УКЛО-Битола со нов имиџ и повеќе студенти во алијансата КОЛОРС

 Универзитетот „Св. Климент Охридски“-Битола повторно ја надмина бројката од 1000 запишани студенти во прва година што ќе студираат на прв циклус студии, и е еден од ретките во државата кој забележува раст на бројот новозапишани студенти. 

Анализата покажува дека тоа е резултат на зголемените ангажмани на ректорската управа, зголемената видливост на Универзитетот и секако зачленувањето на УКЛО во европската алијанса на универзитети КОЛОРС.

Процентите се немилосрдни, а бројките фактографија од која се воочува дека УКЛО-Битола новата академска година ја почна со над 40 отсто од капацитетот, што е за 10 проценти повеќе од минатата година.

-Ја достигнавме за нас магичната бројка од 1000 новозапишани студенти и запишавме точно 1102 студенти и имаме раст од скоро 12 проценти на бројот на запишани студенти во однос на минатата година. Важно е да се истакне дека тоа е во ситуација кога бројот на матуранти годинава, споредено со лани, е намален за околу 5 проценти. Интересот за упис е во пораст за повеќето програми на универзитетските единици и што исто така е важно, од оваа година за дел од предметите или делови од предметите сите студенти може да аплицираат во сите циклуси за студирање и да ги слушаат на еден од деветте универзитети членки на Алијанса КОЛОРС. Од оваа академска година благодарение на КОЛОРС повеќе 4000 студенти на УКЛО се составен дел од околу 120000 студенти на КОЛОРС, вели проф. д-р Игор Неделковски, ректор на Универзитетот „Св. Климент Охридски“-Битола.

Од анализата на документацијата лесно се воочува дека и годинава во т.н. топ-3 листа на најбарани факултети на УКЛО се Факултетот за безбедност со седиште во Скопје кој новата академска година ја почна со 65 отсто од капацитетот за студенти бруцоши, Факултетот за информатички и технолошки комуникации во Битола со 55 проценти од капацитетот и Правниот факултет со седиште во Кичево со 45 отсто од капацитетот.

Факултетот за безбедност Скопје огласи 280 места, во трите уписни рокови во целост ги исполни категоријата редовни студенти и скоро целосно вонредни студенти затоа што од вкупно 20 на почетокот останаа непополнети само 4 места, по две за насоките „Криминалистика“ и „Криминологија и криминална политика“. Споредено со другите универзитетски единици, Факултетот за безбедност-Скопје, успешно изврши упис на студенти и за квотата предвидена со кофинансирање во студирањето. Факултетот за информатички и комуникациски технологии-ФИКТ создаде услови за студирање на 250 студенти, а во четвртиот уписен рок оставен беше простор за само 112 кандидати. Интересно е што во сите уписни рокови ниту еден кандидат не се јави за студирање со кофинансирање, додека пак во пораст е желбата за вонредно студирање. Тоа упатува на заклучокот дека некои студенти сакаат истовремено да работаат и да студираат, ситуација која е исклучително логична за овој профил студенти. Според анализата, на ФИКТ и понатаму најголем интерес има за насоката „Информатички науки и комуникациско инженерство“. Во листата најбарани е и Правниот факултет со седиште во Кичево кој годинава овозможи да се запишат 215 студенти за насоките „Правни студии“ и „Политички науки и дипломатија“ во Битола, Кичево и Струга. Според анализата, генерално квотата е исполнета со над 45 отсто од вкупниот капацитет за бруцоши, но разочарувачки низок е интересот за студирање на насоката „Политички науки и дипломатија“ во трите градови каде факултетот овозможува студирање.

Во групата на универзитетски единици кои годинава бележат зголемување на бројот на запишани студенти се Техничкиот факултет, а тука се и Педагошкиот факултет, Факултетот за туризам и угостителство во Охрид, Економскиот факултет-Прилеп, Факултетот за биотехнички науки и Високата медицинска школа.

На Техничкиот факултет од понудените седум струки половичен интерес е забележан за насоките „Сообраќајно-транспортно инженерство“, „Графичко инженерство и дизајн“ и „Инженерство за заштита на животната и работната средина“, додека процентуално најмал е интересот за насоката „Мехатроника“. Споредено со истиот период од минатата година, сепак има поголем интерес, вели деканот, проф. д-р Митко Костов.

