По 20 години, уапсен е еден од најбараните бегалци по кои ФБИ имаше издадено потерница

Еден од најбараните терористи по кои ФБИ имаше издадено потерница е уапсен во Велс по повеќе од 20 години бегство, соопштија синоќа американските и британските власти.

Даниел Андреас Сан Диего, кој има врски со екстремистички групи за заштита на животните, е баран од американските власти поради неговата наводна вмешаност во два бомбашки напада во областа Сан Франциско во 2003 година.

Британската Национална агенција за криминал изјави дека 46-годишниот бил уапсен во понеделникот во операција поддржана од британската антитерористичка полиција и полицијата во Северен Велс и сега се соочува со екстрадиција во САД.

„Апсењето на Даниел Сан Диего по повеќе од 20 години како бегалец за два бомбашки напади во областа на Сан Франциско покажува дека без разлика колку долго ќе трае, ФБИ ќе ве најде и ќе ве повика на одговорност“, рече директорот на ФБИ, Кристофер Вреј.

Две експлозивни направи експлодираа во рок од еден час една по друга во кампусот на биотехнолошката корпорација во Емеривил, помеѓу градовите Беркли и Оукланд во северна Калифорнија, на 28 август 2004 година, соопшти ФБИ.

Помалку од еден месец подоцна, бомба експлодираше во корпорација во Плесантон, источно од Сан Франциско. Во експлозиите нема загинати или повредени.

Во октомври 2003 година беше издаден федерален налог за апсење на Сан Диего, а во 2009 година беше додаден на листата на најбарани терористи на ФБИ, со што стана првиот домашен терорист на таа листа, соопшти бирото.

ФБИ понуди награда до 250.000 долари за информација што ќе доведе до негово апсење.

НБРМ: Годишен раст на зелените кредити од 7,4 % заклучно со септември 2024 година

Зелените кредити бележат годишен раст во портфолијата на банките и во третиот квартал од 2024 година. 

Според податоците на Народната банка, на крајот на септември 2024 година, растот на зелените кредити во однос на истиот период лани изнесува 1,4 милијарди денари, или 7,4%. Во споредба со крајот на 2019 година, кога започна прибирањето и објавувањето на овие податоци, зелените кредити се зголемени за 2,8 пати. Зелените кредити се заеми наменети за проекти коишто поддржуваат одржливи, еколошки цели, или цели коишто придонесуваат за зелената транзиција во општеството, како што се инвестициите во нова еколошка технологија.

Според податоците на Народната банка, на крајот од третото тримесечје од 2024 година, состојбата на зелените кредити во билансите на банките изнесува 20.350 милиони денари. За споредба, на крајот на 2019 година тие изнесувале 7.176 милиони денари. Заклучно со третото тримесечје од 2024 година, состојбата на кредитите одобрени на компаниите изнесува 19.355 милион денари, додека на домаќинствата изнесува 995 милиони денари.

Уделот на зелените во вкупните кредити сѐ уште е на релативно ниско ниво, но од крајот на 2019 година, заклучно со третото тримесечје од 2024 година, се забележува промена од 2,2 % на 4,4 %.

Народната банка, препознавајќи ги ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ја постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија. Преку низа активности, нашата централна банка придонесува за поттикнување на зеленото финансирање, вклучувајќи ги и монетарните мерки.

За таа цел, Народната банка, на својата веб-страница од 2022 година почна да објавува и квартални податоци за кредитите за зелено финансирање одобрени на домаќинствата и нефинансиските друштва, коишто можете да ги најдете на следнава врска: https://www.nbrm.mk/podatotsi_i_pokazatieli_za_bankarskiot_sistiem_na_riepublika_makiedonija.nspx

Конгрес на хотелиери на Хрватска: Хрватска поскапа од Албанија за 52 отсто

Туризмот сочинува една петтина од економијата на Хрватска, а зад нас имаме успешна туристичка година, како што покажуваат бројките. 

Подобро беа исполнети сместувачките капацитети кои се поквалитетни. Хотелите со 5 ѕвезди биле пополнети за 96,5 отсто во средината на август, а хотелите со 4 ѕвезди за 92,5 отсто, изјави Вељко Остојиќ, директор на Хрватското туристичко здружение на 26-от Конгрес на хотелиери.

Тој наведува дека глобалната геополитичка ситуација ни носи одредена доза на неизвесност, имајќи предвид дека економските движења, вели, не се најдобри, особено во Германија и затоа е исклучително важно да се зајакне инвестицискиот циклус во хотелиерството и поттикнување на работата на локалното население и обезбедување побрзо добивање работни дозволи за странски работници.

Министерот за туризам и спорт, Тончи Главина, признава дека не било лесно во претходната сезона и дека претстојат тешки години, јавија хрватските медиуми.

„Во 2025 година очекуваме раст и завршување на неколку големи инвестиции, пред се во хотелиерството“, рече Главина, наведувајќи дека досега има најголем бран инвестиции во туризмот.

Директорот на Хрватскиот туристички одбор, Кристјан Станичиќ, рече дека во 2025 година гостите сакаат пред се вредност за парите.

„До крајот на годината може да очекуваме околу 21 милион туристи и, според предвидувањата, околу 15 милијарди евра приход од странски туристи, додека за 2025 година треба да размислиме за цените, бидејќи доколку се придружени со квалитет, нема да има проблеми, но ако не, ќе има бариера. Истражувањата покажаа дека во 2024 година бевме малку поскапи од Грција и Шпанија, како и дека околу 80 отсто од Европејците ги менуваат своите навики за патување поради климата, безбедноста и цените“.

„Ако ја споредиме Хрватска со другите земји, ќе видиме дека во август цените во Германија биле за 5 отсто повисоки од овде, во Франција за 9 отсто, а во Италија за 1 отсто“, додава Станичиќ.

Од друга страна, наведува дека цените во Португалија биле за 28 отсто пониски од хрватските, во Шпанија за 21 отсто, а Грција имала 17 отсто пониски цени од Хрватска.

„Албанија понуди 52 отсто пониски цени од цените што Германците ги сретнаа овде во екот на сезоната“, рече Станичиќ.

Објавени лауреатите на државната награда „Св. Климент Охридски“ за 2024 година

Државната награда „Св. Климент Охридски“ е  највисоко признание за долгогодишни остварувања во областа на воспитанието, образованието, културата, уметноста, здравството, заштитата и унапредувањето на човековата околина.

Државната награда „Св. Климент Охридски“ за 2024 година во областа на воспитанието и образованието ќе ја добие универзитетската професорка Маја Бојаџиевска, а во областа на културата и уметноста - писателот Милован Стефановски, сликарот Мирослав Масин и актерот Рефет Абази.

Како што соопшти Министерството за култура, Одборот за доделување на државната награда „Св. Климент Охридски“, под претседателство на Томислав Османли, ја донел одлуката за годинашните лауреати на кои признанието ќе им биде врачено на 8 декември напладне во Собранието на Република Македонија.

-Државната награда „Св. Климент Охридски“ е највисоко признание за долгогодишни остварувања во областа на воспитанието, образованието, културата, уметноста, здравството, заштитата и унапредувањето на човековата околина и во социјалната дејност од јавен интерес на Република Македонија, наведува Министерството за култура.

притисни ентер