Изложбата ја истражува комплексноста на перцепцијата и размислувањето преку една серија на досега неизложени дела.
- После самостојните излагања во Грац, Париз и Венеција оваа година почувствував потреба да претставам дел од моите досега неизложени дела од моите најнови циклуси во Охрид но овој пат во еден неконвенционален, ‘’експериментален’’ простор, во Касарна Хаб, (во просториите на бившата касарна во Охрид), вели Блажес.
Изложбата ја предизвикува јавноста на едно размислување за својот идентитет и значењето на нивните најинтимни искуства, поттикнувајќи ја на размислување за она што произлегува од длабочините и она што ние претпочитаме да го криеме. Блажес создава еден контемплативен простор, каде што уметноста се спојува со егзистенцијалната филозофија и внатрешната медитација, нудејќи пат кој води кон повторно откривање на идентитетот во постојана трансформација. (од текстот од ‘’Страст за носталгија’’ до ‘’Изгубен во рефлексија’’, Camilo Racana ,куратор , Париз, 2024).
Според Блажес, неговото дело претставува потрага по рамнотежа и медитација, обид за ослободување од современата реалност во која доминираат страв, предрасуди и стереотипи. Неговите платна, насликани како да се во бездна, се осветлени од сјајот на праисконска светлина која се раѓа од мешањето на длабоките езерски струи. (од текстот ‘’Ловец на бисери’’ Silvio Pasqualini куратор и директор на Blue Gallery Венеција, 2024).
Сликите претставуваат бегство од хаотичното секојдневие кон лирски предадените експресивни, разиграни, но смирени сенки во ноќните пејзажи од водната површина. Во контекст на неговиот критички однос кон реалноста, плохата на сликата и раслојувањето на површината се појдовна точка за суштинско и круцијално длабење под појавната суштина на масовната хистерија и беспомошната положба на човекот во консумеристичкото општество базирано врз страв, предрасуди и стереотипи. (од текстот ‘’Нуркање до дното’’ Маја Чанкуловска, куратор ,Национална Галерија-Скопје 2024).
Изложбата ќе биде содржана од 12 дела изработени во комбинирани техники, една инсталација и едно кратко видео. а тематиката ги соединува делата од моите последни изложби поточно двете во Париз, во Грац и последната во Венеција.
Сашо Блажес е роден во 1980 година во Охрид, каде живее и работи. Дипломирал во 2006-та година на Универзитетот за ликовни уметности во Букурешт, Романија, како еден од најдобрите студенти на графичкиот отсек. За време на магистерските студии (2006-2008) бил вклучен од катедрата за графика во изготвувањето на неколку универзитески трудови од областа на графиката и графичките техники на Универзитетот.
Зад себе има реализирано шестнаесет самостојни изложби во Македонија и во странство, а има учествувано на бројни групни изложби во Австрија, Германија, Романија, Шведска, Јапонија, САД, Канада, Италија, Бугарија. Негови дела се наоѓаат во приватни збирки во Норвешка, Романија, Германија, Франција, Италија, Австија и Австралија. /МИА