Објавена есенската кошница, 73 производи со ограничена бруто профитна маржа до 10 проценти

 Ориз, брашно, тестенини, масло, млеко, јогурт, млечни производи, зеленчук, овошје,  се на листата со 73 три производи во таканаречената есенска потрошувачка кошница.

За нив бруто профитната маржа ќе биде ограничена на 10 проценти во трговијата на големо и мало, а во маркетите ќе бидат обележани со натписот „помалку трошоци, повеќе за тебе“, одлучи денеска Владата, на предлог на Министерството за економија и труд.

Одлуката на Владата за ограничување на бруто профитната маржа на дел од основните прехранбени производи ќе стапи во сила наредниот ден по објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“, а ќе се применува до 31 октомври годинава.

Ресорниот министер Бесар Дурмиши на прес-конференција рече дека со стапување во сила на оваа одлука се очекува трошоците за храна и безалкохолни пијалоци да се намалат во просек за околу 10 проценти.

Дурмиши соопшти дека ваквата одлука е донесена врз основа на податоците од Државниот завод за статистика, за индекс на трошоци за живот, кои покажуваат дека споредено август 2024 година, со декември 2023 година, евидентирано е зголемување на трошоците за храна за 4 проценти, од кои најголемо зголемување има кај овошјето од 10,9 проценти, кај млекото, сирењето и јајцата од 6,6 проценти, кај зеленчукот од 3,9 проценти, кај месото од 3,6 проценти, и кај лебот и жита од 2 проценти. За истиот период, трошоците за безалкохолни пијалоци се зголемени за 9,4 проценти, од кои кај минерлната вода, безалкохолните пијалоци, соковите од овошје и зеленчук зголемувањето е од 11,1 процент, додека кај кафе, чај и какао зголемувањето е од 7,7 проценти.

-Согласно податоците, во консултација со работната група која беше формирана од претставници од министерствата за економија и труд, за финансии и за земјоделство, сметаме дека ваквото зголемување на трошоците за храна и безалкохолни пијалоци е прекумерно и несразмерно во однос на растот на трошоците за набавка и оперативните трошоци кои трговците ги имаат. Нашите проценки се дека со стапување во сила на оваа одлука трошоците за храна и безалкохолни пијалоци ќе се намалат во просек за околу 10 проценти, со што ќе се намалат и трошоците за живот во потрошувачката кошница за групата храна и пијалоци, рече министерот Дурмиши.

Според Одлуката, трговците за производите кои се вклучени во есенската кошница и се поставени на полиците, фрижидерите и разладните уреди, треба јасно да ги обележат со натписот „помалку трошоци, повеќе за тебе„ кој е објавен на веб - страницата на Министерството за економија и труд.

Исто така, посочи Дурмиши, трговците на големо и трговците на мало ќе имаат обврска да ги прибавуваат и продаваат во месечни количини од најмалку 70 проценти од прибавените количини во август годинава од овие производи на листата.

Мерката есенска потрошувачка кошница во наредниот период ќе се применува како божиќна кошница, рамазанска кошница, велигденска кошница со ограничено време на траење пред и за време на празниците кога вообичаено се зголемуваат цените на основните прехранбени производи, со цел да се заштити стандардот на граѓаните.

Во листата на производи спаѓаат:

- ориз бел во пакување од 900г до 1кг;

-брашно пченично, тип 400 во пакување од 1кг до 2кг;

-бел и полубел леб, векна, индустриски тип 450г (цел и на парчиња), со исклучок на свежо печен леб во маркетите;

-печени пекарски производи (ѓеврек обичен, бурек со месо и сирење, баничка со месо и сирење, симит погача и лисната кифла, обична и со сирење);

-бисквити, "Petit Beure" и бисквити обични од 300гр до 500 гр;

-тестенини (макарони и шпагети од тврда пченица без и со јајца од 500 гр (без додатоци).;

-масло за јадење од сончоглед, во пакување од 1 литар;

-месо, јунешко, без коски, од бут или некој друг дел;

-месо, свинско, без коски, од бут или некој друг дел;

-пиле (свежо и замрзнато) цело;

-пилешки стек (свеж и замрзнат);

-салама, шункова во пакување од 300гр до 800гр (без слајс пакување);

-чаен колбас, од свинско месо (без додатоци и без слајс пакување);

-чаен колбас, од говедско месо (без додатоци и без слајс пакување);

-пилешка посебна саламa во пакување од 300гр до 800гр (без слајс пакување);

-паштета од џигер или пилешка (кокошја), (без додатоци) во пакување од 95гр и 100 гр.;

-замрзната риба Ослиќ;

-трајно кравјо млеко (освен органско млеко и млеко со додатоци) со масленост 2,8 проценти, 3,2 проценти и 3,5 проценти во пакување од 1 литар;

-јогурт од кравјо млеко обичен, без додатоци, со масленост од 2,8 проценти до 3,2 проценти во пакување од 1 литар;

-кисело кравјо млеко (обично без додатоци) со масленост од 2,8 проценти и 3,2 порценти во пакување од 400гр до 500 гр;

-павлака од кравјо млеко, кисела со масленост од од 12 проценти до 20 порценти во пакување од 180гр до 400 гр;

-урда;

