Општина Куманово го објави конкурсот за избор на сувенир

 Општина Куманово го објави конкурсот за избор на сувенир на градот, соопштија денеска надлежните од Секторот за локален економски развој.

Заинтересираните правни и физички лица можат да аплицираат за изработка на сувенир. Понудените изработки треба да исполнуваат повеќе одлики и со автентичните трудови да придонесат кон креирањето на производ кој ќе го отсликува карактерот на градот, во насока на зголемена промоција.

Како што наведуваат од Секторот за економски развој, Општината на овој начин поддржува идеи и автентични трудови со цел да придонесат кон креирањето на производ кој ќе ги отсликува карактеристиките на градот, во насока на зголемена промоција. Сувенирот мора да ги содржи елементите на препознатливост и да ја отсликува традицијата и културно-историските, духовни, материјални и природни богатства на градот Куманово, да биде адаптиран за масовно производство и наменет за туристичка промоција на градот. Сувенирот треба да биде изработен од материјал, големина и боја според замислата на авторот, да се користат стабилни и еколошки прифатливи материјали како што се: керамика, камен, метал, дрво, стакло, глина, гипс, текстил. Рокот за доставување е до 21 октомври годинава.

Наградата за „Сувенир на општина Куманово“ изнесува 100.000,00 денари без ДДВ, при што првиот дел од износот изнесува 30.000,00 денари и ќе биде наменет за добитникот за мотивација и вложен труд. Вториот дел од наградата, добитникот на наградата во меѓусебен потпишан договор со Општина Куманово, зависно од проценетата вредност на трудот, должен е да достави одредена количина на сувенирот на општина Куманово во износ од 70.000,00 денари.

Ендрју Гарфилд и Флоренс Пју продолжиле да се бакнуваат и по „Сечи!“

 Ендрју Гарфилд и Флоренс Пју глумат заедно во филмот „Го живееме мигот“ (We Live In Time). При промоцијата на филмот во Њујорк, САД, викендов Гарфилд раскажа анегдота од снимањето.

Имено, со 13 години помладата партнерка од филмот снимале „многу интимна и страсна“ секс-сцена, а кога режисерот Џон Краули извикал „Сечи!“, глумците просто продолжиле „да глумат“, но биле, некако - „премногу внесени“ во сценариото... Глумецот раскажува дека сцената станувала сè пострасна па не го слушнале „резот“...

Оваа „непријатна случка“, вели Гарфилд (41), за среќа се одвивала на затворена сцена. Освен двајцата протагонисти, околу нив биле само снимателот и филмскиот техничар, додека режисерот бил во соседната соба.

Гарфилд сфатил дека згрешиле дури кога забележале дека филмаџиите учтиво се свртеле кон ѕидот. Тој призна дека „сцената траела предолго“.

Филмот ја имаше својата премиера на овогодишниот канадски Меѓународен филмски фестивал во Торонто, а во американските кина ќе биде прикажан на 11 октомври. /МИА

Унгарски политичар го нападна Орбан и заврши на подот– инцидент во Европскиот парламанет(ВИДЕО)

Членот на Унгарската демократска коалиција, Мартон Ѓекиќи денеска го нападна унгарскиот премиер Виктор Орбан за време на прес-конференција во Европскиот парламент.

На видеото објавено од Corriere della Sera се гледа како човек, кого обезбедувањето го крева од подот, му вика на премиерот.

Орбан не е повреден во инцидентот, а обезбедувањето брзо го совлада Ѓекиќи и го фрли на подот, по што беше изнесен од салата.

„За колку ја изневери државата, премиере?“, го праша Ѓекиќи Орбан додека неговите телохранители го водеа надвор од салата.

По инцидентот Орбан коментираше дека „унгарскиот е директен јазик и дека комуникацијата може да биде груба“, пренесува унгарски Телекс.

„Кога еден политичар ќе му каже на друг дека е негативец, во нашата култура тоа значи „не се согласувам со тебе“, рече Орбан.

Како што потсетува Телекс, Ѓекиќки фрлал монети кон Орбан за време на инцидентот во Кеч на почетокот на септември во знак на протест.

Врховниот суд: Државата е должна да обезбеди здрава животна средина

Општата седница на Врховниот суд денеска утврди начелен став за правото на здрава животна средина и загадувањето на воздухот.

Во Начелниот став се утврдува дека државата согласно националната и меѓународната правна регулатива, е должна да обезбеди здрава животна средина и дека со непреземањето дејствија од страна на надлежните јавни органи се повредува уставно загарантираното право на здрава животна средина.

„Согласно националната и меѓународна правна регулатива, Државата е должна да обезбеди здрава животна средина, меѓу кои и правото на чист воздух, како поединечно право на граѓаните, кои како странка во управна постапка, можат да бараат да се задолжат надлежните органи, да ги донесат Основните плански документи, од член 23 од Закон за квалитет на амбиенталниот воздух, како Општи акти“, се наведува во Начелниот став.

Претседателката на Врховниот суд на Македонија, Беса Адеми, истакна дека правото на здрава животна средина е фундаментално граѓанско и човеково право и непосредно поврзано со унапредувањето на здравјето на граѓaните и со законски пропишаните обврски и должности за заштита на животната средина.

„Една од темелните вредности на уставниот поредок на Македонија е уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата. Пристапот до здрава животна средина е основно човеково право, на што упатува и Советот за човекови права на Обединетите нации“, истакна претседателката на Врховниот суд, додавајќи дека прашањето е важно и од аспект на Европската конвенција, Советот на Европа, Европскиот суд за човековите права и Европскиот суд на правдата.

Професорот д-р Борче Давитковски истакна дека судската власт е коректив на другите власти и дека преку својата отвореност кон јавноста, Врховниот суд дава исклучителен придонес за јакнење на јавната доверба, особено што Општата седница расправа за прашања кои се од интерес на граѓаните и човековите права.

Професорот Давитковски нагласи дека правото на здрава животна средина е уставно загарантирано право и дека секој има право на информации за здравата животна средина, односно за загадувањето на воздухот, согласно конвенциското право и домашното законодавство.

Во таа насока, професорот истакна дека согласно Уставот, секој може да бара заштита на своето право, посебно во ситуација кога јавните органи не ги презеле дејствијата кои согласно законот биле должни да ги преземат и дека од големо значење е што судската власт застанува во одбрана на правата и интересите на граѓаните.

Судијата Џемали Саити истакна дека секој човек има право на здрава животна средина и дека во остварувањето на правото на здрава животна средина се применуваат и одредбите од Законот за управните спорови, кои обезбедуваат судска заштита од незаконити акти и дејствија. На тоа се надоврза судијата Анита Бошковска, која нагласи дека утврдувањето на начелниот став е од големо значење како за граѓаните и јавниот интерес, така и за судството.

Судијата Мирјана Лазарова Трајковска подвлече дека најзначајниот аспект е дека не секогаш со чинење се повредуваат правата, туку може многу поголеми повреди да бидат извршени со не чинење. Во оваа насока, судијата Лазарова Трајковска потенцираше дека правото на здрава животна средина, а во смисла на судската заштита подразбира и право на пристап до суд, се наведува во соопштението.

притисни ентер