Привремениот лидер на АНП Штокер отворен за коалициски преговори со екстремната десница

Новoизбраниот привремен лидер на Австриската народна партија (АНП), Кристијан Штокер, одржа кратка прес-конференција, изразувајќи благодарност до Карл Нехамер за неговата работа како претседател на АНП и федерален канцелар.

Штокер ја поздрави утрешната средба меѓу австрискиот претседател Александер ван дер Белен и лидерот на Слободарската партија на Австрија (ФПО), Херберт Кикл. Тој изјави дека ќе ја прифати евентуалната покана од АПС за започнување коалициски преговори.

Тој потсети дека во минатото жестоко ја критикувал АПС и нејзиниот лидер Кикл, но додаде дека приоритет на Републиката е брзо формирање стабилна влада. Штокер истакна дека очекува претседателот Ван дер Белен да му го довери мандатот за формирање влада на Кикл.

Австрискиот канцелар Карл Нехамер вчера изјави дека ќе поднесе оставка во наредните денови, откако преговорите за формирање нова влада пропаднаа, што се случи откако Австриска народна партија (ОВП) на Нехамер и централно левата Социјалдемократската партија (СПО) ги продолжија коалициските разговори еден ден откако либералната партија Неос неочекувано се повлече од преговорите.

Нехамер најави дека преговарале долго и фер, но дека не е можен договор за клучните точки. Тој додаде дека ги прекинуваат преговорите и нема да ги продолжат.

ОВП, СПО и Неос се обидоа да формираат трипартиска коалиција откако екстремно десничарската ФПО победи на националните избори во септември минатата година. /МИА

Мицкоски за Груби: Сите бегалци од правдата, да дојдат и да се соочат со фактите

Премиерот Христијан Мицкоски денеска ги повика сите бегалци од правдата да се вратат во земјава и да се соочаат со доказите за да може да се види дали се виновни.

- Не би сакал да шпекулирам. Но, ги повикувам сите оние бегалци од правдата, да дојдат и да се соочат со фактите, аргументите и доказите пред органите за да можеме да извлечеме заклучок дали тие се виновни за тоа за кое што постои основано сомневање. Не би можел да откривам било какви детали поврзани со белаците од правдата, рече Мицкоски прашан дали Владата има соработка со албанската Влада бидејќи по некои информации Груби се наоѓа на албанска територија.

Поранешниот прв вицепремиер Артан Груби, заедно со поранешниот директор на „Државна лотарија“ Прпарим Бајрами, се бара со меѓународна потерница во врска со злоупотребите во Државната лотарија во вредност над осум милиони евра. По барање на Јавното обвинителство, им е определен притвор во траење од 30 дена.

Груби е ставен и на црната листа на Стејт департментот на Соединетите американски држави на 9 декември заедно со судијата на Апелацискиот суд Енвер Беџети поради нивна вмешаност во значителна корупција.

Српските специјалци ликвидираа маж кој уби едно лице во Јагодина

Српскиот министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ синоќа соопшти дека припадници на Специјалната антитерористичка единица ликвидирале 48-годишен маж во Јагодина, кој уби едно лице и тешко рани друго.

Инцидентот се случил синоќа, кога напаѓачот отворил оган во локален објект по расправија. Веднаш по инцидентот, напаѓачот пружил отпор и стрелал кон полицијата, по што бил ликвидиран./МИА

Честитка од Мицкоски по повод Божиќ до претседателот на Евангелско-методистичката црква

Честитка од Мицкоски по повод Рождеството Христово - Божиќ до претседателот на Евангелско-методистичката црква, Емил Заев.

Премиерот Христијан Мицкоски по повод христијанскиот празник Рождеството Христово - Божиќ упати честитка до претседателот на Евангелско-методистичката црква, Емил Заев, и до сите верници на Евангелско-методистичката црква со желби за здравје, мир и духовен напредок.

-Божиќ е празник кој нè потсетува на силата на вербата, надежта и љубовта. Тој нè поттикнува да се свртиме кон вистинските вредности – човечноста, солидарноста и поддршката за оние на кои најмногу им е потребна. Во овие празнични денови, сите ние сме повикани да го отвориме срцето кон другите, да покажеме добрина, да простиме и да ја споделиме радоста со семејствата, пријателите и заедницата, вели премиерот во честитката.

Во овој свет период, посочува Мицкоски, кога светлината на Божиќ ги осветлува нашите домови и души, нека љубовта и мирот се ваш водич низ животот. Нека празникот, наведува премиерот, ве потсети на вредностите кои нè обединуваат и кои ни даваат сила да се соочиме со предизвиците, но и да создаваме подобра иднина за сите нас.

-Евангелско-методистичката црква има посебно место во нашето општество со својата традиција, својата хуманитарна и духовна мисија, и со нејзиниот придонес за јакнење на вредностите на толеранцијата, заедништвото и почитта меѓу луѓето. Во духот на овие вредности, ви посакувам да продолжите да ја ширите пораката за мир и добрина, градејќи мостови на соработка и разбирање. Нека Божиќ ви донесе радост, здравје и благосостојба. Нека ви биде извор на инспирација и сила да чекорите напред со вера и надеж во подобро утре. Среќен Божиќ и нека е благословен овој празничен ден!, посочува Мицкоски во честитката.

притисни ентер