Потресна исповед, настрадале 154 лица, а овој настан му го променил животот!

„Преживеав судар на авиони, ни денес не знам како“!

Дејвид Ример бил во приватен авион и се враќал од службено патување кога се случил директен судар со патничкиот авион Боинг.

Дејвид Ример никогаш нема да го заборави денот кога за малку ќе загинел во ужасна авионска несреќа. Како што изјавил за Дејли Меил, тој се наоѓал во приватен авион во бразилскиот воздушен простор и се враќал од службено патување. Во приватниот авион имало седум лица, и летале на височина од 11,2 километри.

- Одеднаш почувствувавме огромен потрес. Немаше предупредување, немавме поим што се случува и како е можно да удриме во нешто толку високо во облаците – ја започнал тој својата исповед.

Авионите имаат софистицирана технологија дизајнирана да предупреди за претстојните судири, но тој ден таа не функционирала.

Не виделе што се случило

Ример и двајцата пилоти биле престрашени кога виделе дека крилото на нивниот авион е оштетено.

- Ја погледнавме левата страна на авионот и крилото имаше назабена ивица, како да беше отсечена, но немавме поим од што. Ништо не видовме. Пилотите маневрираа обидувајќи се да го задржат леталото во воздух. Беше тешко да не се размислува како сето тоа може да заврши лошо. Дома ги имав сопругата и ќерките од 10 и 12 години, но се трудев колку што можев да не мислам на тоа дека нè чека смрт - се присетил Ример.

И неговите сопатници во задниот дел од авионот биле тивки.

- Немавме начин да искомуницираме со земјата, ниеден телефонот не работеше. Еден од патниците, Џо Шарки од Њујорк Тајмс, ѝ напишал проштална порака на својата сопруга, но не ни кажа ништо за тоа додека не слетавме безбедно. Посакувам да имав доволно дух да им напишев нешто на сопругата и ќерките, но немав - изјавил Ример.

Еден од неговите сопатници забележал дека врвот на опашката на нивниот авион изгледа како некој речиси хируршки да го отсекол.

- Не можев ништо друго освен да се обидам да ја задржам присебноста. Беше лесно да паднам во страв и паника, но се обидов да останам присебен. Пилотите во авионот беа тивки и се фокусираа на безбедно слетување каде било. Околу 35 минути подоцна слетавме во една воена база во Амазонската прашума - се сетил тој.

По слетувањето, откако сфатиле дека сите преживеале, отишле на пица во базата, а потоа еден од нивните пилоти, кој знаел португалски, дошол до нив пребледен и седнал на нивната маса.

- Добро се сеќавам што рече тогаш: „Момци, имам страшна вест да споделам со вас. По должината на нашата патека на летот имало и авион кој исчезнал и не знаат што се случило со него. Но, тоа е преголема случајност. Нашето олеснување поради сето она што го преживеавме, се претвори во огромна тага. Се воспостави дека нашиот авион налетал на патнички авион кој исчезнал од радарот.

Трагедија

Станува збор за авионот Боинг кој на 29. септември 2006 г. леташе на линијата Манаус - Бразилија и се урна над прашумата Амазонија со 154 патници и членови на екипажот. Остатоците од авионот подоцна беа пронајдени во државата Мато Гросо во многу непристапна област.

- Шансите некој да ја преживее несреќата што ја имавме се минимални. Не верувам дека тоа се случило некогаш. Да беше Боингот неколку сантиметри пониско, ќе ни ги скинеше опашот и крилата, а никој од двата авиони немаше да преживее – додал Ремер.

Судирот помеѓу Боингот и авионот на Ример го отсекол крилото на поголемиот авион, кој потоа се урнал во џунглата, при што загинаа 154 патници и членови на екипажот.

Тоа беше најголема трагедија во историјата на бразилските воздухопловни сили. Според Ример, имало обиди вината за трагедијата да се префрли на пилотот на нивниот авион, но истрагата утврдила дека контролата на летот потфрлила. Тие се „очите на небото“ за пилотите кои поради брзината на леталото не можат да ги видат другите летала, а пропустот на контролата на летање е во тоа што не успеала да ги одржи двата авиона на пропишаното растојание.

