На денешен ден

23 октомври 2024.

42. п.н.е.- Римскиот политичар Марко Јуниј Брут извршил самоубиство.

1596.- Турската војска на султанот Мухамед III кај Ерлау, во Унгарија, ги поразила австриските трупи на Максимилијан.

1764.- Во Париз умрел Жан Мари Леклер, француски виолинист и композитор, во почетокот балетски играч. Компонирал повеќе дела меѓу кои особено се истакнуваат виолинските композиции. Роден бил во 1697 година.

1817.- Роден е францускиот лексикограф и енциклопедист Пјер Атаназ Ларус, издавач на големиот светски енциклопедиски речник на 19. век во 17 томови. Издавачката куќа „Ларус“ по неговата смрт во 1875 година продолжила со издавање енциклопедиски речници.

1844.- Во Париз е родена Сара (Вистинското име и е Розин) Бернар, француска актерка, со исклучително убав глас и дарба. Нејзината глума обележа цела една епоха. Нејзини главни улоги се Корделија („Крал Лир“), Кралица („Руј Блаз“), во „Федра“, „Дамата со камелии“, „Хамлет“, „Тоска“, „Теодора“ и други. Умрела во Париз, на 2 март 1923 година.

1844.- Родена е француската актерка Анријета Розина Бернар, позната како Сара Бернар, која ја одбележала театарската епоха како најголема трагичарка во своето време. Уживала исклучителна популарност и современиците ја нарекле „божјата Сара“. Нејзини главни улоги се Корделија („Крал Лир“), Кралица („Руј Блаз“), во „Федра“, „Дамата со камелии“, „Хамлет“, „Тоска“, „Теодора“ и други. Била професор на Конзерваториумот во Париз. Ја напишала книгата „Мемоари“. Умрела во Париз, на 2 март 1923 година.

1872.- Умрел Теофил Готје, француски писател. Пишувал поезија, романи, патописи и критики. Роден бил во 1811 година.

1893.- Во Солун била основана Внатрешната Македонско-Одринска Револуционерна Организација (ВМОРО), со цел за извојување автономија на Македонија преку револуционерна борба. Врвна точка на дејноста на ВМОРО е организирањето на Илинденското востание во 1903 година во Македонија и на Преображенското востание во Одринска Тракија. Основите на Организацијата се поставени на 5 ноември 1893 година (23 октомври - според стариот календар) во куќата на книжарот Иван Хаџи Николов во Солун. На основачкиот состанок присуствуваат: Д-р Христо Татарчев – лекар, родум од Ресен, Даме Груев – учител, родум од с. Смилево - Битолско, Петар Поп Арсов – учител, родум од с. Богомила - Велешко, Иван Хаџи Николов – книжар во Солун, родум од Кукуш, Антон Димитров – учител, родум од с. Ајватово - Солунско и Христо Батанџиев – учител, родум од с. Гуменџа, Ениџе Вардарско. Основачите почнуваат да ги шират овие револуционерни идеи меѓу прогресивната младина во Солунската бугарска машка гимназија. Набргу учениците во гимназијата создаваат кружоци, конспиративни групи и др. По завршувањето одат по своите родни места и таму почнуваат да агитираат. Младите студенти и нивните професори стануваат стожерот, односно движечката сила на македонската револуција. Емисарите вршат обиколки по селата во Македонија и Одринска Тракија и формираат месни комитети. Откако на овој начин се формирала структурата на организацијата, се започнало со процесот на создавање вооружени чети и почнале набавки на оружје по илегални канали од Бугарија и Грција.

1917.- Кај местото Луневил, во Франција, американските сили ги почнале првите борбени акции во Првата светска војна.

1917.- На седница на Централниот комитет на руската Социјалистичка работничка партија (болшевичка) донесена била одлука за покренување организирано востание. Со подготовките и изведувањето на Октомвриската револуција раководел Владимир Илич Ленин.

1944.- Во Филипинскиот Архипелаг се одиграла најголемата поморско-воздушна битка во Втората светска војна. Во неа учествувала целата јапонска флота и три четвртини од флотата на САД. Битката траеле до 25 октомври, кога поразените Јапонци го напуштиле боиштето, со обострани големи загуби.

1954.- САД, СССР, Велика Британија и Франција се спогодиле да ја окончаат окупацијата на Германија.

