Книжевна вечер посветена на академик Влада Урошевиќ ќе организираат „Литература.мк“ и издавачката куќа „Арс Ламина“ денеска од 19 часот во „Дајмонд мол“, со која ќе бидат одбележани 90 години од раѓањето на овој македонски поет, раскажувач, романописец, книжевен и ликовен критичар, есеист, антологичар и преведувач и професор во пензија на Филолошкиот факултет на УКИМ.
Настанот е насловен „Вистинита но не многу веројатна историја за проф. Урошевиќ за факултетот покрај Вардар и за четирите студенти“ и со цел да му се оддаде почит на академик Урошевиќ.
За неговото дело, за влијанието, за менторството и за книжевните пријателства ќе зборуваат четворица негови студенти: Лидија Капушевска-Дракулевска, Соња Стојменска-Елзесер, Владимир Мартиновски и Владимир Јанковски, а во улога на модератор ќе биде писателката Оливера Ќорвезироска.
„Арс Ламина“ го објави романот на Урошевиќ - „Вистинита, но не многу веројатна историја за семејството Пустополски, за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“, кој ја доби престижната награда „Роман на годината“, а во рамките на едицијата „Македонски книжевни класици“ оваа издавачка куќа реобјави и три евергрин-наслови од Урошевиќ: „Вкусот на праските“, „Мојата роднина Емилија“ и „Невестата на змејот“.
Влада Урошевиќ е роден на 17 октомври 1934 година, во Скопје. Завршил Филозофски факултет во Скопје. Докторирал на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, во 1987 година. Работел како соработник и уредник на Редакцијата за култура и уметност на Телевизија Скопје. Во 1982 година е избран за доцент на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет во Скопје, а во 1988 година станал редовен професор. Бил уредник на списанието „Разгледи“.
[Поезијата на светски великани на поетскиот збор, учесници на Струшките вечери на поезијата, преведена и издадена на македонски јазик, со својата големина, сериозноста на пристапот и со квалит]
Урошевиќ е член на ДПМ од 1961 година и член на Македонскиот ПЕН- центар. Исто така, тој е член на МАНУ (од 1997 година), како и дописен член на меѓународната „Академија Маларме“ во Париз и редовен член на Европската поетска академија со седиште во Луксембург.
-Академик Урошевиќ важи за еден од најзначајните претставници на македонскиот модернизам, фокусиран врз истражување на чудесното, фантастичното и надреалното. Освен со пишување, Урошевиќ се занимава и со преведување. Тој ги има препеано најзначајните руски и француски поети на македонски јазик. Има објавено над 50 книги: поезија, раскази, студии, критики и есеи, антологии и романи. Добитник е на најпрестижните книжевни награди: „Браќа Миладиновци“, „Григор Прличев“, „Рациново признание“, „Кирил Пејчиновиќ-Тетоец“, „Младост“, „Нолит“, наградата на Турскиот ПЕН „Халид Един Адивар“ (2007), „Стале Попов“ (2006), орденот на московската организација на Сојузот на руските писатели „Сергеј Есенин“, како и „Роман на годината“, информира организаторот на настанот.
Во 2023 година, покрај наградата „Роман на годината“, академик Урошевиќ го доби и врвното поетско признание „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата и беше прогласен за автор на годината од Македонската асоцијација на издавачи.