- Долго време се прашував зошто ние преживеавме, а патниците од другиот авион не. Бев благодарен за можноста да продолжам со мојот живот, но никогаш не ја заборавив трагедијата што се случи. По овој настан кој целосно ми го промени животот, водев кампања за подобрување на безбедноста во воздухопловството, се обидов да бидам добар сопруг и татко, да им помагам на другите луѓе колку што можам. Ги користам лекциите што ги научив како дел од една ваква голема несреќа со надеж дека тоа ќе помогне да се спасат други животи. Сите ние што бевме во приватниот авион денеска славиме два родендена - оној кога сме дошле на овој свет, и оној другиот, кога бевме поштедени во несреќата - заклучи Ример.

Северна Кореја директно влегува во војната, што не е важно само за Украина, туку и за светот

Од септември 2023 година, покрај руските ракети и гранати, врз главите на Украинците почнаа да паѓаат и севернокорејски балистички ракети KN 23/Hwasong 11Ga.

Хина

Од септември 2023 година, покрај руските ракети и гранати, врз главите на Украинците почнаа да паѓаат и севернокорејски балистички ракети KN 23/Hwasong 11Ga. И покрај фактот што ракетата често со потсмев се нарекува Кимскандер или Искандер на Ким, таа е вистинска балистичка ракета која убива исто колку и рускиот Искандер. Според податоците на Министерството за одбрана на Јужна Кореја, на почетокот на септември 2024 година, режимот на Ким Џонг-ун и испратил на Русија околу пет милиони гранати.

Според шефот на украинската воена разузнавачка служба ГУР Кирил Буданов, Северна Кореја веќе станала најголемиот проблем меѓу сите сојузници на Руската Федерација поради количината на воена опрема што ја испорачува на Москва. Пред се, станува збор за „огромни количества артилериски залихи“. Како што признава Буданов, „не можеме ништо против тоа“ и покрај фактот што современите технологии овозможуваат да се добијат информации за движењето на товарот во текот на целата рута до фронтот.

Првично, Москва повеќе се потпираше на Иран. Но, на Русија и беа потребни милиони муниција, која ја најде токму во Северна Кореја. Во декември 2022 година, ПВК Вагнер купи оружје од Северна Кореја за војната против Украина. Соработката брзо беше подигната на ново ниво, а Северна Кореја и Русија во моментов се во процес на ратификација на договорот за стратешко партнерство.

Северна Кореја се приклучува на војната

Во овој момент, Северна Кореја станува директен учесник во борбените операции против Украина.

Првите сведоштва за присуство на војници од Северна Кореја се појавија на почетокот на октомври 2024 година. На 4 октомври беше објавено дека шест воени инженери кои работеле на одржување на корејската ракетна технологија биле убиени во украински ракетен напад.

Веднаш потоа, и украинските власти и украинското разузнавање објавија дека Северна Кореја се подготвува да испрати целосен воен контингент.

На почетокот, можеби во рамките на т.н „политики за деескалација“ на САД и другите западни сојузници ја сфатија таа информација како обид на Украина да го принуди Западот поактивно да реагира на зајакнувањето на руските позиции во војната благодарение на муницијата од Северна Кореја.

Меѓутоа, деновиве разузнавачката служба на Јужна Кореја ја потврди информацијата на украинската разузнавачка служба и извести дека воени единици од Северна Кореја почнале да пристигнуваат во Русија и се подготвуваат за директно учество во борбени операции.

Бидејќи во ерата на интернетот е тешко да се скрие нешто, веднаш почнаа да се појавуваат видео докази, како и рутите по кои се префрлаат севернокорејските војници и нивниот приближен број.

Што е познато до денес?

Обемот на планираниот трансфер на севернокорејски војници во Русија значително ги надминува претходно објавените бројки. Наместо најавените 12 илјади војници, до крајот на 2024 година на територијата на Руската Федерација би можеле да бидат префрлени до 100 илјади припадници на вооружените сили на Северна Кореја.

