По свеченото отворање, ќе настапат Скопје Брас Квинтет, кои како дел од проектот „Филмско-музичка Фузија“, ќе отсвират новокомпонирана музика на познати филмски сцени.
Посетителите до 4 август 2024 година, покрај филмските проекции, ќе имаат можност да учествуваат во различни активности – дискусии со режисери и актери, работилници... Љубителите на културата ќе можат да ги истражат и историските и културните знаменитости на Галичник, да уживаат во локалната гастрономија и да се поврзат со природата.
- Селектирани се 28 краткометражни филмови, кои доаѓаат директно од престижните филмски фестивали како што се Канскиот филмски фестивал, Венецијанскиот филмски фестивал, Торонто Филм Фестивал, Санденс, Локарно и многу други. Овие филмови, кои претставуваат богатство на жанрови и приказни, ќе ве однесат на патување низ различни култури и емоции, се наведува во најавата за Фестивалот.
Како дел од жири-комисијата оваа година се актерот Ѓорѓи Јолевски, режисерката Тамара Котевска и филмскиот монтажер Мартин Иванов и кинематографот Џин Дакар.
Во рамки на фестивалот ќе се одржи и балканската работилницата за краткометражни сценарија под водство на Дејан Дуковски. Избрани се пет проекти во развој од земјата и регионот.
Публиката вечер ќе може да го проследи краткиот филм „ТУРБО-НЕТ“, во сценарио и режија на Надежда Панова. Улогите ги толкуваат млади и искусни глумци меѓу кои Катина Иванова, Валентина Грамосли, Соња Михајлова, Сашо Тасевски, Исидор Јовановски, Илија Волчески, Ивана Павловиќ, Игор Трпчевски, Петар Стојанов, Надица Дојкоска, и Петар Горко. Сценографијата е на Дејан Ѓошевски, камерата на Лашло Кадар а извршен продукцент е Виктор Павловски.
Филмот е приказната за едно семејство и неговите предизвици по смртта на таткото, сопственик на Турбо-Нет, првото интернет кафуле во градот и центар на друштвениот живот на почетокот на векот. Подржан од Агенцијата за филм и фондот Синефором, Женева, филмот е ко-продукција на Пирејфилм, Скопје и Камера300, Швајцарија.
Фестивалот е поддржан од Агенција за филм и Министерство за култура и туризам. Програмата на Галичник Филм Фестивал е бесплатна.