1958.- Рускиот писател Борис Пастернак ја добил Нобеловата награда за литература.

1961.- На поранешниот генералeн секретар на Обединетите нации Швеѓанецот Халмар Агне Даг Хамаршелд, кој под сомнителни околности загинал со авион во време на конгоанската криза, постхумно му била доделена Нобеловата награда за мир.

1973.- Израелската воена команда соопштила дека Израел и Египет се согласиле да ги прекинат вооружените напријателства на Блискиот Исток.

1973.- Главниот северновиетнамски преговарач со Американците во Виетнамската војна Ле Дук То ја добил Нобеловата награда за мир.

1983.- Во самоубиствениот напад на исламски терористи, во камиони наполнети со експлозив, во штабот на американската морнарица во Бејрут во близина на зградата во која биле сместени француски војници, убиени биле 241 американски и 58 француски војници.

1990.- Украинскиот премиер Виталиј Масол бил принуден да поднесе оставка по масовните студенски протести, станувајќи прв советски функционер од тој ранг кој ја напуштил власта под притисок на јавноста.

1992.- По едномесечна нафтена војна против Македонија, Грција го повлекла ембаргото.

1993.- Во експлозија која ја подметнале терористи на Ирската републиканска армија, во Белфаст загинале 10 луѓе.

1995.- Република Македонија и Австралија воспоставиле дипломатски односи на ниво на амбасади.

1998.- Израел и Палестинаката ослободителна организација по маратонските разговори со посредство на САД, го потпишале долго одложуваниот таканаречен Вај безбедносен договор со кој било предвидено отстапување на делови од окупираната територија на Палестинците во замена за мир.

2003.- Чеченски исламски терористи упаднале во московскиот театар „Дубровка“ уценувајќи дека во воздух ќе ги дигнат сите 800 посетители, а и себе, доколку руските власти не отстапат од операцијата во Чеченија и не ја повлечат војската од нивната земја. Во акцијата на руските сили за безбедност три дена подоцна во театарот загинале 129 заложници и 41 терорист.

2006.- По повод одбележувањето на 50-годишнината од унгарската револуција и востание против советското владеење во Будимпешта во 1956 година, дошло до масовни демонстрации и судири со полицијата во близина на зградата на Парламентот. Церемонијата на Кошутовиот плоштад, свечената седница на Парламентот и полагањето венци на гробот на Имра Наѓ останале во сенка, поради масовните нереди. За време на демонстрациите од паркинг пред Градската куќа бил украден тенк од типот Т-34, музејски примерок донесен на свеченостана, како еден од експонатите со цел да се долови атмосферата од октомври 1956 година.

2006.- Во Скопје почина Проф. д-р Илија Бојаџиев, долгогодишен шеф на Катедрата за педијатрија на Медицинскиот факултет. Тој бил основоположник на Одделот за имунологија на Клиниката за детски болести и бил еден од пионерите на клиничката имунологија во Македонија. Денес, во негова чест, овој оддел го носи неговото име. Роден бил во Дебар, на 17 јули 1932 година.

Народна банка: Каматната стапка на благајничките записи се намалува за 0,25 процентни поени

Каматната стапка на благајничките записи да се намали за 0,25 п.п., на нивото од 5,8 отсто, одлучи Народната банка.

Како што оцени Извршниот одбор на редовната седница, каматните стапки на депозитите преку ноќ и на седум дена се непроменети, на нивоата од 4,20 и 4,25 отсто. Непроменета е и понудата на благајничките записи на редовната аукција која изнесува 10 милијарди денари.

Според Централната банка, состојбата на девизниот пазар е стабилна и движењата се поволни. Нивото на девизните резерви на крајот на септември изнесува 4.406,6 милиони евра, што е соодветно за задржување на стабилноста на курсот на домашната валута.

Економскиот раст во вториот квартал на 2024 година забрза и изнесува 2,3 отсто, што е речиси идентично со проекциите на Народната банка. Исто така, и растот остварен во првата половина од годината од 1,8 проценти е блиску до нашата проекција од 1,9 отсто. Високофреквентните податоци за третиот квартал од 2024 година со кои се располага во моментов, упатуваат, нагласува Банката, на натамошно забрзување на економскиот раст. Засега, податоците за јули и август, во просек, покажуваат раст на индустриското производство, наспроти падот во претходниот квартал, а умерено забрзување на реалниот годишен раст се забележува кај прометот во вкупната трговија. Поволни поместувања се забележуваат и во градежниот сектор и угостителството, заклучно со расположливите податоци за јули. Во однос на ризиците за растот во следниот период, тие и натаму постојат и се поврзани пред сѐ со случувањата во надворешното окружување, но и со интензитетот на остварувањето на домашните инфраструктурни проекти.

