Израелската армија изврши воздушен напад врз предградие на Бејрут

Израелската војска соопшти дека денеска извршила „наменски напад“ врз либанската престолнина, додека два безбедносни извори за британски медиуми изјавиле дека биле погодени јужните предградија на Бејрут.

„ИДФ изврши наменски напад во Бејрут. Засега нема промени во одбранбените директиви на Командата за домашниот фронт“, соопшти израелската војска, без да даде повеќе детали.

Британските медиуми јавуваат дека густ облак од чад може да се забележи над Бејрут, а жителите пријавиле дека слушнале силна експлозија.

Според извештаите на либанските медиуми, нападот се случил во предградието Дахија, за кое Израел тврди дека е упориште на милитантната група Хезболах, пишува „Тајмс оф Изрзел“.

Претходно денеска, Хезболах лансираше 150 ракети во правец на северен Израел, објавувајќи дека со ракети Каќуша гаѓал повеќе воени локации долж границата, вклучително и неколку бази за противвоздушна одбрана и штаб на израелска оклопна бригада, за која тврдеше дека е првата погодена цел.

Новата размена на оган доаѓа по серијата експлозии на комуникациски уреди во вторникот и средата, при што загинаа најмалку 37 лица, меѓу кои две деца, а повеќе од 3.000 беа ранети во Либан./МИА

Израел соопшти дека во нападот во Бејрут загинале околу 10 команданти на Хезболах

Високиот командант на либанскиот Хезболах Ибрахим Акил денеска е убиен во израелскиот напад врз Бејрут, изјави извор близок до проиранската екстремистичка организација.

Портпаролот на израелската армија на арапски јазик Авичаи Адраи изјави дека неколку други команданти на Хезболах се убиени заедно со Акил во денешниот напад во Бејрут.

Како што јави АЛ Џезира, либанската група се уште не ги коментирала воздушните напади.

Либанските здравствени власти соопштија дека во нападот загинале девет лица, меѓу кои и деца. /MИА

Илјадници луѓе на погребот на Скилачи

Илјадници луѓе присуствуваа денеска на погребот на легендарниот италијански фудбалер Салваторе Тото Скилачи во Палермо, кој почина во средата на 60-годишна возраст.

Роден и израснат во Палермо, легендарниот Скилачи никогаш не играше за локалниот клуб, а по завршувањето на кариерата отвори младинска фудбалска академија во родниот град.

Покрај цвеќиња, на ковчегот на последното испраќање на Скилачи беа ставени и дресовите на Италија и Палермо, како и шаловите на клубовите за кои настапуваше – Месина, Јувентус и Интер. Кариерата ја заврши во јапонскиот клуб Џубило Ивата во 1999 година.

На погребот присуствуваа многу поранешни фудбалери и соиграчи, меѓу кои и Џузепе Бергоми, како и поранешни и сегашни челници на Италијанската фудбалска федерација. На влезот во катедралата беше поставен венец испратен од Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА) со порака: „Херој на Италија 90“.

Скилачи беше најдобар стрелец на Светското првенство во 1990 година со шест голови, а беше прогласен и за најдобар играч на тоа првенство во Италија. За италијанската репрезентација одигра 16 натпревари и постигна седум голови./MИА

НБА: Ембид го продолжи договорот со Филаделфија

 Кошаркарот на Филаделфија Џоел Ембид денеска потпиша повеќегодишен договор со НБА клубот.

Филаделфија ја објави информацијата преку социјалните мрежи, но не прецизираше други детали.

Според американските медиуми, Ембид го продолжил договорот на уште три години и би можел да остане во клубот до крајот на сезоната 2028/2029 година, кога кошаркарот ќе има опција да го продолжи договорот.

Ембид, наводно, ќе заработи 193 милиони долари во тие три години, што значи дека вкупната вредност на неговиот петгодишен договор со Филаделфија изнесува 301 милиони, што би бил еден од трите најголеми договори во историјата на НБА.

Ембид (30) ја освои наградата за најкорисен играч во НБА (МВП) во 2023 година и заврши на второто место во гласањето за МВП двапати (2021, 2022), двата пати зад српскиот кошаркар Никола Јокиќ. /МИА

притисни ентер