Преминувањето ќе се одвива во неколку фази. Првиот контингент од 1.500 специјалци веќе пристигна во Владивосток и е на обука во руските воени бази на Далечниот Исток. Според се, се работи пред се за војници на севернокорејските сили за специјални операции.

До 1 ноември се планира да се заврши трансферот на уште 10.000 војници кои ќе бидат испратени во областа Курск. Во декември се очекува да пристигне главниот дел од контингентот - до 90.000 војници од различни воени гранки.

И покрај потенцијалните тешкотии во преводот, овие единици можат да се користат како инженерски дивизии, што ќе ослободи дополнителни воени единици на руската армија. Исто така, ова е одлична можност за Северна Кореја да стекне искуство во модерното војување.

Очекувана реакција на Западот

Реакцијата на западните земји беше очекувана. Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин изјави дека не може да потврди дека Северна Кореја испратила луѓе во Русија за можно учество во војната во Украина, но додаде дека таквиот потег ќе предизвика „загриженост“.

САД изразија голема „загриженост“ поради извештаите дека севернокорејските војници учествуваат на страната на Русија, изјави Шон Савет, портпарол на Советот за национална безбедност.

-Не можеме да потврдиме дали овој извештај е точен, но ако е точен, тоа би претставувало опасен развој во руската војна против Украина. Според него, доколку Северна Кореја се приклучи на Русија, САД ќе се консултираат со своите сојузници и партнери за последиците од „таков драматичен потег“.

„Сериозна ескалација“

Францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро изјави дека учеството на редовните севернокорејски војници во руската инвазија против Украина ќе биде сериозна ескалација на војната.

Претседателот на Комитетот за разузнавање на Претставничкиот дом на САД, Мајк Тарнер бара Белата куќа итно да свика таен состанок за испраќање војници од Пјонгјанг на руско-украинскиот фронт. Тарнер, исто така, повика на итен таен брифинг на Комитетот за разузнавање на Претставничкиот дом за ова прашање.

Западните претставници едногласно укажуваат на „тешкотиите“ со кои се соочува Москва доколку биде принудена да ангажира севернокорејски трупи. Тоа е вистина - ваквото масовно вклучување на странски војници укажува на сериозни проблеми со мобилизацијата во самата Русија.

Путин категорично не сака да врши мобилизација меѓу руските граѓани, па севернокорејските војници се покажаа како последна опција за надополнување на неговата војска.

Сепак, зад овој разговор за „тешкотии“ со руската мобилизација се крие стравот од „неопходните ефекти“, кој очигледно сè уште постои меѓу западните сојузници на Украина.

Испраќањето војници од Северна Кореја, земја која за сите цивилизирани народи е олицетворение на „оската на злото“, дополнително ги поткопува аргументите за „деескалација“ и „неподготвеност за проширување на конфликтот“. Ангажирањето војници од трета земја е токму проширување на војната.

Што ако Кина отворено почне да им помага на Русите?

Украинските воени експерти веќе отворено му кажуваат на Западот: „Добро, што точно е планот за најлошото сценарио? Што ако Северна Кореја утре испрати над 100.000 војници? Што ако Кина започне отворено да испраќа возови со оружје и технологија? Што ако се повеќе и повеќе ресурсите почнуваат да доаѓаат од земјите на „оската на злото“?"

Амбасадорот на Украина во Велика Британија, поранешниот врховен командант на вооружените сили на Украина, Валериј Залужни, најточно го кажа тоа во својот говор во Кралскиот институт за меѓународни односи (Четам хаус) обраќајќи му се на Западот:

-Ова сега влијае на секој од вас. Кажете ми, ве молам, дали денес е тајна дека Кина, Северна Кореја и Иран се обединија околу Русија? Дали некој мисли дека се обединија против Украина? Ако е така, дозволете ми да бидам првиот што ќе изразам сомнеж. Повеќето луѓе во тие земји дури и не знаат каде е Украина“.

