Предизборни калкулации околу составот на идната влада

Откако ги прозваа дека за да му се допаднат на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ се откажале и од условот за уставни измени, албанските опозиционери ги повторија нивните барања за  учество во новата влада. 

Лидерот на Алтернатива, Африм Гаши порача дека коалицијата „Вреди“ е доследна на ставот за усвојување на уставните измени и тоа во конкретен рок, како и дека претседателот на државата треба да се избира во Собранието. Според Гаши, тие се обврзани да бидат дел од идната влада во која ќе водат важни институции од секторот за внатрешни работи. Со ВМРО-ДПМНЕ, вели, се уште не разговарале за темата уставни измени, но оти за тоа е потребен поширок консензус и дебата.

Позициите од кои не планираат да се откажат ги повтори и потпретседателот на ДУИ, Османи - усвојување на уставните измени, почитување на договорите како и ветинг, се условите за коалицирање на „интегративците“. На Мицкоски му одговори дека тој не одлучува кој ќе биде претставник на Албанците во новата влада туку народот, а скандирањето „УЧК“ од лидерот на ДУИ Ахмети на митинг среде Скопје, според Османи, е реакција на националистичката реторика од Мицкоски која ги иритирала Албанците.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ на митинг синоќа од Битола упати порака до Мала Речица, како што рече, да не праќаат емисари да го премислат, бидејќи партнерот за новата влада ќе го бара во албанската опозиција, а на ДУИ време и е за опозиција и одговорност.

Отворена врата за коалицирање Мицкоски остави и за движењето ЗНАМ на Максим Димитриевски и во партиите со кои ќе споделуваат исти принципи и вредности и чии гласови ги очекува на контото на Силјановска Давкова во вториот круг од претседателските избори.

Барселона сака да го позајми Дијаз од Ливерпул

Напаѓачот на Ливерпул, Луис Дијаз може да ја продолжи кариерата во Ла Лига.

Според „Todofichajes“, Барселона е заинтересирана да го добие фудбалерот на позајмица.

Спортскиот директор на каталонскиот клуб, Деко разговараше со претставници на напаѓачот.

Тренерот на Барселона, Чави, го одобри трансферот.

Оваа сезона во англискиот шампионат, 27-годишниот Дијаз одигра 36 натпревари, постигна осум гола и пет асистенции. Неговиот договор со „Црвените“ е до летото 2027 година.

Гордан Јандроковиќ реизбран за претседател на хрватскиот Сабор

 Гордан Јандроковиќ од владејачката централно-десничарска партија Хрватска демократска заедница (ХДО) по трет пат е избран за претседател на хрватскиот Сабор. 

Никој од неговите 11 претходници не го постигна тоа во 34 години постоње на хрватскиот Сабор.

Со назначувањето на Јандроковиќ за претседател, беше завршено конституирањето на 11. Сабор откако Хрватска стана независна во 1990-тите.

На изборите на 17 април, ХДО освои 61 мандат во 151-члениот хрватски Сабор, но го нема потребното мнозинство за да добие мандат за формирање влада и мора да преговара со коалициските партнери. Следуваше главната опозициска Социјалдемократска партија со 42 мандати, Патриотското движење освои 14, десничарскиот Мост 11, а зелено-левичарската платформа Можем - 10 мандати. Во Саборот влегуваат уште три помали партии. На претставниците на малцинствата им се загарантирани осум пратенички места, а на дијаспората три.

Јандроковиќ е избран со 144 гласа „за“ и 6 „против“.

Индонезија го подигна нивото на тревога за вулканот Ибу на највисоко ниво

Индонезиската вулканолошка агенција денеска го подигна нивото на тревога за вулканот Ибу на највисоко ниво по серијата неодамнешни ерупции.

Во соопштението, агенцијата исто така ги предупреди околните жители да не се приближуваат до вулканот, кој се наоѓа на оддалечениот остров Халхама.

Вулканот Ибу еруптираше на 13 мај.

притисни ентер