Разбиена организирана криминална група за вршење проституција и илегална трговија со дрога

Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал при МВР спровел координирана акција во рамки на која е целосно разоткриено злосторничко здружување во западниот дел од земјата.

Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал при МВР заедно со истражители од Истражниот центар на ОЈО ГОКК, а под раководство на Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција спровеле координирана акција во рамки на која е целосно разоткриено злосторничко здружување во западниот дел од земјата.

Во акцијата од слобода се лишени 13 лица, а едно лице, соопшти денеска МВР, е недостапно на органите на прогонот. Извршени се претреси на 17 локации во тетовскиот регион и во Охрид.

При претресите пронајдени и одземени се патнички возила, поголема количина на пари и злато, ресивери, нож, гасен пиштол, 3 лаптопи, радио врски, книги за евидентирање на гости и сметководствена документација. Во угостителските објекти пронајдени се 35 девојки по потекло од Украина, Русија, РС Македонија, Србија, Молдавија, Албанија и Колумбија.

Групата одреден временски период се занимавала со посредување во вршење проституција и недозволена трговија со дрога, а нелегално стекнатите приходи од овие кривични дела припадниците на групата ги прикривале со перење пари и други приноси од казниво дело. Организираната група, се појаснува во соопштението, ја создал 35-годишник од селото Боговиње, кој ги организирал и координирал криминалните активности на другите припадници на групата и во угостителски објекти во с. Жеровјане, с. Горно Седларце и во Охрид наведувал на проституција девојки-странски државјанки кои работеле како танчерки во стриптиз-клубови.

- Фактичкото работење на два од клубовите го организирал и раководел неговиот брат (второосомничениот), додека третиот осомничен раководел и ја организирал работата на стриптиз-клубот во Охрид. Четвртиот осомничен учествувал во наведувањето на проституција на девојките во угостителските објекти и бил задолжен за организација на нивното патување и влез во нашата земја, како и за олеснување на процедурите за добивање на документи за легален престој за странските државјанки, а давал и насоки за криминалните активности на другите припадници на групата во однос на сместување и превоз на девојките. Петмина припадници на злосторничкото здружување биле задолжени за обезбедување и неовластена продажба на дрога, најчесто кокаин, на девојките и гостите во угостителските објекти. Едниот од нив ги помагал и олеснувал активностите за пренос на дрогата и посебно бил ангажиран за предупредување при полициските контроли и бил задолжен да го следи движењето на полицијата на патот кон клубовите за што ги информирал членовите на групата, соопшти МВР.

Двајца осомничени припадници на групата учествувале во наведувањето на проституција на девојките. Тие биле задолжени за обезбедување на девојки кои ќе работат во стриптиз клубовите, ги наоѓале преку нивни контакти во странски држави, веб страници и на интернет, го организирале нивниот влез во земјава, организирале изработка на лажна документација за фиктивен престој на девојките по хотели во нашата земја, со што ги заобиколувале процедурите за добивање легален престој од управните органи.

За превоз на девојките од аеродром и автобуските станици до стриптиз клубовите каде престојувале и биле сместени, како и превозот при нивното движење пред и по работата во ноќните клубови, соопштија од МВР, бил задолжен дванаесеттиот осомничен.

- Дел од криминалната група биле и две службени лица - затворски службеник од Затворот во Тетово и полицаец – виш инспектор од Тетово кои користејќи ја својата позиција и контактите, ја предупредувале групата за полициски акции, а вршеле влијание и за олеснување на прекршочните постапки кон групата и кон странските државјанки. Со повеќемесечни координирани дејствија на истражителите од Истражниот центар на ОЈОГОКК и припадниците на Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал при МВР активностите и задолженијата на секој член во ова злосторничко здружување се детално документирани и утврдени, појаснуваат од МВР.

Дваесет години трага по скапоцености, а сега нашол златна паричка со неверојатна вредност

Во Англија, поточно Јужен Кембриџшир, Пол Кавел (59) пронашол ретка монета која датира од времето на императорот Трајан, околу 107 година од нашата ера.

Интересно е тоа што Кавел го посетувал истото поле во последните 20 години, барајќи скапоцености.

