„Внимателно го разгледав 9 месечниот финансиски извештај на ова Јавно претпријатие. Како советник и како активист, како љубител на животни некој кој најмногу се радуваше за отворање на ваков тип на претпријатие имам неколку забелешки за недомаќинското работење на ова Јавно претпријатие“, истакна советникот на ВМРО-ДПМНЕ Стефан Кирков во своето воведно обраќање на денешната седница за советнички прашања на Град Скопје, по однос на разгледување на финансискиот извештај и за целокупното работење на ЈП Лајка заклучно септември оваа година.
Кирков напомена дека претпријатието Лајка нема видливи резултати, исто така посочи дека единствено што може да се забележи е исполнети билтени на МВР од луѓе кои се нападнати од кучиња и незадоволни туристи.
„Функционира повеќе од 8 години и ние не можеме да се пофалиме дека гледаме видливи резултати. Напротив гледаме дека билтените на МВР се полни од луѓе кои се нападнати од кучињата скитници кои се во Скопје. Разговараме за град на култура, град на туризмот, сакаме да привлечеме туристи. А во сите оние портали каде се рекламира Скопје како град кој што треба да се посети стои забелешка “Внимавајте Скопје е преполно од кучиња бездомни“ и тоа е навистина жално“, дециден беше Кирков.
Според Кирков доколку се разгледа детално финансискиот извештај она што јасно се забележува е одлевање на огромна сума на пари од касата на Град Скопје. Јавно побара да добие одговори од надлежните на ова претпријатие се со цел да може да биде известена македонската јавност.
„Доколку го разгледате детално финансискиот извештај, ќе забележите дека има стотици илјади евра кои се одлеваат од касата на Град Скопје, пари на граѓаните. Ние како советници треба да знаеме каде завршуваат нашите пари. ЈП Лајка не ги исполни очекувањата на скопјани, ситуацијата во Скопје е алармантна, очекувам целосна ревизија во ова претпријатие и ќе побараме одговорност“ , заклучи Кирков.
Според него кога ќе се смени градоначалничката Арсовска сите претпријатија ќе профункционираат, не само ЈП Лајка, се наведува во партиското соопштение.