Француските власти забранија гостински навивачи на дербито меѓу Лион и Марсеј

Францускиот министер за внатрешни работи Жералд Дарманен им забрани на навивачите на Олимпик Марсеј да патуваат в недела на прволигашкото дерби против Олимпик Лион.

Мерката, како што пренесуваат француските медиуми, ќе биде на сила в недела од утро до полноќ и е образложена со „реалниот и сериозен ризик од судири меѓу приврзаниците на двата клуба“.

Натпреварите на Марсеј на гостински терен честопати се исполнети со немири поради агресивното однесување на дел од клупските навивачи, што според властите се случува околу стадионите и во централните подрачја на градовите.

Поради инцидентите што се случија за време на гостувањето на Олимпик Марсеј на дуелот против Анже во септември 2021 година, француската лига му изрече повеќемесечна забрана на клубот од југот на Франција да организира навивачка поддршка за своите натпревари на гостински терен. /МИА

Стартува новата сезона во АБА лигата

Со натпреварот меѓу Цибона и Задар вечерва од 21 часот почнува новата сезона во кошаркарската АБА лига.

Во останатите натпревари од првото коло ќе играат Партизан – Борац, Дубаи – Црвена Звезда, Крка – Мега, ФМП – Цедевита Олимпија.

Во новата сезона ќе играат 16 екипи, две повеќе од лани (Суботица Спартак и Дубаи).

Титулата ја брани Црвена ѕвезда, која заедно со Партизан го држи рекордот со освоени седум шампионски трофеи./МИА

Микати: Нападот во Бејрут покажува дека Израел нема морални или хуманитарни размислувања

Либанскиот премиер Наџиб Микати денеска го обвини Израел дека „не дава важност на никакви хуманитарни, правни или морални размислувања“, откако беше објавено дека високиот оперативец на Хезболах Ибрахим Акил е убиен во израелскиот напад во Бејрут.

САД понудија награда од 7 милиони долари за информации за Акил поради неговата улога во бомбашкиот напад на касарната на американските маринци во 1983 година, во кој загинаа повеќе од 300 луѓе, и за преговорите за американските и германските заложници во Либан во 1980-тите, пренесуваат израелските медиуми.

Портпаролот на Советот за национална безбедност на Белата куќа, Џон Кирби, претходно денеска изјави дека САД не биле однапред информирани за планот на Израел да го изврши нападот во кој загина Акил.

Агенциите јавуваат дека попладнево осум лица загинале, а 59 се ранети во нападот на јужните предградија на Бејрут, каде е упориштето на Хезболах. /МИА

Израел соопшти дека во нападот во Бејрут загинале околу 10 команданти на Хезболах

Високиот командант на либанскиот Хезболах Ибрахим Акил денеска е убиен во израелскиот напад врз Бејрут, изјави извор близок до проиранската екстремистичка организација.

Портпаролот на израелската армија на арапски јазик Авичаи Адраи изјави дека неколку други команданти на Хезболах се убиени заедно со Акил во денешниот напад во Бејрут.

Како што јави АЛ Џезира, либанската група се уште не ги коментирала воздушните напади.

Либанските здравствени власти соопштија дека во нападот загинале девет лица, меѓу кои и деца. /MИА

притисни ентер