„Досега најдов неколку римски и средновековни монети, но ова е моето највозбудливо откритие. Тој ден ископав неколку потрошени гранати и решив да се вратам до автомобилот. Тогаш се огласи детекторот и на длабочина од 20 сантиметри видов паричка“, рече тој.

Овој артефакт е исклучително редок, а аукциската куќа Noonans тврди дека само два примерока се видени на пазарот во последните 25 години.

„Монетата е издадена од императорот Трајан во 107 година од нашата ера, откако тој ги повлече од оптек сите истрошени републикански монети“, вели експертот Најџел Милс.

Се очекува да се најде на аукција на 22 октомври за солидна сума, а почетната цена се проценува на меѓу 6.000 и 7.000 евра, пишува Мирор.

Кавел ќе ги сподели неочекуваните пари со сопственикот на полето каде што е пронајдена паричката. Тој вели дека ќе го потроши на нов детектор за метал или за лекување.

Силно невреме на северот на Италија- запрен железничкиот сообраќај, затворени училиштата

Северот на Италија го зафати невреме кое предизвика лизгање на земјиштето и поплави, поради што железничкиот сообраќај беше запрен, а училиштата на некои места беа затворени.

Невремето го погоди северозападниот регион Лигурија.

Два лета за Џенова беа пренасочени кон Пиза и Торино, а летовите од Рим и Пиза беа пренасочени кон Катанија или откажани.

Портокаловиот аларм е вклучен во Емилија Ромања и пристанишниот град Ла Специја, каде училиштата се затворени, пренесува Стампа.

Невремето денеска ги зафати Ломбардија и Тоскана, соопштија надлежните служби.

Вниманието е фокусирано на провинциите Парма и Пјаченца и на планинските и ридските области на провинцијата Реџо Емилија.

Во Милано е активиран жолт метео аларм поради опасност од поплавување на двете реки Севесо и Ламбро.

Надлежните апелираа до граѓаните да не застануваат во близина на дрвја, скелиња и градилишта за време на невремето.

Нов АСНОМ: Добивме забрана да го чествуваме Кресненското востание

Македонците во Бугарија добија забрана за одбележување на Кресненското востание.

Од Македонскиот клуб за етничка толеранција велат дека слично како и претходните години кога без проблем одбележувале, доставиле известување до Општина Кресна дека ќе положат цвеќе пред споменикот на Димитар Поп Георгиев Беровски кој се наоѓа во центарот на градот. Но непријатно биле изненадени кога од општината добиле известување дека на 20 октомври, датумот кој требало да го одбележат, градот имал планирано други настани.

-Кметот на Кресна ни забрани. Поднесовме тужба во судот, но тој ни прати ново писмо одговор дека имаат настани за да можеме да го направиме одбележувањето како што треба. Секогаш ќе имаме пречки и не се надевам дека ќе се среди нешто, барем не додека јас сум жив. Мислат дека ќе објавиме востание и ќе објавиме независност, од тоа се плашат,- изјави – Ангел Радонов – Македонски клуб за етничка толеранција Благоевград.

Во образложението на Општина Кресна стои дека на 18, 19 и 20 октомври го слават празникот на градот и им сугерираат на македонците да изберат друг датум за настан, што според нив е уште еден обид за дискриминација. Во меѓувреме се соочуваат и како што велат со нова неправда откако и Европскиот суд на правдата во Луксембург неодамна прогласувајќи се за ненадлежен им ја отфрли тужбата против ЕК со која бараа Бугарија да дозволи регистрација на Македонскиот клуб за етничка толеранција.

-Со оваа пресуда со пшотпис и печат, дискриминацијата против македонците во ЕУ е озаконета. Затоа што ЕК и Судот за правда се ставаат на страната на Бугарија против кршењето на основните човекови права на македонците. Истите две институции и даваат сигнал на Бугарија да продолжи со дискриминацијата а тие се тука истата да ја помогнат.- изјави – Сашо Маневски – Претседател на Нов АСНОМ.

Минатиот месец Комитетот на министри на Советот на Европа донесе одлука со која од Бугарија побара до 16 декември да одговори какви чекори ќе преземе околу спроведувањето на 14-те пресуди на Европскиот суд за човекови права. Од Софија се очекуваат резултати од веќе формираната работна група која треба да подготви законски или уставни измени кои ќе овозможат регистрација на македонските здруженија.

притисни ентер