Надал емотивно по враќањето на теренот: Ми недостасуваше сево ова

Рафаел Надал своето враќање на теренот по пауза од една година го одбележа со победа на турнирот во Бризбејн, против својот стар пријател Доминик Тием.

Австриецот не можеше да го направи тоа против расположениот Шпанец (7:5, 6:1), кој по мечот истакна дека е презадоволен од сработеното.

Рафа додаде дека ова е многу емотивен момент за него по многу тежок период.

- Денеска искрено е многу емотивен и многу важен ден по веројатно една од најтешките години во мојата тениска кариера. Имав можност по една година да играм пред неверојатни навивачи. Морам да бидам горд на начинот на кој играв денес. Задржав прилично добро ниво, тоа е нешто на што сме горди. Јас, целиот мој тим и моето семејство, кои беа покрај мене секој ден во текот на минатата година.

Тој зборуваше и за самиот натпревар, како и за тоа дека моментално е на четвртото место по бројот на победи во кариерата, но пред сѐ ја истакна поддршката што ја добивал при опоравувањето од повредата.

- Имам одлични луѓе околу мене, добивам илјадници пораки дневно. Ми недостигаше сето ова, ми недостасуваше да бидам здрав и конкурентен на Тур. Во текот на мојата кариера имав голема поддршка овде во Австралија и не можам доволно да ви се заблагодарам за сето ова - изјави Надал.

Во второто коло на турнирот Рафа ќе ги одмери силите против Џејсон Кублер од Австралија.

Јакнење на македонско-британската соработка во делот на енергетиката

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска денеска остварила средба со британскиот комесар за трговија за Европа, Крис Бартон и со британскиот амбасадор во Македонија, Метју Лосон.

На средбата се разговарало за можностите за зголемена соработка, особено во енергетскиот сектор, со акцент на исполнување на заедничките цели за енергетска стабилност, независност и зелена енергетска транзиција.

Министерката Божиновска го истакнала значењето на британската поддршка и посочила дека цели на државата се модернизација на енергетската мрежа, подобрување на капацитетите за складирање електрична енергија и унапредување на обновливите извори на енергија. Од британска страна, како што информира Министерството за енергетика, била потенцирана подготвеноста за вложувања и поддршка на реформите во енергетиката, како дел од заедничките заложби за намалување на емисиите на штетни гасови и обезбедување на одржлива енергија.

- Г. Бартон, кој ја посети Македонија по трет пат, ја нагласи важноста на партнерството меѓу двете земји, додека амбасадорот Лосон истакна дека Велика Британија и Македонија веќе успешно соработуваат во неколку клучни области, а енергетиката е стратешки приоритет за понатамошно продлабочување на односите, се посочува во соопштението.

Од Министерството за енергетика ја оценуваат оваа средба како значаен чекор кон отворање нови можности за инвестиции и зајакнување на билатералните односи меѓу двете држави со цел градење стабилна, независна и зелена енергетска иднина.

Вучиќ: Нестабилно е во светот, работите не се движат во добра насока

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, вечерва изјави дека глобалната политичка сцена е многу нестабилна, и дека Србија следи сѐ што се случува за да ја обезбеди безбедноста на граѓаните.

Вучиќ како гостин во Националниот дневник на ТВ Пинк зборуваше за актуелни и важни теми. На почетокот тој ја коментираше актуелната состојба во светот, особено тензиите во Русија и Украина, објави Телеграф.

„Работите не одат во добра насока, моите предвидувања се дека сѐ што се случува сѐ повеќе ќе излегува од контрола. Секоја изјава од која било страна не е деескалирачка и се плашам дека ќе доведе до поголеми конфликти и проблеми. Ние мора да ја зајакнеме нашата земја. Што се однесува до засолништата, имаме катастрофални бројки“.

Приватните превозници на средба со советниците на ВМРО-ДПМНЕ, потписи за вонредна седница

Советникот од ВМРО-ДПМНЕ, Мартин Стојановски, вечерва пред средбата со претставници на приватните превозници што се одржува во Град Скопје, изјави дека целта е да дадат предлог за решавање на проблемот со автобускиот приватен превоз. 

Тој посочи дека ќе дискутираат за нивните проблеми и порача оти се надева дека за еден час по средбата ќе имаат решение, за од утре да се реши проблемот со автобускиот превоз во Скопје.

Средбата меѓу советниците од ВМРО-ДПМНЕ и претставници на приватните превозници се одржува вечерва во 18 часот.

-Пред малку бевме во комуникација со приватните превозници. Се договоривме да оствариме средба тука во Градот Скопје, во барака 1, каде што ќе можеме да дадеме предлог за решавање на проблемот со автобускиот приватен поревоз, со нивните барања, за конечно да се најде решение. Сакаме да излеземе во пресрет со некое наше решение до приватните превозници, изјави Стојановски пред средбата.

На новинарско прашање дали предлозите на советниците од ВМРО-ДПМНЕ се во насока на барањата на приватните превозници да им се зголеми цената за изминат километар, Стојановски одговори дека прво мора да ги слушнат нивните предлози, па потоа да излезат со нивен предлог.

- Мора да ги слушнеме прво нивните предлози, па ќе излеземе и ние со предлог за да можеме да дојдеме до решение. Што се однесува до точката која ја поднеле, а е поврзана со барањето да се зголеми цената за изминат километар, до нас како советници не е стигната таа точка на дневен ред. Точката треба да биде во рамки на законот, според Деловникот и Статутот на Советот. Како советничка група на ВМРО-ДПМНЕ ќе дадеме се што е во наша можност да им помогнеме на приватните превозници, да се реши проблемот. Тука нема политиканство, нема никакви задкулисни игри. Напротив, сакаме да работиме, да им помогнеме на приватните превозници, но и на граѓаните кои секогаш се на прво место, додаде Стојановски.

Претставникот на приватните превозници Јовица Зафировски пред средбата изјави дека повикот на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ за средба е одлична вест и нова надеж, дека конечно ќе се решат нивните проблеми.

- Се надеваме дека ќе имаме конструктивна средба, ќе ги кажеме нашите размислувања и предлози и очекуваме дека конечно ќе се реши ова. Одиме на средба, па ќе видиме кои ќе бидат информациите од таму, рече Зафировски.

Прашан дали некој друг предлог од советниците од ВМРО-ДПМНЕ би бил прифатлив покрај нивното барање за зголемување на цената за изминат километар, Зафировски одговори дека за сега не знаат и не можат да шпекулираат.

- Ќе видиме прво што ќе кажат, па потоа ќе излеземе со информација, рече Зафировски.

Воедно, независната советничка Ирена Витина информираше дека се собрани 17 потписи за свикување на вонредна седница на Советот на Град Скопје.

притисни ентер