Претседателот на Израел порача дека неговата земја не сака војна

Израелскиот претседател Исак Херцог денеска изјави дека неговата земја не сака војна, но има право да живее во безбедност и спокојство.

„Ние не ја сакавме таа војна, ниту денес, ниту некогаш. Но, имаме право да живееме како секој друг народ во мир, безбедност и спокојство и да ги вратиме нашите синови и ќерки дома, да се вратат заложниците кај своите семејства и раселените граѓани од север и југ во нивните домови, училишта и работни места“, напиша Херцог на платформата Икс.

Тој оцени дека нападите на израелските воздухопловни сили на југот на Либан синоќа биле „прецизни и импресивни“ и додаде дека Израел ја потврдува својата решеност да победи пред теророт.

Израелската армија синоќа апелираше до жителите на неколку места на северот на земјата да преземат дополнителни безбедносни мерки бидејќи расте загриженоста поради засилувањето на прекуграничните конфликти меѓу Израел и либанскиот екстремистички Хезболах.

Во тоа соопштение е побарано од жителите на Сафед и другите подрачја да го ограничат движењето, да избегнуваат собири и да бидат во близина на заштитени подрачја. /МИА

Вујкото на Ѓоковиќ избран за прв човек на српскиот тенис

Горан Ѓоковиќ, вујкото на српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ, денеска е избран за претседател на Тенискиот сојуз на Србија (ТСС).

Ѓоковиќ е избран на вонредното собрание на ТСС во Белград, а доаѓа на местото на Мирко Петровиќ, кој се пензионираше по девет години на чело на Федерацијата.

„Би сакал да им се заблагодарам на сите за изборот. Моето искуство во тенисот е главно преку Новак, но, исто така, бев на чело на Србија опен и на Софија опен седум години. Мојата цел е да го подобрам она што почнавме да го правиме. Финасиите се основа на сè“, рече Ѓоковиќ.

Тој им се заблагодари на поранешниот претседател Мирко Петровиќ, но и на претседателот на Србија, Александар Вучиќ.

„Немаме сопствени простории, немаме Национален центар за обука и сакам да го решиме тоа. Тоа е желба на сите наши играчи и јас не би се кандидирал за ова место доколку во сè уште ја немаме поддршката од претседателот на Србија, Александар Вучиќ“, рече Ѓоковиќ. /МИА

Шефот на ИДФ вети дека војската ќе стигне до секој што им се заканува на израелските цивили

Началникот на Генералштабот на ИДФ, генерал-полковник Херзи Халеви, по атентатот на високиот командант на Хезболах, Ибрахим Акил во Либан, вети дека војската ќе стигне до секој што им се заканува на израелските цивили.

- Командантите на Хезболах што ги елиминиравме денеска со години планираа „7 октомври“ на северната граница. Стигнавме до нив и ќе стигнеме до секој кој ја загрозува безбедноста на граѓаните на државата Израел, рече Халеви во изјава објавена од ИДФ. /МИА

Десетина куќи поплавени поради интензивен дожд во тетовска Мала Речица

Силниот и интензивен дожд што доцна попладнево и вечерва ја зафати Општина Тетово предизвика делумно поплавување на улици, дворови и куќи во градот како и во Мала Речица. 

Поплавите се на неколкуте места каде постојано се јавуваат проблеми при поинтензивен дожд како на булеварот „Благоја Тоска“ спроти касарната и во Мала Речица.

-До 20 часот и 15 минути интервениравме со испумпување на вода од 13 куќи во Мала Речица каде се поплавени дворови, подруми и приземните катови од објектите. Кај касарната имаше задржување на вода на улиците, но со оглед на направен т.н бај-пас успеано е водата да не навлезе во дворовите, информираше Авни Амети, командир на тетовската противпожарна единица.

Регионалниот Центар за управување со кризи од Тетово информираше и дека поради поплавените улици отежнато се одвива и сообраќајот кај касарната во градот. Покрај пожарникарите, според РЦУК Тетово, интервенираат и од ЈКП-Тетово и Општина Тетово со соодветна механизација. /МИА

притисни ентер