Мицкоски за Груби: Сите бегалци од правдата, да дојдат и да се соочат со фактите

Премиерот Христијан Мицкоски денеска ги повика сите бегалци од правдата да се вратат во земјава и да се соочаат со доказите за да може да се види дали се виновни.

- Не би сакал да шпекулирам. Но, ги повикувам сите оние бегалци од правдата, да дојдат и да се соочат со фактите, аргументите и доказите пред органите за да можеме да извлечеме заклучок дали тие се виновни за тоа за кое што постои основано сомневање. Не би можел да откривам било какви детали поврзани со белаците од правдата, рече Мицкоски прашан дали Владата има соработка со албанската Влада бидејќи по некои информации Груби се наоѓа на албанска територија.

Поранешниот прв вицепремиер Артан Груби, заедно со поранешниот директор на „Државна лотарија“ Прпарим Бајрами, се бара со меѓународна потерница во врска со злоупотребите во Државната лотарија во вредност над осум милиони евра. По барање на Јавното обвинителство, им е определен притвор во траење од 30 дена.

Груби е ставен и на црната листа на Стејт департментот на Соединетите американски држави на 9 декември заедно со судијата на Апелацискиот суд Енвер Беџети поради нивна вмешаност во значителна корупција.

Сенегал и Чад протеруваат француски војници

Лидерите на Сенегал и Чад изјавија дека протерувањето на француските војници од нивните територии е нивна суверена одлука, отфрлајќи ги приговорите на францускиот претседател Емануел Макрон.

Сенегал, Чад и Брегот на Слоновата Коска најавија повлекување на француските трупи минатиот месец, додека Париз смисли нова стратегија за намалување на француското воено присуство во Африка.

Францускиот претседател Емануел Макрон вчера на годишната средба со амбасадорите рече дека Франција „предложи на африканските шефови на држави да го реорганизираат нашето присуство“.

-Би сакал да кажам дека во случајот со Сенегал ова тврдење е целосно погрешно, рече сенегалскиот премиер Усман Сонко. „До денес, нема дискусија или преговори, а одлуката што ја донесе Сенегал произлегува од неговата единствена волја, како слободна, независна и суверена земја“, додаде Сонко.

Француските трупи веќе ги напуштија Мали, Буркина Фасо и Нигер, со кои владее воена хунта.

Во 2023 година, Макрон вети „ново безбедносно партнерство“ со намален број француски војници на континентот во процес за кој рече дека ќе се заснова на потребите изразени од африканските партнери. /МИА

Видео: Сашо Мијалков снимен во Монте-Карло со луксузен автомобил вреден над 600.000 долари

Сашо Мијалков, поранешен директор на УБК и осуденик е снимен во Монако со луксузен автомобил „Ферари“, пред скап хотел.

Според објавувачот, снимката, е направена во Монте-Карло и истата е објавена пред 14 часа.

Според податоците достапни на интернет, автомобилот „Ферари“ со кој е забележан Мијалков, може да чини од 629,990 до 709,900 долари.

На видеото може да се забележи како тој пристугнува, го остава возилото на паркирање и со женска личност влегува во хотелот.

Мијалков беше гонет, но многу дела му застареа, додека граѓаните чекаа правда. Тој доби 24 години затвор и тоа: три години за „Империја“, 12 години за прислушувањето односно „Таргет-Тврдина“, осум години за „Трезор“, 1,3 месеци затвор за „Плацови на Водно“. Од сите, ја одлежа само таа за „Империја“ и тоа во затворот во Струга, каде можеше по цели денови да биде надвор и да работи, а навечер да се враќа.

Извор: Скопје 1

Артета: Топката во Лига купот е многу различна од топката во Премиер лигата

Тренерот на Арсенал, Микел Артета, по синоќешниот пораз од Њукасл (0:2) во првиот натпревар од 1/2 финалето на англискиот Лига куп, истакна дека во Премиер лигата тимовите играат со топки од различен производител.

- Едноставно е различно, многу различно од топката во Премиер лигата и треба да се прилагодите на неа бидејќи се движи поинаку. Кога ќе ја допрете, стисокот е исто така многу различен, така што треба да се навикнете, изјави Артета.

Реваншот ќе се одигра во Њукасл на 5 февруари.

Во другата полуфинална пресметка ќе се соочат Тотенхем – Ливерпул./МИА

притисни ентер