Општина Берово со парична поддршка за лица со попреченост до 26 години

Општина Берово ќе додели еднократен паричен надоместок за семејствата на лица со попреченост до 26 години, соопшти денеска градоначалникот на Општината, Звонко Пекевски.

- Се известуваат жителите на Општина Берово дека предвидена е мерка со која по 10.000,00 денари ќе добијат семејствата на лицата со попреченост , како еднократен паричен надоместок. Целта на оваа мерка е да се помогне на овие семејства, да можат да покријат дел од трошоците и да биде придонес во семејниот буџет, рече Пекевски.

Паричните средства за оваа мерка, како што додаде, се обезбедени од Буџетот на Општина Берово.

- Сите членови во општеството се важни а понекогаш, некому малку, навистина значи.

Грижата за сите во локалната заедница е важен фактор во севкупниот развој на истата, додаде Пекевски.

Активноста се реализира во рамки на Програмата за социјална заштита за 2024 година на Општина Берово.

Наративот за влезот на Македонија во ЕУ, во фокус на дебатата на Институтот за медиуми

Медиумите на албански јазик имаат попроактивен пристап кон процесот на интеграција на земјата во Европската Унија, за разлика од македонските медиуми, беше истакнато на денешната  панел дискусијата на Институтот за медиуми и аналитика.

Ова според професорот Сефер Тахири е презентирано јавниот и политичкиот дискурс, кој е подистанциран, понеутрален и „постуден“ во однос на влијанието на процесот на интеграција во ЕУ и преговорите, кои беа придружени со решавање на билатералните прашања со Грција и Бугарија поврзани со името на државата и идентитетскиот корпус на македонскиот народ.

Во фокусот на денешната панел дискусија беше известувањето на медиумите за евроинтеграциите пред и по изборите. Новинарката Слободанка Јовановска објаснува дека анализата на медиумското покривање на евроинтеграцијата во текот на изминатата година, од септември 2023 година до септември годинава, генерално покажува дека темата доживеа неколку фази, но со генерален тренд да се актуелизира само ако има настани или изјави на високи политичари поврзани со неа и ако може да се искористи во домашен политички контекст.

Петрит Сарачини од Институтот за медиуми и аналитика смета дека за време на изборната кампања биле засилени етно националистичките наративи, за сметка на поважните прашања за земјата кои биле оставени настрана, а се отворија прашањата за балансерот и законот за јазици. Од друга страна, беше посочено дека наративот за можна дестабилизација која требало да се случи во септември, бил само замајување на завноста и одолговлекување од вистинските проблеми, како што е уназадувањето на Македонија од ЕУ.

Зголемен број случаи на врсничко и малолетничко насилство во Грција

Последниот случај на врсничко насилство беше регистриран утрово во средно училиште на Пелопонез кога 13-годишен ученик физички нападнал негов соученик и се обидел да го фрли од првиот кат на зградата.

Многу случаи на малолетничко насилство се објавуваат на социјалните мрежи, бидејќи токму тоа го сакаат, да постои фотографија или видео што ќе се објави како „подвиг“, како што сметаат децата, истакна портпаролката на грчката полиција Константина Димоглиду, говорејќи за зголеменото врсничко насилство во Грција и влијанието на социјалните мрежи, јави дописничката на МИА од Атина.

Во изминатиот период во Грција се зголемени случаите на врсничкото и малолетничкото насилство, а според официјалните податоци од Министерството за заштита на граѓаните на од 30 септември до 6 октомври во рамките на активностите на полицијата за спречување и справување со малолетничката деликвенција и насилството меѓу малолетниците, на целата територија биле извршени проверки врз 6.283 лица, било констатирани 296 прекршоци, приведено 361 лице, а уапсени 189.

Последниот случај на врсничко насилство беше регистриран утрово во средно училиште на Пелопонез кога 13-годишен ученик физички нападнал негов соученик и се обидел да го фрли од првиот кат на зградата, нешто што било спречено од друг ученик, а сторителот бил уапсен.

Во интервјуто за државната телевизија ЕРТ Димоглиду рече дека инцидентот се случил на голем одмор, а жртвата ги информирала родителите, кои пријавиле во полиција.

-Треба и директорите на училиштата и наставниците да ја информираат полицијата и локалните полициски станици. Постои многу добра комуникација со командирите на полициските станици, директорите на училиштата да информираат во случај да видат дека има деликвентни деца и секако да ги информираат семејствата на овие деца и да се обидат да го решат ова прашање во училиштето со психолозите и социјалните работници, истакна портпаролката на грчката полиција. /МИА

Протоколарна средба на Минчев со амбасадорот на Франција во земјава Ле Риголер

Министерот за јавна администрација на Република Македонија, Горан Минчев, денеска оствари протоколарна средба со амбасадорот на Франција во Република Македонија, Н.Е. Кристоф Ле Риголер. 

На средбата, стана збор за зајакнување на билатералната соработка, каде што беше истакната можноста, двете страни да разговараат за проекти од заеднички интерес, особено во областа на реформата на јавната администрација.

Министерот Минчев ја изрази својата благодарност за долгогодишната поддршка на Франција во развојот на политиките на јавната администрација. Тој ги истакна тековните реформи насочени кон подобрување на ефикасноста, транспарентноста и отчетноста во јавната служба на Република Македонија, истакнувајќи дека овие реформи се клучни за процесот на европска интеграција на државата.

Фокусот на средбата беше формирањето и функционирањето на Академијата за административни службеници, водечка иницијатива на Министерството за јавна администрација.

Министерот за јавна администрација ја истакна важноста на оваа академија за обезбедување постојана обука и професионален развој за вработените во јавната администрација, обезбедување на компетентна и приспособлива работна сила, способна да одговори на предизвиците на современото владеење.

Во таа насока, министерот ја посочи вредната експертиза и поддршка што ја дава Француската амбасада во конципирањето и операционализацијата на Академијата.

Амбасадорот Ле Риголер ја изрази подготвеноста на амбасадата на Франција да ги унапреди и поддржи заложбите на министерството за реформи во јавната администрација на Република Македонија, преку продлабочување на соработката, размена на добри практики, експертиза и поддршка за градење капацитети, водејќи се по нивното искуство во модернизација на јавна администрација.

притисни ентер