Љутков - Вречко: Македонија и Словенија имаат одлични билатерални односи

Македонија и Словенија имаат одлични билатерални односи со акцент на економијата и културата

Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков во рамките на работната посета на Република Словенија денеска оствариЛ билатерална средба со министерката за култура Аста Вречко, во Љубљана. На средбата министрите се согласиле дека меѓу двете држави има одлични билатерални односи во сите општествени сфери, со акцент на економијата и културата.

Како што информираат од Министерството за култура, Љутков и Вречко го отвориле прашањето за културно-информативни центри во двете држави. Министерот Љутков ја информирал својата колешка за позитивните искуства што нашата држава ги има со културно-информативните центри во другите држави и потенцирал дека отворањето центар во Словенија ќе биде од стратешко значење за промоција на македонската историја, култура и туризам.

На денешната средба, министерот Љутков иницирал потпишување на нова програма за соработка во областа на културата меѓу двете министерства.

Министерството за култура и туризам најави дека во наредниот период ќе изготви нацрт-текст на програма кој ќе биде формално-правна рамка преку која ќе се развиваат културните врски меѓу двете држави. На средбата станало збор и за унапредување на односите во областа на туризмот и придобивките што македонската страна може да ги има со споделените искуства со Словенија во оваа област.

Израел соопшти дека во нападот во Бејрут загинале околу 10 команданти на Хезболах

Високиот командант на либанскиот Хезболах Ибрахим Акил денеска е убиен во израелскиот напад врз Бејрут, изјави извор близок до проиранската екстремистичка организација.

Портпаролот на израелската армија на арапски јазик Авичаи Адраи изјави дека неколку други команданти на Хезболах се убиени заедно со Акил во денешниот напад во Бејрут.

Како што јави АЛ Џезира, либанската група се уште не ги коментирала воздушните напади.

Либанските здравствени власти соопштија дека во нападот загинале девет лица, меѓу кои и деца. /MИА

Илјадници луѓе на погребот на Скилачи

Илјадници луѓе присуствуваа денеска на погребот на легендарниот италијански фудбалер Салваторе Тото Скилачи во Палермо, кој почина во средата на 60-годишна возраст.

Роден и израснат во Палермо, легендарниот Скилачи никогаш не играше за локалниот клуб, а по завршувањето на кариерата отвори младинска фудбалска академија во родниот град.

Покрај цвеќиња, на ковчегот на последното испраќање на Скилачи беа ставени и дресовите на Италија и Палермо, како и шаловите на клубовите за кои настапуваше – Месина, Јувентус и Интер. Кариерата ја заврши во јапонскиот клуб Џубило Ивата во 1999 година.

На погребот присуствуваа многу поранешни фудбалери и соиграчи, меѓу кои и Џузепе Бергоми, како и поранешни и сегашни челници на Италијанската фудбалска федерација. На влезот во катедралата беше поставен венец испратен од Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА) со порака: „Херој на Италија 90“.

Скилачи беше најдобар стрелец на Светското првенство во 1990 година со шест голови, а беше прогласен и за најдобар играч на тоа првенство во Италија. За италијанската репрезентација одигра 16 натпревари и постигна седум голови./MИА

НБА: Ембид го продолжи договорот со Филаделфија

 Кошаркарот на Филаделфија Џоел Ембид денеска потпиша повеќегодишен договор со НБА клубот.

Филаделфија ја објави информацијата преку социјалните мрежи, но не прецизираше други детали.

Според американските медиуми, Ембид го продолжил договорот на уште три години и би можел да остане во клубот до крајот на сезоната 2028/2029 година, кога кошаркарот ќе има опција да го продолжи договорот.

Ембид, наводно, ќе заработи 193 милиони долари во тие три години, што значи дека вкупната вредност на неговиот петгодишен договор со Филаделфија изнесува 301 милиони, што би бил еден од трите најголеми договори во историјата на НБА.

Ембид (30) ја освои наградата за најкорисен играч во НБА (МВП) во 2023 година и заврши на второто место во гласањето за МВП двапати (2021, 2022), двата пати зад српскиот кошаркар Никола Јокиќ. /МИА

притисни ентер