Тој посочи дека ќе дискутираат за нивните проблеми и порача оти се надева дека за еден час по средбата ќе имаат решение, за од утре да се реши проблемот со автобускиот превоз во Скопје.
Средбата меѓу советниците од ВМРО-ДПМНЕ и претставници на приватните превозници се одржува вечерва во 18 часот.
-Пред малку бевме во комуникација со приватните превозници. Се договоривме да оствариме средба тука во Градот Скопје, во барака 1, каде што ќе можеме да дадеме предлог за решавање на проблемот со автобускиот приватен поревоз, со нивните барања, за конечно да се најде решение. Сакаме да излеземе во пресрет со некое наше решение до приватните превозници, изјави Стојановски пред средбата.
На новинарско прашање дали предлозите на советниците од ВМРО-ДПМНЕ се во насока на барањата на приватните превозници да им се зголеми цената за изминат километар, Стојановски одговори дека прво мора да ги слушнат нивните предлози, па потоа да излезат со нивен предлог.
- Мора да ги слушнеме прво нивните предлози, па ќе излеземе и ние со предлог за да можеме да дојдеме до решение. Што се однесува до точката која ја поднеле, а е поврзана со барањето да се зголеми цената за изминат километар, до нас како советници не е стигната таа точка на дневен ред. Точката треба да биде во рамки на законот, според Деловникот и Статутот на Советот. Како советничка група на ВМРО-ДПМНЕ ќе дадеме се што е во наша можност да им помогнеме на приватните превозници, да се реши проблемот. Тука нема политиканство, нема никакви задкулисни игри. Напротив, сакаме да работиме, да им помогнеме на приватните превозници, но и на граѓаните кои секогаш се на прво место, додаде Стојановски.
Претставникот на приватните превозници Јовица Зафировски пред средбата изјави дека повикот на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ за средба е одлична вест и нова надеж, дека конечно ќе се решат нивните проблеми.
- Се надеваме дека ќе имаме конструктивна средба, ќе ги кажеме нашите размислувања и предлози и очекуваме дека конечно ќе се реши ова. Одиме на средба, па ќе видиме кои ќе бидат информациите од таму, рече Зафировски.
Прашан дали некој друг предлог од советниците од ВМРО-ДПМНЕ би бил прифатлив покрај нивното барање за зголемување на цената за изминат километар, Зафировски одговори дека за сега не знаат и не можат да шпекулираат.
- Ќе видиме прво што ќе кажат, па потоа ќе излеземе со информација, рече Зафировски.
Воедно, независната советничка Ирена Витина информираше дека се собрани 17 потписи за свикување на вонредна седница на Советот на Град Скопје.