Во меѓувреме на бојното поле се појавија различни информации за севернокорејски војници кои се обидуваат да ги заплашат Украинците. Украинските војници, пак, организираат натпревари - која воена единица прва ќе пријави мртви или заробени севернокорејски војници.

Се повеќе облози за победа на Трамп, што е причина за раст на вредноста на биткоинот

Индексот MSCI на азиските берзи околу 6 часа беше во благ пораст за 0,11 отсто, како одраз на претпазливоста на инвеститорите откако индексите на американските берзи пораснаа шеста недела по ред. 

По првичните загуби на азиските берзи, повеќето главни регионални индекси се во зелено на почетокот на неделата, бидејќи инвеститорите проценуваат какво влијание ќе има најновиот потег на кинеските власти врз забавената економија, а фокусот е и на општите избори во Јапонија , што ќе се одржат кон крајот на неделата, пренесе Хина.

Индексот MSCI на азиските берзи околу 6 часа беше во благ пораст за 0,11 отсто, како одраз на претпазливоста на инвеститорите откако индексите на американските берзи пораснаа шеста недела по ред. Истовремено, јапонскиот Никеи порасна за 0,26 отсто, додека австралиските и шангајските берзански индекси зајакнаа за приближно 0,8 отсто, а берзанскиот индекс на Хонг Конг ослабе за половина отсто.

Кинеската централна банка ги намали клучните каматни стапки за 25 базични поени, па сега е 3,1 отсто за заеми до една година и 3,6 отсто за пет години. Учесниците на пазарот очекуваа ваква одлука, па затоа пазарот остана претпазлив, додека се чекаат натамошни потези и најави од кинеските претставници поврзани со економски стимулации, што може да потрае.

„Можеби ќе треба да почекаме до крајот на октомври или почетокот на ноември за конкретни планови од состанокот на Постојаниот комитет на Националниот народен конгрес“, рече Чаопинг Жу, стратег за глобален пазар во Ј.П. Morgan Asset Management во Шангај.

Две недели пред претседателските избори во САД, кај некои финансиски инструменти растат облозите за победа на Доналд Трамп. Царинската, даночна и имиграциска политика на републиканскиот кандидат се сметаат за инфлаторни, па затоа се негативни за обврзниците, а позитивни за доларот. Се верува дека Трамп има попозитивен став кон криптовалутите.

„Се чини дека Трамп е во предност во клучните држави во бојното поле, што сугерира дека е прилично добро позициониран да се врати во Белата куќа, и мислам дека пазарите почнаа да го земаат тоа предвид минатата недела со посилните цени на акциите, повисоките приноси, американскиот долар што добро котира и со биткоинот, што е на добар пат за зголемување од 10 проценти во споредба со претходната недела“, изјави Тони Сајкамор, пазарен аналитичар во IG.

Биткоинот моментално е во пораст за 0,5 отсто, на 69.100 долари, а во текот на денешното тргување го достигна највисокото ниво од јули, 69.487 долари. Најголемата криптовалута во светот минатата недела се зголеми за 9,6 отсто и е во пораст од осум отсто од почетокот на месецот.

Индексот на доларот, што ги мери перформансите на САД во однос на кошницата од шесте најважни светски валути, стагнира на 103,46 поени, недалеку од највисокото ниво во повеќе од два месеци. Ова е само одраз на малите флуктуации на курсот на доларот во однос на еврото и јенот. Еврото утринава се тргува по 1.086 долари, а курсот на доларот е 149,27 евра речиси непроменет во однос на петокот.

Во Берово утрово минус два степена

Во Берово утрово се измерени минус два степена, во Струмица еден, Битола два, Тетово три, пет во Скопје, а седум степени во Охрид, соопшти УХМР.

Претпладне по котлините ќе има магла или ниска облачност. Преку денот ќе биде претежно сончево со слаб ветер од јужен правец. Максималната температура ќе достигне од 16 до 23 степени.

Во Скопје претпладне со магла или ниска облачност, а потоа петежно сончево со слаб променлив ветер. Максималната температура ќе достигне до 20 степени.

притисни ентер