Почнува вакцинацијата против сезонски грип

 Вакцинацијата за сезонски грип почнува денеска и ќе се спроведува на 36 локации во државата. Досега за вакцијација од сезонски грип се пријавиле над 32.000 граѓани. 

Во Скопје вакцинацијата ќе се одвива во Центарот за јавно здравје, во поликлиниките Букурешт, Идадија и Бит Пазар, а во ИЈЗ само за здравствените работници.

Од Министерството за здравство информираат дека сите пријавени на сајтот добиваат смс порака порака за датумот, точното време и каде да дојдат за вакцинација.

- Министерството годинава набави 70.000 дози четиритипна вакцина против сезонски грип, што е зголемување во однос на претходните години. Со бесплатна вакцинација се опфатени ризичните групи население: повозрасни лица (над 65 години), лица со хронични заболувања, здравствени работници, бремени жени, деца на возраст од 6 месеци до 5 години, како и лица сместени во установи за социјална заштита на стари лица и вработените во установи за социјална заштита на стари лица, соопштија од МЗ.

Во Центрите за јавно здравје и годинава се набавени и комерцијални вакцини против грип за заинтересираните граѓани кои не влегуваат во ризичните групи.

НАТО ги предупреди Москва и Пјонгјанг за „значајна ескалација“ во Украина

Генералниот секретар на НАТО Марк Руте ги предупреди Пјонгјанг и Москва за испраќање севернокорејски војници да се борат во војната во Украина.

- Распоредување војници на Северна Кореја за борба со Русија во Украинја „би значела значајна ескалација, напиша Руте на Х по разговорите со јужнокорејскиот претседател Јун Сук Јеол.

Тој информира дека со јужнокорејскиот претседател разговарале за „блиското партнерство на НАТО со Сеул, одбранбената индустриска соработка и меѓусебно поврзаната безбедност на Евро-атлантикот и Индо-пацификот“.

Јужнокорејската Национална разузнавачка служба (НИС) минатата недела ја обвини севернокорејската армија дека веќе испратила околу 1.500 војници во Русија на обука пред нивното очекувано распоредување во Украина.

Агенцијата соопшти дека Северна Кореја одлучила да испрати вкупно околу 12.000 војници за да обезбеди поддршка за Русија, вклучително и специјални единици.

Сеул го повика рускиот амбасадор поради испраќањето војници од Северна Кореја

Јужнокорејското Министерство за надворешни работи го повика рускиот амбасадор во Сеул поради распоредување севернокорејски војници во Русија, јави денеска новинската агенција Јонхап.

За време на средбата, првиот заменик-министер за надворешни работи Ким Хонг Кјун рече дека му го изразил своето разочарување на Георги Зиновјев, пренесе ДПА.

Зиновјев не даде коментар за новинарите по средбата во МНР, соопшти Јонхап.

Јужнокорејската Национална разузнавачка служба (НИС) минатата недела ја обвини севернокорејската армија дека веќе испратила околу 1.500 војници за поддршка на руската инвазија на Украина.

НИС соопшти дека војниците биле транспортирани со руски бродови во Владивосток каде наводно се подготвуваат за распоредување во војната.

Агенцијата соопшти дека Северна Кореја одлучила да испрати вкупно околу 12.000 војници за да обезбеди поддршка, вклучително и специјални единици. НИС, исто така, тврдеше дека војниците треба да добијат руски униформи и лажни идентитети за да го прикријат нивното вистинско потекло.

Разузнавачката служба ги базирала своите информации на сателитски снимки и софтвер за препознавање лица кои биле користени во соработка со украинското разузнавање.

Јужнокорејскиот претседател Јун Сук Јеол ја опиша соработката на Северна Кореја со Русија како сериозна безбедносна закана не само за неговата земја туку и за меѓународната заедница./МИА

Државниот јавен обвинител ги отфрла обвинувањата дека вршел притисок врз виш јавен обвинител

 Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски ги отфрла, како што вели, неоснованите тврдења за наводно мешање во предмет во кој повеќе од еден месец постапувало Вишото јавно обвинителство Скопје.

– Од позиција на државен Јавен обвинител имав обврска, првпат после повеќе од четири години да извршам надзор над работата на Вишото јавно обвинителство Скопје, бидејќи до мене дојдоа информации и пресуди од Врховниот суд, кои укажуваат на можно нестручно работење на одредени јавни обвинители, како и пријави за закани, притисоци и недолично однесување кон вработени во обвинителството. Овие пријави се доставени и до Советот на јавните обвинители, наводите се документирани и имам обврска да ги проверам. Лажните тврдења за наводни притисоци почнаа веднаш по започнување на контролата, што само ми потврдува дека ја преземам исправната работа и од тоа немам намера да отстапам. Конкретниот предмет што се наведува воопшто не е предмет на контрола и се споменува само за да се издејствува политички притисок и да ме натера да се повлечам. Но, тоа во ниту еден момент нема да се случи!, вели Коцевски во реакцијата.

Додава дека кога ја презел функцијата јавен обвинител дал заклетва дека функцијата ќе ја врши чесно и одговорно и дека тоа и ќе го направи. Најавува дека сите сознанија до кои ќе дојде по извршената контрола ќе ги објави веднаш по завршување на соодветните постапки предвидени во Законот за јавното обвинителство.

– До крајот на овој месец контроли ќе бидат извршени и во сите останати виши јавни обвинителства и во ОЈОГОКК. За сите контроли задолжени се јавните обвинители од републичкото обвинителство распоредени како координатори за соодветните обвинителства со редовен годишен распоред. Според задолженијата, тие ќе треба да го проверат предметното работење на сите јавни обвинители во предметите во кои обвинителите се откажале од жалба или од обвинение. Затоа очекувам нападите кон мене да продолжат со уште поголем интензитет, особено од страна на лица кои со вакви обвинителски одлуки се спасиле од кривичен прогон додека граѓаните очекувале правда, стои во демантот на Коцевски.

Вишиот јавен обвинител Мустафа Хајрулахи во изјава за Канал 5 тврди дека Коцевски директно му посочил да внимава како ќе се постапува со предмет поврзан со политичката партија ВМРО – ДПМНЕ.

притисни ентер