Новата НБА сезона почнува на 22 октомври

Новата сезона во НБА лигата ќе стартува на 22 октомври, објави денеска северноамериканската професионална кошаркарска лига.

Секој тим ќе одигра 82 натпревари во регуларниот дел од сезоната, а актуелниот шампион Бостон Селтикс одбраната на титулата ќе ја почне на гостински терен против Њујорк.

За Леброн Џејмс ова ќе биде 22 сезона во НБА лигата, со што го израмни рекордот на Винс Картер. Неговиот ЛА Лејкерс ја отвора сезоната против Минесота.

Оваа година, НБА нема да биде ограничена само на натпреварите во САД, бидејќи три натпревари ќе се играат во странство. Во главниот град на Мексико, на 2 ноември силите ќе ги одмерат Мајами и Вашингтон, додека во Париз на 23 и 25 јануари двапати ќе играат Индијана и Сан Антонио.

Ол-стар натпреварот ќе се одржи на 16 февруари. Плејофот ќе почне на 19 април, додека првиот натпревар од финалната серија на програмата е на 5 јуни идната година.

ЈСП ќе добие шест еколошки автобуси донација од ЕУ

Во Дирекцијата на Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ во Автокоманда денеска ќе бидат примопредадени шест нови еколошки автобуси на компримиран природен гас. 

Автобусите се донација за возниот парк на ЈСП од Европската Униуја преку проектот „ЕУ за чист воздух“.

-Овие автобуси претставуваат значаен чекор на патот на Град Скопје кон намалување на емисиите, подобрување на квалитетот на воздухот и промовирање на одржлива урбана мобилност, соопшти Министерството за животна средина и просторно планирање.

На настанот е најавено присуство на амбасадорот на Европската Унија во Македонија, Михалис Рокас, првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, претставничка на УНОПС во Македонија, Микела Телатин, и градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска.

Министерот Тошковски во работна посета на Обединетите Арапски Емирати

Договорено взаемно признавање на возачките дозволи со Обединетите Арапски Емирати, објави на својот профил на фејсбук, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. 

Од 24 до 27 ноември ја предводам делегацијата на МВР која е во работна посета на Министерството за внатрешни работи на Обединетите Арапски Емирати во Абу Даби. Ова е прва официјална посета на ниво на министри за внатрешни работи од осамостојувањето, а е со цел унапредување на билатералната соработка на полето на борбата против тероризмот и брза размена на информации во делот на борба против корупцијата и организираниот криминал и трговијата со луѓе и мигранти.

Во текот на вчерашниот ден на официјалната средба со министерот за внатрешни работи на Обединетите Арапски Емирати шеикот Саиф бин Зајед ал Нахјан потшишавме два меморандуми за разбирање за безбедносна соработка и борба против тероризмот и за меѓусебно признавање и замена на возачките дозволи помеѓу двете држави.

Со желба за олеснување на движењето на граѓани кои поседуваат возачки дозволи издадени од соодветните надлежни органи на двете земји за време на посета или престој на територија на едната или другата држава веќе нема да имаат потреба од замена на возачките дозволи. Тоа значи дека и двете страни ги ослободуваат подносителите на барање за замена на возачката дозвола од теоретски и практични тестови и потреба од полагање во другата држава во категориите А, Б и БЕ. За повеќе од илјада македонски граѓани кои живеат во ОАЕ ова ќе значи значително намалување на трошоците.

Меморандумот за разбирање за безбедносна соработка и борба против тероризмот отвара голем простор за соработка за брза размена на информации и спречување на кривични дела во спектарот од тероризмот преку организираниот криминал и корупција до спречување на трговијата со луѓе и мигранти.

На средбата на мое барање ја отворивме темата за можно укинување на визите за македонските граѓани за ОАЕ, со цел развивање на поинтензивна туристичка, економска и културна соработка помеѓу нашите две земји.

Исто така, ги посетив Одделот за среќа, Одделот за иновации и Директоратот за операции на МВР на Обединетите Арапски Емирати, каде што непосредно се запознав со нивната работа и иновативните решенија кои ги имаат имплементирано водејќи се пред сѐ од потребите на граѓаните и нивното задоволство од услугите што ги нуди Министерството, стои во објавата на Тошковски.

Продолжува амандманската расправа за Предлог-буџетот за идната година

Во собраниската Комисија за финансирање и буџет денеска продолжува амандманската расправа за Предлог-буџетот за 2025 година. 

Вкупните приходи во Предлог-буџетот се планирани на ниво од 358,8 милијарди денари, а расходите на ниво од 400,2 милијарди денари. Буџетскиот дефицит е проектиран во апсолутен износ од 41.350 милиoни денари или на ниво од 4 проценти од планираниот БДП. Инфлацијата се очекува да се намали на ниво од 2,2 проценти, како резултат на стабилизирањето на цените на основните прехранбени производи и на енергенсите на меѓународниот пазар, забавувањето на странската ефективна инфлација, како и поумерениот притисок од базичната инфлација. Извозот се очекува да има раст од 4,2 проценти, а увозот од 4,4 проценти како резултат на очекувањата за постепено стабилизирање на меѓународното опкружување и зголемувањето на надворешната побарувачка.

Амандманската расправа почна на 19 ноември, а треба да заврши најдоцна до 30 ноември. Поднесени се вкупно 307 амандмани од кои 204 на опозицискиот СДСМ.

По амадманската расправа како Дополнет предлог буџет се враќа во Владата на финално одобрување по што согласно законските рокови, треба да биде изгласан во Собранието до крајот на оваа календарска година.

притисни ентер