- Радува фактот што оваа година имаме зголемен интерес за студирање за околу 25 проценти повеќе, споредено со минатата година. Големото семејство на Техничкиот факултет е уште поголемо и побогато за над 130 студенти бруцоши кои се приклучуваат на околу 500 активни студенти на факултетот. За нас е важно што матурантите се одлучуваат да студираат технички науки, а ние пак за возврат им подготвивме бруцошки информатор кој веднаш ќе ги воведе во академскиот процес, истакнува Костов.

Педагошкиот факултет-Битола во новата академска година влегува со 38 отсто од вкупниот капацитет, а како во другите универзитетски единици, најмал е интересот за категоријата вонредни студенти бидејќи пријавени се само 9 кандидати, додека пораст има за категоријата редовни студенти, а најголем интерес е регистриран за насоката „Англиски јазик и книжевност“. Факултетот за биотехнички науки во Битола обезбеди 30 отсто од вкупната понудена квота за упис на студенти бруцоши. Интерес за студирање е покажан за трите понудени категории, а најживо ќе биде меѓу редовните студенти „Квалитет и безбедност на храна“ кои годинава се најбројни, наспроти другите струки и насоки што ги нуди факултетот.

Во очекување на стартот на битолскиот Медицински факултет, средношколците кои сакаат да се едуцираат во сферата на здравството ги користат можностите на Високата медицинска школа. Според првичните податоци, интересот за упис е голем и видлив, запишани над 41 отсто, а во првите три уписни рока целосно се исполнети насоките за „Медицинска сестра-техничар“, „Медицинско-лабараториски аналитичар“ и „Физиотерапевти“, додека само 1 слободни место беше објавено за насоката „Радиолошки технолози“ и 3 за „Акушерки“. Како и во останатите универзитетски единици, така и на Високата медицинска школа мал е интересот за студирање со партиципација која на универзитетските единици изнесува 400 евра. Слаб интерес за студирање со кофинансирање е регистриран и на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид каде за 99 слободни места, во првите три уписни рокови се пријавиле само 7 кандидати, но интерес е покажан за вонредно студирање и посебно за насоката „Хотелско-ресторантски менаџмент“. На ФТУ-Охрид според првичните податоци слаб е интересот за студирање во програмата на англиски јазик каде на располагање се насоките „Туризам“ и „Царина и шпедиција“. Економскиот факултет-Прилеп во трите категории за студирање, можеше да запише 200 во категоријата редовни студенти, 30 бруцоши со плаќање на 400 евра школарина во студирањето и 18 за вонредно студирање, но според анализата на податоците, ниту еден студент не се јавил за студирање со кофинансирање, додека само 6 студенти се пријавиле за вонредно студирање.

Во оваа академска година, процентуално под 30 отсто од капацитетот, најмал упис е регистриран на Технолошко-техничкиот факултет во Велес и на Ветеринарниот факултет во Битола. Иселувањето на младите и намалениот број на производствени и индустриски капацитети кои делуваат во секторот прехранбена индустрија се суштинската причина за само 20 студенти да се запишат на Технолошко-техничкиот факултет во Велес кој ги понуди насоките „Прехранбена технологија и биотехнологија“ и „Нутриционизам“. Но, добро е што токму на овој факултет е зголемен интересот за студирање на втор и трет циклус на студии. Според анализата, Ветеринарен факултет-Битола во новата академска година стартува без запишани студенти во категоријата за студирање со кофинансирање, а 13 ќе студираат на насоката „Ветеринарна медицина“.

Генерално, Универзитетот „Св. Климент Охридски“-Битола полека, но сигурно го враќа стариот сјај и се повеќе станува магнет за студирање, особено со зачленувањето во алијансата на европски универзитети КОЛОРС.

Делегација на ВМРО-ДПМНЕ положи цвеќе пред споменикот на македонската револуционерна борба

Делегација на ВМРО-ДПМНЕ положи цвеќе пред споменикот на основачите на македонската револуционерна борба

По повод 23 Октомври, Ден на македонската револуционерна борба денес повеќе делегации од ВМРО-ДПМНЕ положија свежо цвеќе пред споменикот на основачите на македонската револуционерна борба.

Цвеќе положија делегација од ВМРО-ДПМНЕ предводена од генералниот секретар Ѓоргија Сајкоски, делегација на пратеничка група од ВМРО-ДПМНЕ предводена од пратеникот и потпретседател на Собранието, Антонио Милошоски, делегација на Патриотскиот институт на ВМРО-ДПМНЕ предводена од Александар Пандов и делегација на Унијата на ветерани.

Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ

Родриго ќе го пропушти Ел Класико

 Фудбалерот на Реал Мадрид, Родриго ќе го пропушти мечот на Реал Мадрид со Барселона поради повреда.

Крилниот напаѓач на Реал Мадрид ја повреди тетивата на синоќешниот натпревар со Борусија Дортмунд.

Реал победи со 5:2, а Родриго беше заменет во 85. минута.

Утре Бразилецот ќе биде подложен на магнетна резонанца за да се утврди точната дијагноза и времето за закрепнување.

Тој дефинитивно ќе го пропушти натпреварот со Барселона кој ќе се одигра на 26 октомври.

Димоски ја прими наградата „23 Октомври“

Македонскиот идентитет е втемелен во македонскиот јазик и кирилицата

На поетот, есеист и преведувач Славе Ѓорѓо Димоски денеска му беше врачена државната награда „23 Октомври“ за долгогодишно остварување во областа на културата и уметноста.

Димоски одбележува два јубилеја, 65 години од раѓањето и 45 години творештво. Неговата поезија е преведена на над 35 јазици на сите континенти. Автор е на шест книги за деца и четири книги со есеи, а превел над триесетина книги на поети од словенското јазично подрачје. Застапуван е во сите антологии на македонската поезија објавени во Македонија и низ светот по 1982 година. Наградуван е со повеќе домашни и меѓународни награди и признанија, меѓу кои „Браќа Миладиновци“, „Антево перо“, „Ацо Шопов“, Гран при интернационал (Романија), „Сергеј Есенин“ (Русија),... Двапати е добитник и на највисокото охридско признание „Св. Климент - Патрон на Охрид (2000 и 2012). Основач е и долгогодишен раководтиел на фестивалот „Поетска ноќ во Велестово“.

Како што истакна Димоски во обраќањето откако му беше врачена наградата, македонскиот идентитет е втемелен во македонскиот јазик и кирилицата. Јазикот и писмото, рече, се еден од нашите идентитетски столбови.

-Ако поетот замолчи, ќе замолчат и душата и јазикот, а душата на нацијата е и јазикот, порача Димоски.

Според него, поетскиот јазик не е конкурентен на денешниот потрошувачки свет, бидејќи доаѓа од сакралните проблесоци на исконско постоење и цврсто се држи на стожерот на опстојувањето.

-Јазичната политика е во темелот на националната политика. Најзначајниот елемент на културната политика е дека македонскиот идентитет е втемелен во македонскиот јазик и кирилицата. Јазикот и писмото се еден од идентитетските столбови на сите нас. Ако поетот замолчи ќе замолчи и душата на јазикот. А душата на нацијата е и јазикот. На крај ја примам оваа награда во името на оваа вечна земја. На мојата вечна земја. Вечноста и бог се едно исто. Нашата Република е мала но огнена. Таква била Крушевската Република, таква била асномската република, таква е и оваа република денес. Толку ни ги стеснале границите што нема простор за друго име освен за Република Македонија, истакна Димоски.

За него, државната награда „23 Октомври“ е една од најзначајните во земјава.

-Преку основањето на Македонската револуционерна организација на овој ден во 1893 година во Солун, па преку Илинденското востание 1903-та и најважниот документ „Крушевскиот манифест“ кој подоцна се преточи во асномските определби за слободна Македонија и „8 Септември“ конечно Република Македонија да биде слободна самостојна држава, е континуитет кој на највисоко ниво ги изразува слободарските идеи и идеали на македонскиот народ. Јас доаѓам од сферата на литературата и ракувањето со зборовите. Токму Македонската револуционерна организација ја собра тогашната македонска интелигенција, токму во неа се поставени и темелите на идниот стандардизиран македонски јазик, токму од нејзините пазуви се изнедри златната книга „За македонцките работи“ во која К.П.Мисирков го постави фундаментот на идниот современ македонски јазик, потенцира Димоски.

На конкурсот за „23 Октомври“ пристигнале 25 пријави, но Одборот со тајно гласање одлучил државната награда да му припадне на Славе Ѓорѓо Димоски.

Врачувањето, традиционално, се одржа во Кристалната сала на Собранието на Република Северна Македонија.

Државната награда „23 Октомври“ се доделува за долгогодишни остварувања во областа на науката, културата, образованието, заштитата на државните интереси и промоција на државните приоритети, вредности и културно-историското наследство од јавен интерес на Република Северна Македонија.

притисни ентер