Германија прави попис на бункери и засолништа

Германските власти денеска, во време на зголемена тензија со Русија, соопштија дека прават попис на бункери и засолништа за населението во случај на напад и додадоа дека сакаат да го зголемат нивниот број.

- Сите згради, вклучително и приватниот имот, кои би можеле да послужат како засолништа, како што се подруми, гаражи и станици на подземната железница, се попишуваат, изјави портпаролот на Министерството за внатрешни работи за време на редовната прес-конференција во Берлин.

Како што пренесе Бета, неименуваниот портпарол додаде дека ќе биде создаден дигитален директориум со сите бункери за луѓето брзо да ги најдат користејќи ги своите мобилни телефони.

Граѓаните ќе бидат охрабрени да градат засолништа во своите домови, со пренамена на подруми или гаражи.

Германскиот дневен весник „Билд“ го опиша планот како „бункер офанзива“ во земја која се повеќе е загрижена од потенцијална руска закана.

Тековниот попис „ќе потрае некое време“, рече портпаролот.

Клучните точки од програмата за развој на засолништата беа утврдени на состанокот на високи претставници одржан во јуни.

Германија, која има 83 милиони жители, има 579 бункери, главно од Втората светска војна и Студената војна, во кои можат да се сместат 480.000 луѓе.

Од почетокот на војната во Украина во февруари 2022 година, германските власти ја суспендираа продажбата на утврдувањата во државна сопственост. Државата и нејзините администрации продале повеќе од 300 бункери од 2005 година./МИА

Медиуми: Договорот за прекин на огнот во Либан не предвидува зона на раздвојување

Израелскиот ТВ Канал 12 вечерва ги објави клучните елементи од предложениот договор за прекин на огнот меѓу Израел и либански Хезболах со посредство на САД за запирање на израелската војна во Либан.

Како што е наведено, остануваат да се финализираат само мали детали.

Договорот предвидува меѓусебен прекин на огнот и израелската армија да остане во Либан до 60 дена, а да замине кога ќе биде распоредена либанската армија.

Нема да има зона на раздвојување во јужен Либан и раселените жители од тој дел од земјата ќе можат да се вратат.

Владата во Либан ќе ги провери сите набавки и производство на оружје во нејзината земја, а САД ќе предводат меѓународно тело кое ќе го надгледува спроведувањето на договорот.

Во посебен документ, САД јасно ќе соопштат дека Израел има право да дејствува секогаш кога ќе види непосредна закана од Либан.

Канал 12 објави дека имало речиси едногласна поддршка за договорот од политичари и воени претставници синоќа на безбедносните консултации со кои претседаваше израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

На состанокот, Нетанјаху, наводно, рекол дека договорот ќе го остави Хамас изолиран и ќе ги зголеми шансите за постигнување договор за ослободување на заложниците кои се уште се во Појасот Газа. /МИА

Дипломатите на Г7 претпазливи оптимисти за можниот договор за прекин на огнот во Либан

Самитот во Фиуџи кај Рим е последниот собир на дипломатите на Г7 пред раководството во САД, во сенка на војните во Украина и на Блискиот Исток, да го преземе новата администрација со Доналд Трамп како претседател.

Министрите за надворешни работи на Групата седум (Г7) најразвиени индустријализирани земји во светот денеска изразија внимателен оптимизам за можниот напредок во постигнувањето прекин на огнот во вооружениот конфликт меѓу Израел и либанското милитантно движење Хезболах.

Самитот во Фиуџи кај Рим е последниот собир на дипломатите на Г7 пред раководството во САД, во сенка на војните во Украина и на Блискиот Исток, да го преземе новата администрација со Доналд Трамп како претседател. Прекините на огнот во Газа и Либан се главни на агендата на состанокот.

Италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани на отворањето на самитот рече дека „можеби“ е на повидок прекин на огнот во Либан и изрази надеж дека нема да има повлекување „во последен момент“.

На состанокот присуствуваат шефовите на дипломатиите на Канада, Франција, Германија, Италија, Јапонија, Велика Британија и САД, кои последен пат ги претставува администрацијата на претседателот Џозеф Бајден во заминување.

На состанокот за првпат присуствуваат шефовите на дипломатиите на земјите од таканаречениот „арапски квинтет“ – Саудиска Арабија, Египет, Јордан, Обединетите Арапски Емирати и Катар, а учествува и генералниот секретар на Арапската лига.

Тајани рече дека Италија понудила да преземе поголема улога од претходно во мировните сили на Обединетите нации во Либан, со цел да го следи спроведувањето на евентуалниот договор за прекин на огнот.

Пред почетокот на самитот, израелскиот амбасадор во САД, Мајк Херцог, изјави за израелското воено радио дека прекин на огнот може да се постигне „во рок од неколку дена“.

Неколку арапски министри повикаа на прекин на огнот и во Газа и во Либан, каде што се борат израелската армија и Хезболах.

„Арапскиот квинтет“ работи со САД на „ден после“ за Газа и постои чувство на итност да се направи нешто пред администрацијата на Трамп да ја преземе власта во Вашингтон, која се очекува цврсто да ги поддржува израелските интереси на сметка на аспирациите на Палестинците.

Египет на конференцијата повтори дека следниот понеделник ќе организира конференција во Каиро посветена на собирање хуманитарна помош за Газа, каде беснее војната меѓу Израел и палестинското милитантно движење Хамас.

Војната избувна затоа што на 7 октомври 2023 година Хамас изврши терорисчки напад на Израел од територијата на Газа, која ја контролира од 2007 година./МИА

Касемиро нема намера да се врати во Реал

Играчот од средниот ред на Манчестер Јунајтед, Касемиро одбил да се врати во Реал Мадрид, пренесуваат денеска шпанските медиуми.

Според информациите, Бразилецот својот период во мадридскиот клуб го смета за затворена страница.

Претходно беше објавено дека Реал сакал да го врати 32-годишниот фудбалер во услови на голем број повредени играчи.

Касемиро играше за Реал Мадрид од 2013 до 2022 година пред да се пресели во Манчестер Јунајтед.

Оваа сезона, играчот од средниот ред одигра 16 натпревари на кои постигна 3 голови. Актуелниот договор со англискиот клуб му истекува на лето 2026 година./МИА

притисни ентер