Претставувањето на новата француска Влада се одлага до утре

Владата на новиот француски премиер Мишел Барние ќе биде претставена утре, а не денеска како што беше најавено, соопшти владата во Париз.

Француските медиуми пренесуваат дека како причина за одложената промоција на новата влада се наведува дека се уште се договараат „конечните детали“.

Две недели по назначувањето и по многу тешките консултации, конзервативниот поранешен еврокомесар Мишел Барние синоќа на претседателот Емануел Макрон му го претстави составот на својата идна влада на десниот центар.

На предвремените парламентарни избори пред нешто повеќе од два месеци, левичарскиот сојуз изненадувачки го зазеде првото место пред центристичките сили на Макрон и екстремно десничарските националисти од Национален собир, предводени од Марин Ле Пен, за кои се предвидуваше дека ќе го заземат првото место.

Ниту еден блок не освои апсолутно мнозинство и ниту една партија, дури и со партнери, не успеа да формира владејачко мнозинство./МИА

Микати: Нападот во Бејрут покажува дека Израел нема морални или хуманитарни размислувања

Либанскиот премиер Наџиб Микати денеска го обвини Израел дека „не дава важност на никакви хуманитарни, правни или морални размислувања“, откако беше објавено дека високиот оперативец на Хезболах Ибрахим Акил е убиен во израелскиот напад во Бејрут.

САД понудија награда од 7 милиони долари за информации за Акил поради неговата улога во бомбашкиот напад на касарната на американските маринци во 1983 година, во кој загинаа повеќе од 300 луѓе, и за преговорите за американските и германските заложници во Либан во 1980-тите, пренесуваат израелските медиуми.

Портпаролот на Советот за национална безбедност на Белата куќа, Џон Кирби, претходно денеска изјави дека САД не биле однапред информирани за планот на Израел да го изврши нападот во кој загина Акил.

Агенциите јавуваат дека попладнево осум лица загинале, а 59 се ранети во нападот на јужните предградија на Бејрут, каде е упориштето на Хезболах. /МИА

Израел соопшти дека во нападот во Бејрут загинале околу 10 команданти на Хезболах

Високиот командант на либанскиот Хезболах Ибрахим Акил денеска е убиен во израелскиот напад врз Бејрут, изјави извор близок до проиранската екстремистичка организација.

Портпаролот на израелската армија на арапски јазик Авичаи Адраи изјави дека неколку други команданти на Хезболах се убиени заедно со Акил во денешниот напад во Бејрут.

Како што јави АЛ Џезира, либанската група се уште не ги коментирала воздушните напади.

Либанските здравствени власти соопштија дека во нападот загинале девет лица, меѓу кои и деца. /MИА

Илјадници луѓе на погребот на Скилачи

Илјадници луѓе присуствуваа денеска на погребот на легендарниот италијански фудбалер Салваторе Тото Скилачи во Палермо, кој почина во средата на 60-годишна возраст.

Роден и израснат во Палермо, легендарниот Скилачи никогаш не играше за локалниот клуб, а по завршувањето на кариерата отвори младинска фудбалска академија во родниот град.

Покрај цвеќиња, на ковчегот на последното испраќање на Скилачи беа ставени и дресовите на Италија и Палермо, како и шаловите на клубовите за кои настапуваше – Месина, Јувентус и Интер. Кариерата ја заврши во јапонскиот клуб Џубило Ивата во 1999 година.

На погребот присуствуваа многу поранешни фудбалери и соиграчи, меѓу кои и Џузепе Бергоми, како и поранешни и сегашни челници на Италијанската фудбалска федерација. На влезот во катедралата беше поставен венец испратен од Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА) со порака: „Херој на Италија 90“.

Скилачи беше најдобар стрелец на Светското првенство во 1990 година со шест голови, а беше прогласен и за најдобар играч на тоа првенство во Италија. За италијанската репрезентација одигра 16 натпревари и постигна седум голови./MИА

притисни ентер