & Defense) неодамна изврши успешна демонстрација со самоуправувачки хеликоптер. 

Станува збор за програма дизајнирана за поддршка на американските маринци, а вежбата се одржа во воздухопловната база „Њу ривер“ и кампот „Лежун“ во САД како дел од Проектот за подобрување на воздушната логистика.

На вежбата беа оценувани одликите на самоуправувачкиот хеликоптер „Ербас УХ-72-Б Лакота“ и беше потврдена неговата способност за пренос на специјализиран товар. Беа прикажани и новите стратегии за исполнување на барањата на Маринскиот корпус на САД за воздушно логистичко поврзување и за поддршка на експедитивни операции.

Овој настан е дел од Програмата за брзо прототипирање на средно ниво на аквизиција, којашто има за цел да ги демонстрира способностите на прототипот на авион преку низа оперативни демонстрации и експерименти.

Демонстрациите ќе продолжат до крајот на оваа година, но и наредната 2025 година.

Хеликоптерот, инаку, е заснован на платформата „Ха-145/УХ-72“ (H145/UH-72), што е, всушност, лесен хеликоптер наменет за комерцијални, јавни и воени цели низ целиот свет. Новиот самоуправувачки хеликоптер има скоро два тони носивост, како што се стандардни воени контејнери и минофрлачи, многу брзо и на оперативно релевантни растојанија. Ниската цена за набавка на хеликоптер без екипаж го прави леталото попристапно и корисно во тешко пристапни средини. Досегот е речиси 350 наутички милји, т.е. 648 километри.

Минчев: Треба да се донесе закон за правична застапеност кој ќе биде долгорочен и применлив

Министерот за јавна администрација Горан Минчев смета дека не треба да се брза со законот за правична застапеност затоа што треба да се направи соодветно законско решение кое ќе биде долгорочно и применливо.

Законот, според Минчев, треба да помине низ јавна дебата со вклученост на експерти, а пред да биде донесен, да се добие и мислење од Венецијанската комисија.

- Во ова општество секој може да направи закон и тоа не е најважното прашање кој ќе го направи законот. Она што е многу битно е дека во владината коалицијата постои капацитет за политички дијалог да се дојде до една содржина на законско решение кое нема да биде предмет на повторно евентуално нова одлука на суд. Тоа значи дека треба да не се брза со ова законско решение, дека треба да се отвори јавна расправа во која што ќе се вклучат оние надлежни, а тоа е експертската јавност, посебно оние кои се задолжени за уставотворноста на евентуалното законско решение. Притоа да потенцирам дека правичната застапеност е уставна категорија, што значи дека треба да се дојде до една драфт верзија или, пак, Нацрт-закон кој на крајот по сериозна дебата, треба да биде доставен до Венецијанската комисија со цел да имаме соодветно решение кое што ќе биде долгорочно со добра содржина, но најважно од се применливо. Се надевам дека Владата ќе дојде до тоа решение, но потенцирам не треба да се брза затоа што таа уставна категорија ќе важи и сега, етничките заедници ќе имаат можност да се вработуваат согласно постоечките закони и без овие одредби коишто се укинати од страна на Уставниот суд, рече Минчев на денешната дебата во Владата посветена на економијата, финансиите и јавната администрација.

Минчев вели дека нема да има вработувања на нестручен кадар само поради неговата етничка припадност, но посочува и дека не треба етничката припадност да се поврзува со мерит системот. Според него, етничката припадност не е единствената причина за лошиот рејтинг на дел од јавната администрација, туку причините треба да се бараат и во партиските вработувања во администрацијата.

- Мерит системот значи надоградување на кариерата врз база на квалитет, стручност и покажани резултати. Тој функционирал и без балансерот, значи етничките заедници се вработувани и пред 2001 година и ние сме имале сериозно добра администрација. И тука нема да потенцирам дека само припадници на етничката заедница допринеле до слаб или пак, лош квалитет на дел од јавната администрација. Тоа не е само етничко прашање. Тоа е прашање на партиски вработувања, прашање на непотизам кое што се темели на една нестручност на дел од јавната администрација, рече Минчев.

Законот за висока раководна служба, како што најави, во план е да биде донесен следната година.

Тухел не знае дали Кејн ќе остане капитен на Англија

 Новиот селектор на Англија, Томас Тухел, одговори на прашањето дали напаѓачот Хари Кејн ќе остане капитен на националниот тим под негово водство.

- Сите знаат како се чувствувам за Хари. Морав да работам напорно за да го доведам во Баерн. Тој веќе е на пат да стане легенда. Што се однесува до капитенската лента во англиската репрезентација, рано е да се носат такви одлуки. Сакам да му оддадам почит на Ли Карсли и да не му се мешам во работата, изјави Тухел за „Goal“.

Вчера Фудбалската асоцијација на Англија го објави назначувањето на Тухел за селектор на националниот тим. Германскиот стручњак ќе ги преземе своите обврски на 1 јануари 2025 година.

Последната работа на Тухел беше Баерн Минхен, кој го водеше од март 2023 до јуни 2024 година. Од јануари 2021 година до септември 2022 година, Германецот беше тренер на Челзи.

притисни ентер