Убиен најмалку еден полицаец на протестите на приврзаниците на Имран Кан во Исламабад

Најмалку еден полицаец загина, а десетици се ранети од двете страни кога приврзаниците на затворениот поранешен премиер Имран Кан денеска се судрија со безбедносните сили пред пакистанската престолнина Исламабад, објавија владата и партијата на Кан.

Властите воведоа безбедносна блокада во изминатите два дена за да ги спречат демонстрантите, кои Кан ги повика да маршираат до парламентот и да одржат демонстрации за да побараат негово ослободување, додека автопатите што водат во градот се блокирани.

Владата употреби бродски контејнери за блокирање на главните патишта и улици во Исламабад, повеќето од нив засилени со патроли на голем контингент на полициски и паравоени сили во опрема за немири.

Официјални лица објавија дека целиот јавен превоз меѓу градовите и терминалите во источната провинција Пенџаб е прекинат за да се спречат демонстрантите, предводени од членовите на партијата на Кан, пакистански Терек-е-Инсаф (ПТИ).

„Нема да дозволиме да го нападнат главниот град“, рече провинциската министерка за информации Узма Бухари, додавајќи дека околу 80 приврзаници на Кан се уапсени.

Кан беше сменет од власта во 2022 година откако дојде до судир со пакистанската војска и се соочува со обвиненија од корупција до поттикнување насилство, што тој и неговата партија ги негираат./МИА

Шефовите на дипломатиите на арапските земји бараат итен прекин на огнот во Газа и Либан

Неколку арапски министри за надворешни работи, собрани во Рим на маргините на состанокот на Г7, повикаа денеска на итен прекин на огнот во Газа и Либан и обезбедување хуманитарна помош за Палестинците.

Министрите на Јордан, Египет, Либан и Обединетите Арапски Емирати, како и генералниот секретар на Арапската лига, учествуваа на конференцијата во Рим, пред да им се придружат на министрите на Г7 подоцна во малиот град Фуџи.

-Газа сега е гробишта на децата, гробишта на човечките вредности, гробишта на меѓународното право, рече јорданскиот министер за надворешни работи, Ајман Сафади.

Конфликтот на Блискиот Исток е на врвот на агендата на Г7, бидејќи се известува дека е можен напредок во напорите за воспоставување прекин на огнот меѓу Израел и либанскиот Хезболах.

Амбасадорот на Израел во САД, Мајкл Херцог, рече дека може да се постигне договор во следните неколку дена.

Заменик-претседателот на либанскиот парламент, Елиас Бусаб, сепак, го обвини Израел дека го зголемува бомбардирањето на Либан за да изврши притисок врз владата во Бејрут да прифати отстапки во индиректните преговори со Хезболах.

-Блиску сме до часот кој е одлучувачки за постигнување прекин на огнот, рече либанскиот претставник, додавајќи дека либанската страна е оптимист и дека има надеж, но дека „ништо не е загарантирано со некој како израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху“.

Израел изврши тешки напади врз центарот на Бејрут во последните денови, а Хезболах го засили ракетниот напад врз Израел.

Во меѓувреме, САД се обидуваат да постигнат договор според кој борците на Хезболах и израелските сили ќе се повлечат од јужен Либан и либански војници и мировници на ОН ќе патролираат во областа.

Египетскиот министер за надворешни работи Бадр Абделати потврди дека Каиро следниот понеделник ќе биде домаќин на министерска конференција за мобилизација на меѓународна помош за Газа.

На конференцијата тој повика на итен прекин на огнот во Газа и Либан, ослободување на заложниците и обезбедување хуманитарна помош за Палестинците и почеток на сериозен и вистински политички процес за создавање на палестинска држава./МИА

Фетаи: Владата ќе се заложи за ефикасна конфискација на нелегалниот имот

Заменикот претседател на Владата за политики за добро владеење Арбен Фетаи, денеска се обратил на Регионалниот состанок за политики за враќање на имот во Западен Балкан, што се одржува во Будва, Црна Гора.

Фетаи, како што соопшти неговиот Кабинет, ја истакнал потребата од координирани активности против организираниот криминал и корупцијата, нагласувајќи ја важноста на размена на најдобрите практики и справување со нелегалните финансиски трансакции кои ја поткопуваат демократијата и довербата на граѓаните во институциите.

Тој го презентирал напредокот на Македонија, вклучувајќи го усвојувањето на три значајни закони за конфискација и управување со запленетиот имот, како и Стратегијата за финансиски истраги и конфискација на имот за периодот 2024–2028, која е во завршна фаза.

И покрај постигнатиот напредок, Фетаи посочил дека резултатите за 2023 година покажуваат пад на вредноста на замрзнатиот и конфискуваниот имот во споредба со 2022 година. Во 2022 година, вредноста на замрзнатиот имот изнесуваше речиси 40 милиони евра, додека конфискуваниот имот беше околу 28 милиони евра. Во 2023 година, замрзнатиот имот е намален на само 1,69 милиони евра, додека конфискуваниот изнесува околу 18 милиони евра.

-Овие бројки се повик за будење и потсетуваат на потребата од промена на пристапот, изјавил вицепремиерот за политики за добро владеење.

Фетаи го најавил формирањето на Национален совет за финансиски истраги за зајакнување на меѓуинституционалната координација и потврди дека земјата останува посветена на активна соработка со граѓанското општество.

-Никој не е над законот. Со силна политичка волја и меѓународна соработка, можеме да се справиме со криминалните мрежи и да ги изведеме корумпираните пред лицето на правдата, заклучил Фетаи, изразувајќи благодарност до Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал (UNODC) и италијанското Министерство за надворешни работи за организирањето на овој настан.

Јанчев: Светнаа споменикот и бистите на 12 Ваташки младинци во Моклиште

Светнаа споменикот и бистите на 12 Ваташки младинци во месноста Моклиште, соопшти првиот човек на Општина Кавадарци, Митко Јанчев.

Во рамките на проектот ,,Реконструкција и доградба на постоечката надземна мрежа за улично осветлување’’ одделението за улично осветлување при Општина Кавадарци постави ново улично осветлување на м.в ,, 12 Ваташки младинци’’ во месноста Моклиште, нови енергетско ефикасни светилки со подобра илуминација.

Се осветлија 12 бисти со 12 рефлектори поставени на земја и споменикот со дополнителни 8 рефлектори исто поставени на земја!

Дел од тендерот за нови нисконапонски инсталации за улично осветлување, со вкупна вредност од 65 милиони денари, соопшти градоначалникот на Општина Кавадарци, Митко Јанчев.

Нова патека во Општина Кавадарци за сите кои уживаат во пешачењето

„Интензивно се работи на новата велосипедско пешачка патека Глишиќ – Марена во должина од 854 метри. Инвестицијата од 10.000.000 денари е на Општина Кавадарци, а изведувач на работите е фирмата Градба Промет.

Кавадарци за сите“, соопшти градоначалникот на Општина Кавадарци, Митко Јанчев.

притисни ентер