Нема да правиме компромиси, наша работа е да го чуваме уставниот поредок, и не се укинуваат ничии права, порача претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски образложувајќи ја одлуката на Судот да ја укине алатката балансер при вработувањата по етнички клуч во јавните институции. ОТСЕГА националната припадност не може да биде критериум за вработување бидејќи го повредува уставно загарантираното право на слободно изразување, туку стручноста и компетентноста и за припадниците на помалите заедници.
Гласањето беше тајно, а за одлуката гласаа мнозинството од уставните судии. Нема да важи ретроактивно, И сите што се вработиле преку оваа алатка остануваат на работа. Според претседателот на Уставен одлуката се темели исклучиво на уставно-правна анализа, а не на политички влијанија. Политичарите не треба да ги етнизираат и политизираат одлуките, апелираше Костадиновски.
„Манипулација е дека судот со своето постапување по ова или кој друг предмет може да ги наруши етничките односи или да биде повод за дестабилизација. Нечуено е тоа да се тврди. Со идигнација ги отфрлам сите обиди за политизација и етнизација на постапувањето на Уставниот суд. Воопшто не ме интересира која е власт, какви најави има таа власт, кој е опозиција и што планира не е тоа моја работа. Иницијативата е поднесена во време на претходна власт и тие во програма го немаа ова.“, изјави Костадиновски.
Костадиновски вели дека укинувањето на спорните законски одредби нема да имааат никави правни последици и правен вакум. Сега на законодавецот му се дадени насоки како ќе го регулира прашањето за правична застапеност. Во меѓувреме сите институции треба да се водат од уставните принципи за стручност и компетентност.
„Не може да настане никаков правен вакум. Темелната вредност постои, таа е во Уставот, не можеме да ја отстраниме. Сега законодавецот има уставно право да најде начин како ќе ја операционализира. Оваа одлука треба да биде поздравена од помалите заедници, а не да треперат дека правата им се злоупотребени. Тие се жртва на злоупотреба на овој механизам. Македонци се запишуваа како Албанци, Турци, Власи за да се вработат,“– изјави претседателот на Уставниот суд.
Предметот во Уставен беше оформен по иницијатива поднесена од стариот состав на Антикорупциската комисија, бидејќи оттаму сметаа дека преку алатката се прават злоупотреби при вработувањата во јавниот сектор.
Од Уставниот суд најавија и дека во декември ќе расправаат и за Законот за употреба на јазиците, за кој иако има веќе реакции во јавноста, Костадиновски е дециден дека нема веќе да се чува во фиока.