-Со промената на каматната стапка на благајничките записи, при непроменети каматни стапки на депозитите преку ноќ и на 7 дена, се задржува внимателниот пристап кон водењето на монетарната политика. Ова се должи на контекстот којшто вклучува ризици поврзани со надворешното окружување, но и со домашните фактори коишто влијаат врз агрегатната побарувачка. И натаму се очекува дека нивото на каматните стапки, заедно со досегашните промени кај задолжителната резерва и преземените макропрудентни мерки, ќе придонесе за ценовна стабилност на среден рок и за задржување на стабилноста на девизниот курс, наведува Народната банка.

Одлуката за монетарната политиката е заснована на оцените за инфлацијата, која се движи во рамките на очекувањата, како и на постојаните поволни движења на девизниот пазар.

-Годишната стапка на инфлација во септември изнесува 2,6% (2,2% во август), при умерено забрзување на цените на храната, што е поврзано со поместената сезона на земјоделските производи поради неповолните временски услови и нивното негативно влијание врз приносите. Сепак, базичната инфлација бележи намалување во однос на претходниот месец и има стабилни движења на годишна основа, а цените кај енергетската компонента бележат натамошен пад. Со оглед на пониската споредбена основа од 2023 година (поради минатогодишните мерки за привремено ограничување на растот на цените), до крајот на годината е можна определена променливост во годишната стапка на инфлација, но во просек за целата 2024 година се очекува дека инфлацијата ќе биде во рамките на априлскиот циклус проекции, односно 3,5%. Во анкетите на ЕК за очекувањата на потрошувачите, веќе шест месеци по ред преовладуваат очекувања за намалување на цените во следниот период. Во однос на берзанските цени на примарните производи, најновите прогнози се ревидирани надолу, во согласност со зголемената понуда и намалената побарувачка, што е поврзано со изгледите за економскиот раст, информира Централната банка.

Во согласност со поволните движења на девизниот пазар, Народната банка од почетокот на годината интервенира со нето-откуп на девизи, што придонесе и за подобри остварувања кај девизните резерви од очекувањата. Во однос на последните расположливи податоци од надворешниот сектор, трговскиот дефицит во јули и август 2024 година засега е подобар во споредба со очекувањата за третиот квартал од априлскиот циклус проекции. Остварувањата на менувачкиот пазар заклучно со крајот на септември се малку пониски од проектираните нето-приливи од приватните трансфери. Остварениот дефицит во тековната сметка на билансот на плаќања во вториот квартал од 2024 година е понизок од очекувањата според априлската проекција, при истовремено повисоки остварени нето финансиски приливи.

Во однос на политиката на Европската централна банка (ЕЦБ), како фактор којшто Народната банка исто така го има предвид, на последната седница во октомври по третпат оваа година беше донесена одлука за намалување на каматната стапка за 0,25 п.п.

Во монетарниот сектор, остварувањата во третиот квартал главно се во согласност со проекциите. Имено, депозитниот потенцијал на банките и натаму е солиден, со динамика на раст близу до очекувањата, а растот на кредитната активност сѐ уште е малку над проектираниот.

-Општо земено, најновите остварувања кај клучните макроекономски показатели, како и согледувањата во однос на нивната идна патека создадоа можност за натамошно намалување на каматната стапка на благајничките записи. И натаму треба да се следат ризиците поврзани со надворешното окружување, пред сè цените на примарните производи, коишто сè уште се под влијание на нестабилниот геополитички контекст и климатските промени, а треба да се внимава и на ризиците од домашните фактори коишто може да влијаат врз побарувачката и цените во следниот период. Оттука, водењето внимателни макроекономски политики ќе биде нашиот приоритет и во иднина. Народната банка и натаму е подготвена да ги употреби сите неопходни инструменти и да презема соодветни мерки со коишто ќе се придонесе за задржување на стабилноста на девизниот курс и ценовната стабилност на среден рок, заклучува Народната банка.

