Предвремени парламентарни избори во Бугарија

 Граѓаните на Бугарија денеска избираат 240 пратеници во 51. Народно собрание. 

Ова се шести предвремени парламентарни избори по редовните на 4 април 2021 година. Последните предвремени избори се одржаа на 9 јуни годинава.

Изборниот ден почна во 7 часот, а завршува во 20 часот, и може да се продолжи до 21 часот ако пред избирачкото место има гласачи кои не гласале. Гласањето во странство започнува во 7 часот и завршува во 20 часот, односно 21 часот по локално време.

На изборите за Национално собрание учествуваат 19 партии, девет коалиции и еден независен кандидат.

Бугарскиот претседател Румен Радев и даде мандат на Бугарската централнодесничарска партија ГЕРБ да формира влада по последните избори во јуни, на кои партијата освои најмногу гласови и обезбеди 68 места во 240-члениот парламент.

ГЕРБ, сепак, не успеа да формира мнозинска коалиција.

Мандатот потоа им беше понуден на другите партии, но и тие не успеаја да направат мнозинска коалиција, поради што беа организирани нови избори.

Според податоците на „Алфа Рисрч“, се очекува излезноста да биде меѓу 30 и 32 отсто. /МИА

Механизација на „Бехтел – Енка“ ја расчистува комуналната депонија кај Кочани

На јавниот повик за помош во справувањето со тешката состојба, што Општина Кочани го упати до институциите и општествено одговорни компании во државата, позитивен одговор е добиен од американско-турската компанија.

Градежна механизација на конзорциумот „Бехтел - Енка“ од утрово почна со расчистување и санација на површина од околу 40 илјади квадратни метри на комуналната депонија кај кочанското село Бели, која предизвикува еколошка катастрофа поради горењето на отпадот и испуштањето чад и штетни материи во воздухот.

На јавниот повик за помош во справувањето со тешката состојба, што Општина Кочани го упати до институциите и општествено одговорни компании во државата, позитивен одговор е добиен од американско-турската компанија.

- Градежните машини работат на чистење на депонијата и порамнување на површината, а потоа ќе биде нанесен слој од земја и на овој дел веќе нема да се исфрла отпад. За да се спречи горењето на органските и други материи, депонирањето ќе се прави само на круната, а околу целата депонија ќе се исчисти теренот од вегетација и отпад заради подобар пристап и поголема прегледност, а истовремено ќе се спречи опасноста од проширување на огнот при евентуални пожари, истакна Ристо Николовски, овластен комунален инспектор во Општина Кочани.

Од комуналното претпријатие „Водовод“, кое стопанисува со депонијата, упатија благодарност до американско-турскиот конзорциум, кој целата акција за расчистување и уредување ја изведува без надоместок. Вработени во претпријатието се распоредени на дежурства на влезот на депонијата заради контролирање на состојбата и спречување неовластени лица да влегуваат и да го палат отпадот.

Иран побара итна седница на Советот за безбедност на ОН поради нападот на Израел

 Техеран синоќа побара итна седница на Советот за безбедност на ОН поради завчерашниот напад на Израел врз Иран, соопшти иранската мисија во Обединетите нации.

„Исламската Република Иран бара од претседателот на Советот за безбедност да свика итен состанок за да разговара за ова сериозно прекршување и незаконски дејствија и да го изведе овој криминален режим пред лицето на правдата“, се вели во писмото на постојаниот претставник на Иран во ОН, Амир Саид Иравани.

Тој го упати писмото до актуелниот претседател на Советот за безбедност на ОН, швајцарскиот претставник Паскал Кристин Берсвил и генералниот секретар Антонио Гутереш.

За време на израелскиот напад врз Иран, кој траеше пет часа, гаѓани биле 20 цели во таа земја, а загинаа четворица војници.

Серија експлозии се слушнале во околината на Техеран веднаш откако израелската војска објави дека се водат напади врз воени цели во Иран како одмазда за нападот на Иран врз Израел на 1 октомври./МИА

Студено утро, преку ден потопло

Утрово по одделни котлини и речни долини ќе има услови за појава на магла. Преку ден, времето се очекува да биде сончево со мала до умерена локална облачност и слаб ветер од јужен правец.

Според информациите од Управата за хидрометеоролошки работи, минималната температура се очекува да биде во интервал од -1 до 7, а максималната да достигне од 19 до 25 степени.

Во Скопје, времето се очекува да биде сончево со мала облачност и со слаб ветер од југоисточен правец. Минималната температура да се спушти до 6, а максималната да достигне до 23 степени.

Според најавите, продолжува периодот на стабилно и сончево време со мала до умерена облачност, освен во среда кога ќе има услови за повремен локален дожд. По одделни котлини ќе има појава на утринска магла или ниска облачност, а дневната температура да биде без значителни промени.

притисни ентер