НБА прави своја флота: Водат преговори за изнајмување 13 авиони за тимовите

Американската национална кошаркарска асоцијација (НБА) планира да изгради сопствена воздушна флота!

Не, кошаркарите не се решија да градат комерцијална авиокомпанија, туку со авиони Ербас А321нео да ги превезуваат НБА тимовите од натпревар на натпревар.

Според самата НБА, членовите на кошаркарските тимови поминуваат повеќе време во авиони отколку играчите во другите спортови, а новиот план за чартер авион наводно е мотивиран од грижата за добросостојбата на играчите, бидејќи играчите се изложени на ризик од повреди или слаби перформанси по долгите летови.

Пријавено е дека 54% од повредите во НБА се случуваат кога тимовите играат надвор од дома, и дека тимовите што летаат на запад губат почесто од тимовите што летаат на исток.

Во НБА има 30 екипи, секој со максимум 18 играчи, но мора да патуваат и со тренери, помошен персонал и голема количина опрема. Овие тимови играат 82 натпревари помеѓу октомври и април секоја година, од кои околу половина се гостувања.

Практиката на изнајмување авиони не е ништо ново во НБА лигата: во далечната 1987 година, Детроит Пистонс првпат почнаа да го прават тоа, а други тимови го следеа примерот.

Неколку тимови веќе имаат свои авиони, вклучувајќи ги Бостон Селтикс, Кливленд Кавалирс, Далас Маверикс, Голден Стејт Вориорс, Хјустон Рокетс и ЛА Лејкерс.

Зошто Ербас А321нео? Бидејќи веќе има адаптивно осветлување кое може да го намали ефектот на џет-лег. Авионите на НБА ќе имаат седишта кои целосно се склопуваат и се претвораат во кревети, како и посебен систем за регулирање на влажноста, свежината и мирисот на воздухот во кабината, за патувањето да биде што поудобно. Просечната висина на играчите во НБА во сезоната 2023/2024 беше 6 стапки 6,74 инчи (2 метри), така што креветите најверојатно ќе бидат нестандардни и подолги од просекот.

Некои поранешни врвни играчи имаат и свои приватни авиони, пишува порталот Aerospace Global News. Мајкл Џордан поседува Gulfstream IV (N236MJ), додека Меџик Џонсон поседува Gulfstream III (N32MJ). Шекил О'Нил и Двејн Вејд често користат Apollo Jets, при што О'Нил претпочита Hawker 800.

Делта моментално го покрива најголемиот дел од летовите во НБА, користејќи флота од единаесет ВИП конфигурирани авиони Боинг Б757-200 со 72 седишта. Овие авиони имаат просечна старост над 34 години, па веројатно е време да се заменат со понова генерација авиони.

Наводно, НБА е во преговори со ирската лизинг компанија SMBC за изнајмување на тринаесет авиони А321нео. Овие авиони би биле претворени во ВИП конфигурација од страна на Comlux во Индијанаполис (Индијана), а според првичните шпекулации, Delta би се погрижила за операциите на овие авиони. SMBC поседува повеќе од 525 авиони, но оперира со вкупно 715 авиони за авиокомпании и чартер компании ширум светот.

НБА планира да додаде уште два тима во лигата во иднина, а би можела да додаде барем уште еден авион во својата флота.

Осуден поранешниот градоначалник на Драч, Ванѓуш Дако, претходно прогласен за непожелен за САД

 Албанскиот специјален суд против организиран криминал и корупција, попладнево му изрече казна затвор во траење од 2 години и 8 месеци на поранешниот градоначалник на Драч, Ванѓуш Дако.

Под обвинение за „злоупотреба на службената положба“ и „фалсификување документи“, Специјалното обвинителство побарало 4 години, но поради согласноста за скратена судска постапка казната му е намалена.

Дако, кој беше уапсен во јуни годинава, како градоначалник, во 2011 година дозволил изградба на 11-катница во Драч која, според СПАК, била под сите критериуми, технички услови и незаконски и која настрада во катастрофалниот земјотрес во ноември 2019 година.

Второто обвинение се однесува на проектот „Крајбрежно шеталиште“, за кое според СПАК била „потрошена“ десетпати поголема сума пари од онаа што треба да се пресмета врз основа на Одлуката на владата, со што на државата и е нанесена штета од 18 милиони лека.

Тој, поради корупција, е меѓу оние кои до сега се прогласени за непожелни за САД, и е заедно на списокот со поранешниот премиер и екс шеф на државата Сали Бериша, поранешниот главен државен обвинител Адриатик Лала и поранешниот пратеник и бизнисмен Том Доши.

Дако е последователен висок функционер од редовите на владејачките социјалисти осудени по истата основа.

На почетокот на овој месец во случајот „инценератор во Елбасан“ беше осуден поранешниот министер за животна средина Лефтер Кока.

На Кока, кој беше уапсен во средината на декември 2021 година му беше изречена затворска казна во траење од 10 години, но поради согласноста за скратен судски процес, казната му беше намалена на 6 години и 8 месеци.

Во февруари годинава, пак, три години затвор доби поранешниот градоначалник на Кукс, Сафет Ѓици а на крајот на декември минатата година две години затвор доби градоначалникот на општина Булќиза, Лефтер Ала.

На сите осудени, кои се од редовите на владејачката Социјалистичката партија, им е одземено правото да вршат јавни функции во траење од три до пет години. /МИА

Конгресот на САД побара мерки против банкарскиот сектор на Хонгконг

Конгресот на САД побара мерки против банкарскиот сектор на Хонгконг поради неговата улога во одбегнување на санкциите против Русија.

