Нова саботажа во Балтичкото море! Узбуна во Финска и Естонија, пресечен е електричен кабел

Узбуна во Финска и Естонија, прекинат е подводен кабел за струја, кинески брод кружел во близина?

Подводниот кабел за електрична енергија што ги поврзува Финска и Естонија од вчера не е во функција.

Гардијан пренесува дека ова го соопштил финскиот премиер Петери Орпо. Британскиот весник наведува дека ова е последен во низата инциденти поврзани со кабли, гасоводи и нафтоводи во Балтичкото Море.

Арто Пахкин, менаџер на финската електрична мрежа „Фингрид“, за јавниот медиумски сервис „Yle“ изјавил дека не е исклучено да се работи за саботажа.

Премиерот Орпо рече дека снабдувањето со електрична енергија во Финска не е загрозено.

– Властите остануваат будни и за време на Божиќ и истражуваат што се случило – напиша Орпо на социјалната мрежа Х. „Фингрид“ изјави дека во средата бил прекинат кабелот „ЕстЛинк 2“, кој ја снабдувал Естонија со струја.

Сличен инцидент се случи и минатиот месец кога беа исечени два телекомуникациски кабли во Балтичкото Море, кои ги поврзуваа Шведска и Данска.

Сомнежот брзо падна на кинескиот брод „Џи Пенг 3“, кој, според податоците од веб-страниците за следење на бродовите, во моментот на нивното сечење бил над каблите.

Сиљановска Давкова: Да ги тераме ЕУ реформите, Европјанин се станува со почитување на правото

Ние треба да ги тераме европските реформи, Европа е наша татковина, таму ни е местото. 

Европјанин се станува со владеење на правото, со либерална економија, со борба против корупција и криминал, е сега почнуваат да излегуваат на виделина неверојатни нешта, за оние пред нас, изјави претседателката Гордана Сиљановска Давкова во „Само интервју“ на Канал 5 телевизија.

Според неа, формализирањето на европеизацијата ништо не носи и ако беа уставните промени гарант за европеизација, ние сега ќе претседававме со ЕУ. Таа смета дека во реалноста ниту Албанија, ниту Црна Гора се понапред од нас, а тоа, вели, го покажал и скрининг процесот.

-Триесет и шест амандмани за 30 години, крајно време е да ги мериме потезите. Јас не мислам дека доколку ние посегнеме по реформи, доколку ние си ги остваруваме Копенхагенските критериуми дека многу ќе изгубиме, ниту пак мислам дека ако речеме ајде и сега и уставни измени, па тоа е малку и спорно, бидејќи навредливо за пратениците да го менуваат Уставот по којзнае кој пат. Па тие ги претставуваат граѓаните. Ако 80 проценти од граѓаните имаат проблем со ваквиот начин на отварање на преговорите, јас морам да внимавам на легитимитетот, мене не ми извира легитимитетот од меѓународната заедница, туку од граѓаните. Јас не знам колку пати во Парламентот, а и било каде сме укажувале дека процедурата е гаранција за демократија. Не може некој да ја киднапира државата, да си ја присвои државата, тоа се случуваше, нагласи Сиљановска Давкова.

Претседателката истакна дека односот на ЕУ кон нас ќе се смени ако ние навистина опстоиме на реформите.

-Европската Унија покажала кретативност кога требало, може да посегне и сега по некое креативно решение, а мислам дека тоа ќе биде гаранција дека ќе биде загрозен процесот на проширување. И нема да остане овој преседан инспиративен за другите. Бидејќи веќе слушаме и од нашите соседи и од други, дека оваа приказна не е завршена, вели таа.

Сиљановска во однос на Реформската агенда за Планот за раст, вели дека имаме подобра легислатива од сите други во поглед на хармонизацијата на закободавството, а имаме и една од најдобрите оценки за Планот за раст.

-Мора да манифестирате политичка волја штом сте ја направиле агендата, интересно е што во случајот се работи за заедничко чекорење. Бидејќи и парите се врзуваат за успесите, тоа ве стимулира и на некој начин точно се предвидени активностите во институциите. Досега не сме имале таква прецизирана агенда, рече претседателката.

Во однос на уставните измени, Сиљановска Давкова повтори дека за тоа е неопходно двотретинско мнозинство.

-Претходната власт не убедуваше дека го има потребното мнозинство дури и дека прогресивни пратеници од опозицијата ќе застанеле зад нивните мудри одлуки. Тие тогаш ги прифатија, без да имаат согласност од опозицијата, затоа не може тоа така, да не зборувам за граѓаните... Претседателот на Собранието тоаш наспроти непочитување на процедурата за уставни измени, си тераше по свое, рече Сиљановска Давкова.

Египет загуби милијарди долари во Суецкиот канал поради судирот на Блискиот исток

Настаните во Црвеното Море и регионалните конфликти го чинеа Египет околу седум милијарди долари од приходите од Суецкиот канал оваа година, изјави денеска египетскиот претседател Абдел Фатах ал Сиси.

Египет изгубил повеќе од 60 отсто од приходите од каналот во 2024 година во споредба со 2023 година, додаде Сиси во својата изјава, без да образложи детали за случувањата во регионот.

Јеменските Хути извршија речиси сто напади на бродови кои го преминуваа Црвеното Море во знак на солидарност со Палестинците во израелската повеќе од едногодишна војна во Газа.

Нападите ги принудија бродските компании да ги пренасочат бродовите од Суецкиот канал на подолги рути околу Африка, нарушувајќи ја глобалната трговија со одложување на пратките и зголемување на трошоците.

Загина командант на елитната руска единица во напад кај Курск

Салим Мухарбетович Паштов, заменик командант на 810-та поморска бригада на Руската Федерација, е убиен во нападот на Лгов во областа Курск.

Ова го објави неговата сестра, заедно со други фотографии од војниците на оваа елитна бригада, на социјалната мрежа ВКонтакте.

Во моментот на нападот, Паштов бил на командното место во градот Лгов. Локалните медиуми потврдија дека цел на нападот на Вооружените сили на Украина било командното место на руската армија, за кое знаеле сите во градот.

Руските Телеграм канали пишуваат дека во зградата имало и други руски војници заедно со заменикот, од кои седуммина загинале. Веројатно станува збор за офицерскиот кор на бригадата кој бил задолжен за командување на единиците и издавање наредби.

Лгов се наоѓа на 28 километри од државната граница на Украина, што значи дека е во артилериски дострел. Според руските пропагандни медиуми, нападот бил извршен од повеќецевниот ракетен систем ХИМАРС.

Ден претходно, вооружените сили на Украина известија за успешен напад на командното место во Лгов. Русија го коментираше нападот, наведувајќи дека четири лица загинале, а пет се повредени.

810-та посебна гардиска бригада на поморската пешадија е елитна бригада на руската поморска пешадија. Седиштето на бригадата е во Севастопол, со еден баталјон во Темрјук.

Бригадата е формирана како 810-ти посебен поморски пешадиски полк во Севастопол во 1967 година за време на проширувањето на советската поморска пешадија.

притисни ентер