Над 14.000 граѓани пријавени за бесплатна вакцинација против грип

Над 14.000 граѓани веќе се пријавени на веб-страницата - вакцинација.мк, каде пред три дена почна пријавувањето за бесплатно вакцинирање против сезонски грип за ризични групи население.

Како што појаснуваат, предвидено е вакцинацијата да почне во текот на следната недела.

- Набавени се 70.000 дози четиритипна вакцина против сезонски грип. Министерството континуирано го зголемува бројот на обезбедени вакцини, нагласуваат оттаму.

Граѓаните може да се пријават за вакцина преку интернет и на тој начин, потсетуваат од Министерството, директно се регистрирани за вакцинација во системот „Мој термин“.

- Согласно распоредот предвиден во планот за вакцинација, преку СМС ќе се добие повратна информација за точниот датум, час и место кога треба да се вакцинираат. Со бесплатна вакцинација се опфатени ризичните групи: повозрасни лица - над 65 години, лица со хронични заболувања, здравствени работници, бремени жени, деца на возраст од шест месеци до пет години, како и лица сместени во установи за социјална заштита на стари лица и вработените во установи за социјална заштита на стари лица, додаваат од Министерството за здравство.

Нови врнежи претежно од снег од понеделник и средина на работната недела

 Времето денеска ќе биде претежно облачно со врнежи од дожд, а преодно стабилизирање ќе има утре и потоа преку ноќта, соопштија од УХМР.

Од понеделник под влијание на циклонска активност и студен воздух од северозапад ќе започнат нови врнежи претежно од снег, во делови од Повардарието од дожд, особено во западниот дел и на исток каде што во понеделник врнежите ќе бидат пообилни ќе се зголеми и ќе се прошири и снежната покривка.

Снег ќе има понекаде и во пониските места.

Нови врнежи претежно од снег се очекуваат во средината на работната недела.

Панатинаикос му понуди нов договор и повисока плата на повредениот Лесор

Нов повеќегодишен договор му понуди сопственикот на Панатинаикос, Димитрис Јанакопулос, на францускиот кошаркар Матијас Лесор, кој претходно оваа недела доживеа тешка повреда.

Грчките медиуми јавија денеска дека Лесор е успешно опериран, откако францускиот репрезентативец се здоби со скршеница на фибулата на левата нога на дуелот против Басконија во Евролигата.

Според локалните медиуми, Јанакопулос му понудил на Лесор нов повеќегодишен договор, како и повисоки примања.

Лесор, според пишувањата на медиумите, заработува 1.700.000 евра по сезона.

Не е познато колку изнесува новата понуда на Панатинаикос, но неофицијално, според информациите од Грција, тоа нема да биде помалку од 2.000.000 евра.

Сите патни правци во државава се проодни

 Сите патни правци во државата се проодни. ЈП Македонија пат со целокупната расположива механизација и работна сила е вклучена во расчистување на патиштата, информираат од ЈП за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта.

Сообраќајот на државните патишта се одвива тековно во зимски услови, по влажни коловози, наместа со остатоци од кашест снег после нашата интервенција.

-Исто така на располагање се и фирмите со кои соработуваме како навремено би се справиле со снежните наноси, стои во соопштението.

На одредени патни правци кои поминуват низ клисури и усеци можна е појава на поситни одрони.

ЈП Македонија пат апелира на внимателно управување со возилата, почитување на поставената сообраќајна сигнализација, како и прилагодување на брзината спрема условите на патот.

Дежурните екипи на претпријатието се постојано на терен и ги одржуваат сите патни правци проодни.

Сите подетални информации учесниците во сообраќајот може да се добијат на дежурниот телефон 02 25 61 502.

притисни ентер