Променливо облачно, на планините снег

Времето претпладне ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Во западните делови ќе биде облачно со врнежи од дожд, а на повисоките планини снег. Попладне врнежите ќе се интензивираат и ќе се прошират насекаде. Пообилни врнежи ќе има во западните подрачја каде локално се очекува да наврнат над 30 литри на метар квадратен. Ќе дува засилен југозападен ветер, над 70 километри на час, а на планините и над 100 километри на час.

Максималната температура ќе биде висока, во интервал од 8 до 16 степени. Поради брз продор на студена воздушна маса проследен со засилен северен ветер, во вечерните и ноќните часови врнежите ќе преминуваат во снег и на некои пониски места, особено во северните и западните подрачја. На планините, претежно на запад, ќе има значително зголемување на снежната покривка, локално и над 30 сантиметри, а ќе има и појава на снежни наноси.

Во Скопје слично време, променливо облачно, попладне и во вечерните часови ќе има повремен дожд. Преку денот ќе дува умерен ветер од југозападен првец, а кон крајот на денот ќе го промени правецот во северозападен. Во текот на ноќта и во повисоките делови од Скопската котлина е можно врнежите да преминуваат во снег. Температурата ќе се движи од два до 12 степени.

Како што соопшти УХМР, најстудено било во Берово и Штип каде се измерени минус два степени, во Крива Паланка минус еден, нула во Пожаране и Гевгелија. Најтопло било во Охрид со шест степени.

До седум часот највисока снежна покривка од пет сантиметри има во Маврово и Крушево, а четири во Лазарополе.

Во изминатите 24 часа, односно до 7 часот, најмногу дожд наврнало во Охрид, 10 литри на метар квадратен, во Маврово седум, а во Лазарополе шест литри на метар квадратен.

Во наредните два дена ќе биде стабилно и суво. Утре ќе биде постудено со засилен северозападен ветер, а дневните температури значително ќе опаднат и ќе бидат во интервал од еден до 8 степени. В петок под влијание на југозападно струење дневните температури ќе бидат повисоки. Нови врнежи се очекуваат од сабота попладне. /МИА

Надлежните со апел да се внимава со палење огнови на отворено за првомајските празници

Страотините слики од пламените јазици, опустошените шуми и битките со пожарите во изминативе неколку години се уште се во свежо сеќавање, а неретко причината за тоа беше и човечки фактор.

На два дена до традиционалните првомајски собири на излетничките места во природа се вклучи алармот кај институциите за внимателност, бидејќи во спротивно може да се предизвика сериозна животна опасност и материјална штета. Од ЦУК апелираат да се следат препораките за превенција, оган да се пали на дозволени места, а несовесните кои ќе ги заобиколат апелите, барем соодветно да го изгаснат огнот..

-Кога се пали оган во природа, дури и во метална скара, жарот кој се истура или останува после скарата, треба добро да се изгасне, бидејќи откако ќе си заминат излетниците, тоа може да биде фатално во случај да се појави ветер и да ја потфати сувата вегетација.- Илија Бојаровски – Центар за управување со кризи

Казните во однос на опасноста која постои од палењето на оган се несоодветни, вели првиот човек на ДЗС – Беким Максути. Бара целокупен пристап од институциите, бидејќи покренатите кривични дела за опожарување кои нанеле милионски штети на крајот завршиле со казна од 250 евра, доделена од судските органи...

-Сакам да апелирам дека, некој што може да запали оган и што може да предизвика штета од милионски суми, на крајот да заврши со казна од 250 евра мислам дека нема ни логи, нема ни човечност нема ни државност во сето тоа, значи треба да бидеме поригорозни, по стриктни по однос на овие работи.- Беким Максути – Директор на дирекција за заштита и спасување

Како и секоја година, полицијата заедно со национални шуми и овие првомајски празници ќе бидат на терен за превенција да дојде до несакани последици...

-Апелираме до граѓаните да не се палат огнови на отворено, затоа што може да биде предизвикан пожар кој може да има тешки последици, како за здравјето на граѓаните, така и за животната средина.- МВР

Како што се наближува летото и горештините, така се наближува и опасноста од евентуални пожари. Од Ер-Тракторите на ДЗС во моментов подготвен за акција е само еден, додека останатите два, еден по друг ќе се испраќаат на 45 дневна поправка. Проблем се и пилотите, ќе мора да се реактивираат двајца веќе пензионирани, додека се обучат нови, а тоа би започнало по изборите според законот. Што се однесува до останатата опрема за борба со пожари велат дека има недостатоци, но дека таа контиунуирано се подобрува.

Македонија се соочува со недостаток на сирупот „Оспен“

Со месеци го нема сирупот Оспен за деца како и дел од лековите за алергија и астма, алармираат педијатрите и родитилеите.

Педијатарката Мира Атанасова вели дека во одредени состојби каде поради зголемено АСО кај децата од бактериска инфекција и со препорака на реваматолог дека детето треба да пие Оспен сируп.

Родителите често заминуваат во други земји или нарачуваат да им се купи сирупот, бидејќи ретко кога може да се најде во Македонија. Доктор Атанасова вели дека поради одредена здравствена состојба оспенот е повеќе од потребен.

Во разговор со МАЛМЕД рекоа дека разговарале со производителот во наредниот период да има сируп Оспен. ОД МАЛМЕД објаснуваат дека дефицит со овој сируп има во цела Европа.

Вработените во фондот за здравство утре излегуваат на протест

Вработените во фондот за здравство утре повторно излегуваат на протест.

Целта како што велат е да го изразат незадоволството дека не добиле усогласување на платите со растот на минималецот. Дополнително, бараат да се донесе и вредносен бод, за да се зачуваат тие плати што ги имаат. Велат дека се разочарани од односот на управниот одбор на фондот, бидејќи членовите според нив, не сакале да изгласаат порамнување на платата.

На протестот според Деаноски ќе се бара и разрешување на управниот одбор кој обвинува дека е против барањата на вработените.

Доколку утрешниот протест на вработените во ФЗОМ не вроди со плод, синдикалците најавија штрајк од 1. Јуни. Инаку, ова не е првпат да има проблеми во Фондот за здравство. Во февруари, вработените два дена штрајкуваа поради најавата од Управниот одбор дека платите ќе им бидат намалени за 21 процент. Сепак, до такво нешто не дојде.

притисни ентер