-традиционално кравјо бело сирење (без додатоци);

-традиционално мешано бело сирење (без додатоци);

-традиционален кравји кашкавал (без додатоци);

-традиционален мешан кашкавал (без додатоци);

-свежи јајца од кокошка, пакување 1/10;

-масло ,(путер), индустриски произведен (пакување од 250 гр.);

-маргарин, (обичен), пакуван од 250 гр;

-јаболка;

-праски;

-грозје трпезно;

-лимони;

-портокали;

-банани;

-исчистени ореви;

-грав;

-кромид;

-компир;

-морков;

-спанаќ;

-зелка;

-краставици;

-корнишони;

-лук;

-тиквици;

-боранија;

-домат;

-пиперки;

-карфиол;

-тиква;

-модар патлиџан;

-леќа;

-магдонос;

-брокула;

-праз;

-зеленчук замрзнат (мешавина) во фолија од 450 гр;

-зеленчук замрзнат од пченка, во фолија од 450 гр;

-зеленчук замрзнат од грашок, во фолија од 450 гр;

-боранија замрзната, во фолија од 450 гр;

-маслинки, црни;

-грашок конзервиран во пакување од 400гр;

-ајвар од печени пиперки, тегла до 660 гр;

-краставички, конзервирани, тегла до 720 гр;

-печурки маринирани (сецкани), тегла до 720 гр;

-шеќер кристал бел;

-џем и мармалад;

-чоколадо млечно обично, во пакување од 100 гр;

-кечап;

-мајонез во тегла од 660 гр;

-зачин (вегета, зачинал и слично);

-кафе пржено мелено пакувано од 200гр;

-сок кашест (матен) овошен од разно овошје во тетрапак од 1 литар.

Љутков - Вречко: Македонија и Словенија имаат одлични билатерални односи

Македонија и Словенија имаат одлични билатерални односи со акцент на економијата и културата

Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков во рамките на работната посета на Република Словенија денеска оствариЛ билатерална средба со министерката за култура Аста Вречко, во Љубљана. На средбата министрите се согласиле дека меѓу двете држави има одлични билатерални односи во сите општествени сфери, со акцент на економијата и културата.

Како што информираат од Министерството за култура, Љутков и Вречко го отвориле прашањето за културно-информативни центри во двете држави. Министерот Љутков ја информирал својата колешка за позитивните искуства што нашата држава ги има со културно-информативните центри во другите држави и потенцирал дека отворањето центар во Словенија ќе биде од стратешко значење за промоција на македонската историја, култура и туризам.

На денешната средба, министерот Љутков иницирал потпишување на нова програма за соработка во областа на културата меѓу двете министерства.

Министерството за култура и туризам најави дека во наредниот период ќе изготви нацрт-текст на програма кој ќе биде формално-правна рамка преку која ќе се развиваат културните врски меѓу двете држави. На средбата станало збор и за унапредување на односите во областа на туризмот и придобивките што македонската страна може да ги има со споделените искуства со Словенија во оваа област.

Салиу се сретна со германската амбасадорка Дрекслер

Во фокусот подобрување на општата состојба на Ромите.

Министерот задолжен за интеграција и имплементација на Стратегијата за инклузија на Роми 2022-2030 Шабан Салиу денеска се сретна со германската амбасадорка во земјава Петра Дрекслер.

На средбата, како што информира Кабинетот на министерот Салиу, германската амбасадорка Дрекслер ја изрази својата загриженост и подготвеност за соработка во насока на подобрување на општата состојба на Ромите, со акцент на домувањето и проблемот со неевидентираните лица во матичната книга на родените.

- Амбасадорката беше запознаена со ингеренциите на Кабинетот и фактичката состојба од имплементацијата на Стратегијата за инклузија на Ромите 2022-2030. Дискутиравме и за заклучоците од Министеркиот состанок за ромската интеграција 2024, што се одржа во Берлин во организација на германската влада, се наведува во соопштението.

Израелската армија изврши воздушен напад врз предградие на Бејрут

Израелската војска соопшти дека денеска извршила „наменски напад“ врз либанската престолнина, додека два безбедносни извори за британски медиуми изјавиле дека биле погодени јужните предградија на Бејрут.

„ИДФ изврши наменски напад во Бејрут. Засега нема промени во одбранбените директиви на Командата за домашниот фронт“, соопшти израелската војска, без да даде повеќе детали.

Британските медиуми јавуваат дека густ облак од чад може да се забележи над Бејрут, а жителите пријавиле дека слушнале силна експлозија.

Според извештаите на либанските медиуми, нападот се случил во предградието Дахија, за кое Израел тврди дека е упориште на милитантната група Хезболах, пишува „Тајмс оф Изрзел“.

Претходно денеска, Хезболах лансираше 150 ракети во правец на северен Израел, објавувајќи дека со ракети Каќуша гаѓал повеќе воени локации долж границата, вклучително и неколку бази за противвоздушна одбрана и штаб на израелска оклопна бригада, за која тврдеше дека е првата погодена цел.

Новата размена на оган доаѓа по серијата експлозии на комуникациски уреди во вторникот и средата, при што загинаа најмалку 37 лица, меѓу кои две деца, а повеќе од 3.000 беа ранети во Либан./МИА

притисни ентер