Американски конгресмени разгледуваат мерки против банкарскиот сектор на Хонгконг бидејќи кинеската автономија станува центар за финансиски криминал, особено поврзан со заобиколување на американските санкции, вклучително и против Русија.

Тие го повикаа Министерството за финансии да ги преиспита тесните банкарски односи меѓу Хонгконг и САД.

Хонглонг се претвори во голем центар за извоз на забранети западни технологии во Русија, за регистрација на фиктивни компании за купување иранска нафта, за управување со „бродови-духови“ во служба на Северна Кореја, како и други прекршувања на мерките за контрола на извозот на САД.

Ова се наведува во писмото од Специјалниот комитет на Претставничкиот дом за прашања поврзани со Комунистичката партија на Кина, испратено до министерот за финансии Џенет Јелен. За писмото денеска објави „Волстрит џурнал“.

Авторите, претседателот на комитетот републиканецот Џон Муленар и демократот Раџа Кришнамурти, истакнуваат: „Хонгконг се претвори од доверлив глобален финансиски центар во клучен играч на авторитарната оска што ја сочинуваат Народна Република Кина, Иран, Русија и Северна Кореја. Затоа, треба да се постави прашањето дали е соодветно да продолжиме со долгогодишната политика на САД кон Хонгконг, особено во однос на неговиот финансиски и банкарски сектор.“

Конгресмените, исто така, се повикаа на истражување според кое речиси 40 отсто од стоките што биле испорачани од Хонгконг во Русија во 2023 година биле предмет на американските извозни ограничувања. Меѓу нив се и полупроводници кои Русија може да ги користи за производство на оружје употребено во војната против Украина.

Повеќе истражувања фрлаат светлина врз улогата на Хонгконг во заобиколувањето на антируските санкции. На пример, јапонското издание Nikkei Asia во април 2023 година објави дека испораките на чипови во Русија преку Хонгконг и Кина од почетокот на војната до крајот на 2022 година се зголемиле 11 пати, достигнувајќи вредност од 570 милиони долари.

Во јули 2024 година, „Њујорк тајмс“ објави резултати од својата анализа дека во четвртото тримесечје д 2023 година увозот на западни полупроводници во Русија, што можат да се користат за производство на оружје, речиси се израмнил со нивното ниво на набавка кон крајот на 2021 година. Од почетокот на војната, повеќе од 6.000 фирми обезбедиле испорака на забранети чипови во Русија во вредност од речиси 4 милијарди долари, при што Хонгконг играл голема улога во тоа. За таа цел била создадена широка мрежа на фиктивни компании. /МИА

Обвинителите бараат максимална казна за сопругот во случајот за силување на Жизел Пелико

Обвинителите во судскиот процес за повеќегодишното силување на Французинката Жизел Пелико кое го овозможувал нејзиниот тогашен сопруг, денеска побараа од судскиот совет да изрече максимална казна за тешко силување во траење од 20 години затвор.

По сослушувањата што траеја речиси три месеци во францускиот град Авињон, судењето на 51 обвинет за речиси десет години бројни силувања за време на кои Пелико била дрогирана и во несвест.

Поради храброста што ја покажа за време на болниот судски процес, 71-годишната Жизел Пелико стана симбол за борците против сексуалното насилство, дури и надвор од Франција.

Судењето денеска влезе во нова фаза – обвинителите почнаа да ги објавуваат казните што ги бараат за десетици обвинети мажи, а се фокусираа на Доминик Пелико, со кој Жизел била во брак речиси 50 години, сметајќи дека е грижлив сопруг.

Доминик Пелико признал дека со години тајно ставал седативи во храната и пијалокот на неговата сопруга за тој и десетици непознати лица кои ги нашол на интернет да можат да ја силуваат.

Обвинителката Лоре Шабо побара од судскиот совет да го осуди поранешниот сопруг на Жизел Пелико на 20 години затвор.

Доминик Пелико, кој оваа недела наполни 72 години, гледал во подот за време на излагањето на обвинителката.

- Дваесет години меѓу четири затворски ѕидови. Тоа е и многу и недоволно, рече обвинителката Шабо.

Се очекува судот да ги донесе пресудите до 20 декември.

Жизел Пелико побарала во судницата да бидат прикажани фотографиите од силувањата што ги направил нејзиниот сопруг, на кои се гледа дека таа била во несвест.

Обвинителот Жан-Франсоа Маје ја пофали храброста на Жизел Пелико, посочувајќи дека денеска е Меѓународен ден против насилството врз жените, но дека француското општество „има долг пат за да го промени своето гледиште за културата на силување“.

Жизел Пелико седеше тивко, понекогаш зјапајќи во таванот, додека обвинителите опишуваа како Доминик Пелико направил и внимателно подредувал 20.000 фотографии и видеа од злоставувањата.

Доказите што ги ставил на хард дискови, мемориски картички и телефони им овозможиле на истражителите да откријат десетици мажи регрутирани од Доминик Пелико за да ја силуваат неговата тогашна сопруга, но околу 20 сторители останале неидентификувани.

Граѓаните пред Судот денеска ги исвиркаа обвинетите при влегувањето во судницата извикувајќи „Ве препознаваме“! и „Срамота!“. Од другата страна на улицата од судот, активистите закачија транспаренти со натписи „20 години за секој од нив“ и „Силувањето е силување“, додека Жизел Пелико беше поздравена со овации и аплаузи. /МИА

притисни ентер