УКЛО-Битола со нов имиџ и повеќе студенти во алијансата КОЛОРС

 Универзитетот „Св. Климент Охридски“-Битола повторно ја надмина бројката од 1000 запишани студенти во прва година што ќе студираат на прв циклус студии, и е еден од ретките во државата кој забележува раст на бројот новозапишани студенти. 

Анализата покажува дека тоа е резултат на зголемените ангажмани на ректорската управа, зголемената видливост на Универзитетот и секако зачленувањето на УКЛО во европската алијанса на универзитети КОЛОРС.

Процентите се немилосрдни, а бројките фактографија од која се воочува дека УКЛО-Битола новата академска година ја почна со над 40 отсто од капацитетот, што е за 10 проценти повеќе од минатата година.

-Ја достигнавме за нас магичната бројка од 1000 новозапишани студенти и запишавме точно 1102 студенти и имаме раст од скоро 12 проценти на бројот на запишани студенти во однос на минатата година. Важно е да се истакне дека тоа е во ситуација кога бројот на матуранти годинава, споредено со лани, е намален за околу 5 проценти. Интересот за упис е во пораст за повеќето програми на универзитетските единици и што исто така е важно, од оваа година за дел од предметите или делови од предметите сите студенти може да аплицираат во сите циклуси за студирање и да ги слушаат на еден од деветте универзитети членки на Алијанса КОЛОРС. Од оваа академска година благодарение на КОЛОРС повеќе 4000 студенти на УКЛО се составен дел од околу 120000 студенти на КОЛОРС, вели проф. д-р Игор Неделковски, ректор на Универзитетот „Св. Климент Охридски“-Битола.

Од анализата на документацијата лесно се воочува дека и годинава во т.н. топ-3 листа на најбарани факултети на УКЛО се Факултетот за безбедност со седиште во Скопје кој новата академска година ја почна со 65 отсто од капацитетот за студенти бруцоши, Факултетот за информатички и технолошки комуникации во Битола со 55 проценти од капацитетот и Правниот факултет со седиште во Кичево со 45 отсто од капацитетот.

Факултетот за безбедност Скопје огласи 280 места, во трите уписни рокови во целост ги исполни категоријата редовни студенти и скоро целосно вонредни студенти затоа што од вкупно 20 на почетокот останаа непополнети само 4 места, по две за насоките „Криминалистика“ и „Криминологија и криминална политика“. Споредено со другите универзитетски единици, Факултетот за безбедност-Скопје, успешно изврши упис на студенти и за квотата предвидена со кофинансирање во студирањето. Факултетот за информатички и комуникациски технологии-ФИКТ создаде услови за студирање на 250 студенти, а во четвртиот уписен рок оставен беше простор за само 112 кандидати. Интересно е што во сите уписни рокови ниту еден кандидат не се јави за студирање со кофинансирање, додека пак во пораст е желбата за вонредно студирање. Тоа упатува на заклучокот дека некои студенти сакаат истовремено да работаат и да студираат, ситуација која е исклучително логична за овој профил студенти. Според анализата, на ФИКТ и понатаму најголем интерес има за насоката „Информатички науки и комуникациско инженерство“. Во листата најбарани е и Правниот факултет со седиште во Кичево кој годинава овозможи да се запишат 215 студенти за насоките „Правни студии“ и „Политички науки и дипломатија“ во Битола, Кичево и Струга. Според анализата, генерално квотата е исполнета со над 45 отсто од вкупниот капацитет за бруцоши, но разочарувачки низок е интересот за студирање на насоката „Политички науки и дипломатија“ во трите градови каде факултетот овозможува студирање.

Во групата на универзитетски единици кои годинава бележат зголемување на бројот на запишани студенти се Техничкиот факултет, а тука се и Педагошкиот факултет, Факултетот за туризам и угостителство во Охрид, Економскиот факултет-Прилеп, Факултетот за биотехнички науки и Високата медицинска школа.

На Техничкиот факултет од понудените седум струки половичен интерес е забележан за насоките „Сообраќајно-транспортно инженерство“, „Графичко инженерство и дизајн“ и „Инженерство за заштита на животната и работната средина“, додека процентуално најмал е интересот за насоката „Мехатроника“. Споредено со истиот период од минатата година, сепак има поголем интерес, вели деканот, проф. д-р Митко Костов.

