Микати: Нападот во Бејрут покажува дека Израел нема морални или хуманитарни размислувања

Либанскиот премиер Наџиб Микати денеска го обвини Израел дека „не дава важност на никакви хуманитарни, правни или морални размислувања“, откако беше објавено дека високиот оперативец на Хезболах Ибрахим Акил е убиен во израелскиот напад во Бејрут.

САД понудија награда од 7 милиони долари за информации за Акил поради неговата улога во бомбашкиот напад на касарната на американските маринци во 1983 година, во кој загинаа повеќе од 300 луѓе, и за преговорите за американските и германските заложници во Либан во 1980-тите, пренесуваат израелските медиуми.

Портпаролот на Советот за национална безбедност на Белата куќа, Џон Кирби, претходно денеска изјави дека САД не биле однапред информирани за планот на Израел да го изврши нападот во кој загина Акил.

Агенциите јавуваат дека попладнево осум лица загинале, а 59 се ранети во нападот на јужните предградија на Бејрут, каде е упориштето на Хезболах. /МИА

Шефот на ИДФ вети дека војската ќе стигне до секој што им се заканува на израелските цивили

Началникот на Генералштабот на ИДФ, генерал-полковник Херзи Халеви, по атентатот на високиот командант на Хезболах, Ибрахим Акил во Либан, вети дека војската ќе стигне до секој што им се заканува на израелските цивили.

- Командантите на Хезболах што ги елиминиравме денеска со години планираа „7 октомври“ на северната граница. Стигнавме до нив и ќе стигнеме до секој кој ја загрозува безбедноста на граѓаните на државата Израел, рече Халеви во изјава објавена од ИДФ. /МИА

Десетина куќи поплавени поради интензивен дожд во тетовска Мала Речица

Силниот и интензивен дожд што доцна попладнево и вечерва ја зафати Општина Тетово предизвика делумно поплавување на улици, дворови и куќи во градот како и во Мала Речица. 

Поплавите се на неколкуте места каде постојано се јавуваат проблеми при поинтензивен дожд како на булеварот „Благоја Тоска“ спроти касарната и во Мала Речица.

-До 20 часот и 15 минути интервениравме со испумпување на вода од 13 куќи во Мала Речица каде се поплавени дворови, подруми и приземните катови од објектите. Кај касарната имаше задржување на вода на улиците, но со оглед на направен т.н бај-пас успеано е водата да не навлезе во дворовите, информираше Авни Амети, командир на тетовската противпожарна единица.

Регионалниот Центар за управување со кризи од Тетово информираше и дека поради поплавените улици отежнато се одвива и сообраќајот кај касарната во градот. Покрај пожарникарите, според РЦУК Тетово, интервенираат и од ЈКП-Тетово и Општина Тетово со соодветна механизација. /МИА

Косово: Судењето на 45-те Срби обвинети во случајот Бањска ќе почне на 25 септември

Судот ја објави информацијата преку писмен одговор доставен денеска до невладината организација која ја следи работата на косовското судство, „Заклетва за правда“.

Основниот суд на Приштина соопшти дека судскиот процес против 45 обвинети за терористичкиот напад на 24 септември 2023 година во Бањска те Звечани, на северот на Косово, во кој косовски полицаец и тројца српски напаѓачи, ќе започне следната среда, на 25 септември, јави дописникот на МИА од Приштина.

Судот ја објави информацијата преку писмен одговор доставен денеска до невладината организација која ја следи работата на косовското судство, „Заклетва за правда“.

„Во врска со вашето барање за информација, ве известуваме дека првичното рочиште за овој кривичен предмет е закажано да се одржи на 25.09.2024 година во 09:30 часот. Судија на предметот е Арбен Хоти, судија во Специјалното одделение на Основниот суд во Приштина“, се наведува во одговорот на приштинскиот суд.

Претходно, на 11 септември годинава, Специјалното обвинителство на Република Косово поднесе обвинение против поранешниот потпретседател на најголемата партија на косовските Срби, Српска листа, Милан Радоичиќ, кој ја презеде одговорноста како водач на групата, како и против уште 44 лица.

Обвинетите се товарат дека „со употреба на насилство со тешко оружје се обиделе да го отцепат северниот дел на територијата на Република Косово и истиот да го приклучат на Република Србија, при што како резултат на употребеното насилство, загина полицаецот Африм Буњаку, а беше загрозен и животот на други полициски службеници и на цивилното население“.

Шефот на терористичката група, Радоичиќ, се товари дека индиректно обезбедувал приходи од 2017 година до 24 септември 2023 година и тие пари ги претворил во недвижен и движен имот, при што дел од недвижниот имот префрлил на трети лица, со цел да го сокрие изворот на богатството.

Обвинетите 45 лица од срспка националност се товарат за сторени кривични дела „Извршување терористичко дело“, „Тешки дела против уставниот поредок и безбедноста на Република Косово“, „Олеснување и финансирање на тероризам“ и „Перење пари“. /МИА

притисни ентер