Прочистителна станица во село Орман со средства од европските ИПА фондови

Заменикот на претседателот на Владата за европски прашања Бојан Маричиќ и министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, во рамките на денешната работна посета на општината Ѓорче Петров, ја посетија и прочистителната станица во Орман.

- Владата инвестира во иднината и подеднакво се грижи за сите граѓани на Македонија. Со европски средства, преку Инструментот за претпристапна помош - ИПА фондовите, вложивме 330.000 евра само во општина Ѓорче Петров, со што се решава еден многу важен проблем на жителите на селото Орман, на градот, околината и директно влијае на подобрување на условите за живот и животната средина, рече Маричиќ.

Тој потсети дека жителите на селото се соочуваа со сериозен недостиг од основни јавни услуги односно пристап до еколошки системи и третман на отпадни води во Орман. Загадените подземни и површински води, како и предизвиканата контаминација на почвата, додаде, ги нарушуваат постоечките норми за безбедност на храната и квалитативните норми за производство на здрави и безбедни земјоделски производи.

Маричиќ нагласи дека со реализација на пилот интервенции за третман на отпадни води и управување со цврст отпад во прекуграничниот регион и со градењето на колекторот за отпадни води во село Орман, се зајакнува капацитетот за управување и намалување на ризиците од загадување на животната средина. Со овој проект, истакна тој, се решава проблемот на одлагање на комунален отпад и канализација на жителите на Орман и со тоа директно се влијае на намалување на загаденоста на водата, почвата и храна.

- Оваа инвестиција е една од многуте кои ги реализираме со финансиски средства од Европската Унија, и кој ни овозможува да ги користиме придобивките кои ги имаат земјите членки уште пред нашето зачленување во Европската Унија. Уверен сум дека со полноправно членство во Унијата до 2030 година, сите овие придобивки и можности многукратно ќе се зголемат. Сега е моментот да ја зграпчиме понудената шанса и да продолжиме цврсто и сигурно по тој пат, подвлече Маричиќ.

Кирби: Белата куќа е за продолжување на оперативната пауза во борбите меѓу Израел и Хамас

 САД поддржуваат натамошно продолжување на оперативната пауза на борбите меѓу Израел и Хамас за да се обезбеди ослободување на сите заложници во заробеништво, соопшти Белата куќа.

„Сакаме да ги видиме сите заложници ослободени. Ако може да се пролонгира паузата повеќе од овие дводневни продолжувања... ние сме за тоа. И ќе продолжиме да работиме на ова цело време со сите наши партнери во регионот, изјави портпаролот на Советот за национална безбедност на Белата куќа, Џон Кирби.

На прашањето за претстојната посета на државниот секретар Антони Блинкен на Блискиот Исток, Кирби рече дека неговата четврта посета првенствено ќе се фокусира на реафирмирање на американската поддршка за Израел и олеснување на хуманитарната помош во Газа.

Тој понатаму додаде дека Блинкен ќе се сретне со своите израелски колеги и со други претставници од регионот.

Претставник на Стејт департмент: Путин нема да склучи мир во Украина

Путин нема да склучи мир во Украина пред да ги дознае резултатите од претседателските избори во САД.

Рускиот претседател Владимир Путин нема да склучи мир во Украина додека не ги знае резултатите од американските избори во ноември 2024 година, изјави синоќа висок функционер на американскиот Стејт департмент. Трамп, кој бара реизбор во 2024 година и е фаворит за републиканската претседателска номинација, остро ја критикуваше американската поддршка за Киев.

Висок функционер на Стејт департментот, кој ги брифираше новинарите по состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО во Брисел, рече дека Алијансата ја потврдува својата поддршка за Украина, знаејќи дека мировен договор следната година е малку веројатен.

„Моите очекувања се дека Путин нема да склучи мир, или барем суштински мир, пред да го види исходот од нашите избори“, рече функционерот, кој побара да не биде именуван.

„Ова беше контекстот во кој сите сојузници изразија силна поддршка за Украина“ на состанокот на НАТО, додаде изворот, без да го спомене Трамп по име или да каже конкретно како изборниот резултат ќе влијае на поддршката за Украина.

Американскиот претседател, демократот Џо Бајден, обезбеди огромна воена помош и други форми на поддршка за Киев по целосната инвазија на Русија во февруари 2022 година, но дополнителното финансирање за Украина беше одложено од Претставничкиот дом, контролиран од републиканците.

Борел: Потребен е напредок на учесниците во дијалогот за состојбите во Западен Балкан

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жосеп Борел, објави дека шефовите на дипломатиите на членките на НАТО на синоќешната средба во Брисел имале важна размена на мислења за состојбите во Западен Балкан.

-Ги информирав шефовите на дипломатиите за актуелната ситуација во однос на дијалогот што се води под покровителство на ЕУ. Потребен е напредок на учесниците во дијалогот, напиша Борел на социјалната мрежа „Х“.

Тој укажа на важноста БиХ да го искористи моментот за одлучувачки напредок на патот кон членството во ЕУ.

Пред почетокот на министерскиот состанок на НАТО во Брисел, чија агенда го вклучува Западен Балкан, Борел рече дека мисијата ЕУЛЕКС на Косово ќе продолжи да соработува со КФОР за обезбедување стабилност и безбедност на северот на Косово, соопшти Европската служба за надворешна политика.

Борел додаде дека стабилноста и просперитетот на земјите од Западен Балкан и нивното усогласување со надворешната политика на Унијата се од витално значење за ЕУ.

притисни ентер