- Радува фактот што оваа година имаме зголемен интерес за студирање за околу 25 проценти повеќе, споредено со минатата година. Големото семејство на Техничкиот факултет е уште поголемо и побогато за над 130 студенти бруцоши кои се приклучуваат на околу 500 активни студенти на факултетот. За нас е важно што матурантите се одлучуваат да студираат технички науки, а ние пак за возврат им подготвивме бруцошки информатор кој веднаш ќе ги воведе во академскиот процес, истакнува Костов.

Педагошкиот факултет-Битола во новата академска година влегува со 38 отсто од вкупниот капацитет, а како во другите универзитетски единици, најмал е интересот за категоријата вонредни студенти бидејќи пријавени се само 9 кандидати, додека пораст има за категоријата редовни студенти, а најголем интерес е регистриран за насоката „Англиски јазик и книжевност“. Факултетот за биотехнички науки во Битола обезбеди 30 отсто од вкупната понудена квота за упис на студенти бруцоши. Интерес за студирање е покажан за трите понудени категории, а најживо ќе биде меѓу редовните студенти „Квалитет и безбедност на храна“ кои годинава се најбројни, наспроти другите струки и насоки што ги нуди факултетот.

Во очекување на стартот на битолскиот Медицински факултет, средношколците кои сакаат да се едуцираат во сферата на здравството ги користат можностите на Високата медицинска школа. Според првичните податоци, интересот за упис е голем и видлив, запишани над 41 отсто, а во првите три уписни рока целосно се исполнети насоките за „Медицинска сестра-техничар“, „Медицинско-лабараториски аналитичар“ и „Физиотерапевти“, додека само 1 слободни место беше објавено за насоката „Радиолошки технолози“ и 3 за „Акушерки“. Како и во останатите универзитетски единици, така и на Високата медицинска школа мал е интересот за студирање со партиципација која на универзитетските единици изнесува 400 евра. Слаб интерес за студирање со кофинансирање е регистриран и на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид каде за 99 слободни места, во првите три уписни рокови се пријавиле само 7 кандидати, но интерес е покажан за вонредно студирање и посебно за насоката „Хотелско-ресторантски менаџмент“. На ФТУ-Охрид според првичните податоци слаб е интересот за студирање во програмата на англиски јазик каде на располагање се насоките „Туризам“ и „Царина и шпедиција“. Економскиот факултет-Прилеп во трите категории за студирање, можеше да запише 200 во категоријата редовни студенти, 30 бруцоши со плаќање на 400 евра школарина во студирањето и 18 за вонредно студирање, но според анализата на податоците, ниту еден студент не се јавил за студирање со кофинансирање, додека само 6 студенти се пријавиле за вонредно студирање.

Во оваа академска година, процентуално под 30 отсто од капацитетот, најмал упис е регистриран на Технолошко-техничкиот факултет во Велес и на Ветеринарниот факултет во Битола. Иселувањето на младите и намалениот број на производствени и индустриски капацитети кои делуваат во секторот прехранбена индустрија се суштинската причина за само 20 студенти да се запишат на Технолошко-техничкиот факултет во Велес кој ги понуди насоките „Прехранбена технологија и биотехнологија“ и „Нутриционизам“. Но, добро е што токму на овој факултет е зголемен интересот за студирање на втор и трет циклус на студии. Според анализата, Ветеринарен факултет-Битола во новата академска година стартува без запишани студенти во категоријата за студирање со кофинансирање, а 13 ќе студираат на насоката „Ветеринарна медицина“.

Генерално, Универзитетот „Св. Климент Охридски“-Битола полека, но сигурно го враќа стариот сјај и се повеќе станува магнет за студирање, особено со зачленувањето во алијансата на европски универзитети КОЛОРС.

Воздухопловните сили на Украина во текот на ноќта собориле 57 руски дронови

Воздухопловните сили на Украина соопштија дека во текот на ноќта собориле 57 руски беспилотни летала во 12 региони на земјата.

Во соопштението се наведува дека руските сили ја нападнале Украина со вкупно 81 беспилотно летало и истрелале проектил во областа Одеса.

Истовремено, Министерството за одбрана во Москва соопшти дека руските сили за воздушна одбрана синоќа пресретнале 10 украински беспилотни летала над полуостровот Крим, како и четири дрона кои се движеле кон брегот на Крим.

притисни ентер