Првиот се одржа викендов со отворањето на Спомен куќата на народниот херој Стив Наумов со чија реконструкција по 15 години повторно е достапна за јавноста, следниот месец ќе биде отворена Јени џамија, а во декември реконструираната црква „Св. Ѓорги“ во Курбиново, истакна директорот на НУ Завод и Музеј-Битола, Зоран Николовски.
-Во оваа календарска година одбележуваме 90 години од почнувањето со работа на битолскиот Музеј формиран во 1934 година. Првиот од трите големи настани се одржа викендов на роденденот на народниот херој Стив Наумов, со отворање поставка која содржи сочувана покуќнина на семејството Наумов и важни историски документи. Вториот настан ќе го организираме во средината на следниот месец кога за јавноста ќе биде отворена Јени џамија, а на 9 декември, на верскиот празник Свети Ѓорги ќе биде отоврена истоимената црква во Курбиново, посочи Николовски.
Јени џамија во иднина ќе функционира како Музеј на христијанско-исламско културно наследство, а за јавноста ќе биде достапен внатрешниот дел кој е реставриран, стаклените подови во и пред џамијата каде се видливи темелите и ѕидовите на црквата „Св. Ѓорги“, како и останатите содржини на објектот лоциран во центарот на градот.
Во месец делември, во преспанското село Курбиново ќе бидат отворени вратите на еден од најзначајните византиски средновековни споменици на културата на Балканот, црквата од 12 век, „Св. Ѓорги“ во која се наоѓа оригинална фреска на ангелот на благовестието Гаврил.