Ричлиев: Време е да се размислува за наследници на „спартанците“

 Најдобрите македонски одбојкари имаа одличен настап на Европското првенство. 

Остваривме две очекувани победи,едноставно играчите го дадоа својот максимум и постигнаа голем успех со влегувањето во осминафиналето. Сега е време да се размислува за наследници на нашите „спартанци“, како што ги нарекуваат многумина и се надевам дека во иднина стручниот штаб ќе им даде поголема шанса за докажување и на помладите играчи.

Ова е оценка на тренерот на повеќекратниот македонски одбојкарски шампион и освојувач на купот, Струмица Никоб, Кирил Ричлиев, поранешен селектор на младинската репрезентација и поранешен прв соработник на старо-новиот селектор, Јошко Миленковски.

Додава дека сега на потег е Одбојкарската федерација, која треба да направи план како по овој шампионат, односно како да се вложува повеќе во младите категории.

-Се надевам дека овој голем успех ќе придонесе за поголема анимација на одбојката и да привлечеме што поголем број на деца во салите, но и да влезат добри спонзори. Младински школи имаат скоро сите клубови, но ние како клуб на нив посветуваме големо внимание. Одбојката е олимписки спорт и треба да се направи соодветна селекција. Мене ми се потребни минимум од 6 до 8 години за да почне одбојкарот да чука на вратите на репрезентацијата. Клубот треба постојано да вложува, а корист од тоа покрај одбојкарите секако има и репрезентацијата, додава Ричлиев, кој создаде најголем број од денешните репрзентативци кои потекнуваат од Струмица и некои од нив настапуваат за актуелниот шампион, а други се признати интернационалци.

На клупски план вели дека најдобрите струмички одбојкари и оваа година ќе настапуваат во Лигата на шампиони во група во Бургас, Бугарија.

-Во група сме во Бургас каде домаќинот е голем фаворит за првото место, а ние со екипите на Будва и унгарскиот Кечкемет ке се бориме за втората позиција кој води понатаму, во друга група. Екипата за разлика од минатиот шампионат за нијанса е послаба, иако ростерот се уште не е завешен. Се надевам дека во најкраток рок ќе се екипираме и ќе имаме доволно време да се подготвиме за идните предизвици, додава Кирил Ричлиев.

На крајот инфорираше дека во тек се уписите на нови членови во пионерскиоте екипи и како што вели, секој кој е заинтересиран може да дојде и да се зачлени и да ги изучува тајните на одбојкарската игра, и еден ден да стане врвен играч и репрезентативец на нашата држава.

Бајден: Ќе направиме се што можеме за да се избегне проширување на конфликтот на Блискиот Исток

Американскиот претседател Џо Бајден денеска изјави дека е загрижен за тензиите на Блискиот Исток и увери дека „ќе стори сé што може“ за да избегне проширување на конфликтот.

-Ќе направиме се што можеме за да избегнеме избувнување на поширока војна. И ќе продолжиме со нашите напори, рече Бајден од Белата куќа.

Многу официјални лица изразуваат загриженост за можното ширење на конфликтот на Блискиот Исток, по заострените односи меѓу Израел и либанскиот Хезболах.

Либанскиот пратеник Хасан Фадлала, член на Хезболах, вчера изјави дека војната со Израел влезе во нова фаза, и дека организацијата е подготвена за секое сценарио, војна или конфронтација. На погребот на еден член на екстремистичкиот Хезболах убиен заедно со десетици други, вкупно 45 лица, во израелски воздушен напад во населба во Бејрут, Фадлала рече дека јужниот фронт одиграл клучна улога во притисокот врз Израел да ја запре војната во Газа.

Израелскиот претседател Исак Херцог вчера го обвини Хезболах за ескалација на насилството и рече дека неговата земја не е заинтересирана да биде во војна со Либан./МИА

Најмалку 22 жртви во напад врз училиште во Газа за кое ИДФ тврди дека било команден центар

Израелските одбранбени сили (ИДФ) соопштија дека нападнале команден центар на палестинската милитантна група Хамас, сместен во зграда во центарот на Газа, која претходно се користела како училиште.

- Центарот за команда и контрола, кој беше вграден во комплексот што претходно служеше како училиште „Калед ибн ал-Валид“, беше користен од терористите на Хамас за планирање и извршување терористички напади против трупите на ИДФ и државата Израел, соопшти израелската војска.

Во соопштението објавено на социјалните мрежи, ИДФ не дава информации за жртвите. Војската соопшти дека „се преземени голем број чекори за да се минимизира ризикот од повредување цивили“.

- „Ова е дополнителен пример за систематска злоупотреба на цивилната инфраструктура од страна на терористичката организација Хамас што го прекршува меѓународното право, истакна армијата.

Палестинските власти соопштија дека најмалку 22 лица, претежно жени и деца, загинале во израелскиот напад врз училишниот комплекс. Портпаролот на Цивилната заштита на Газа, Махмуд Басал, рече дека проектилот го погодил училиштето Ал-Зајтун во близина на градот Газа, кое служело како засолниште за илјадници луѓе./МИА

Најмалку шест жртви во поплавите во Јапонија

Најмалку шест лица загинаа, а 10 се водат како исчезнати откако рекордните врнежи предизвикаа поплави и свлечишта во делови од јапонската префектура Ишикава.

Градовите Ваџима и Сузу, кои сè уште закрепнуваат од разорниот земјотрес што ја погоди областа на 1 јануари, беа меѓу најтешко погодените од поплавите. И двата града вчера регистрираа двојно поголема количина на дожд од вообичаеното за септември, јавија локалните медиуми.

Десетици реки се излеаја од коритата, отсекувајќи ги патиштата и изолирајќи повеќе од 100 заедници низ префектурата, се вели во извештаите. Околу 4.000 домаќинства денеска се без струја, информира компанијата Хокурику Електрик Пауер.

Јапонската метеоролошка агенција во саботата издаде највисоко ниво на предупредување опасно по живот за Ишикава и вчера го намали на нормално предупредување. Сепак, властите повикаа на дополнителна претпазливост.

Поплавите ги преплавија привремените населби изградени за луѓето кои ги загубија своите домови во земјотресот на Нова година. Снимките што ги емитуваше локалната телевизија покажаа цела улица во Ваџима под вода.

Регионот сè уште закрепнува од силниот земјотрес со јачина од 7,5 степени во јануари, во кој загинаа најмалку 236 луѓе, се урнаа згради и предизвика голем пожар./МИА

притисни ентер