Мнозинството Грци сметаат дека „сигурно“ или „веројатно“ постои прекумерен туризам во земјата

Мнозинството Грци сметаат дека „сигурно“ или „веројатно“ постои прекумерен туризам во земјата – според Мицотакис Грција нема таков проблем.

Речиси седум од десет Грци, односно 67 отсто сметаа дека „сигурно“ или „веројатно“ во земјата постои прекумерен туризам, согласно истражувањето на јавното мислење презентирано на конференцијата за туризам „Reimagine Tourism in Greece“ организирана од весникот „Катимерини“, додека пак грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис посочува дека „Грција нема проблем со прекумерен туризам“, јави дописничката на МИА од Атина.

На прашањето „Дали постои прекумерен туризам во Грција“, 29 отсто од анкетираните одговориле „сигурно“, 38 проценти рекле „веројатно да“, 20 отсто сметаат дека „веројатно не“, а само шест проценти се сигурни дека „не постои“.

Мицотакис, за време на учеството на панел дискусија на конференцијата објасни дека Грција нема проблем со прекумерен туризам, туку „се соочува со проблеми со голема концентрација на туристи на конкретни, мал број дестинации, неколку месеци во годината“.

- Но, проблем со прекумерен туризам, онака како што е дефиниран како системски проблем кој веќе предизвикува реакции кај локалните заедници, во Грција не постои. И не треба да постои во иднина, рече Мицотакис.

Додаде дека она што е важно е во иднина како ќе управуваат со туристичките бранови, „за да не се соочиме со овој проблем“.

- Навистина, на некои острови во Егејското Море, некои месеци од годината, почнуваме да имаме проблем каде погодена е инфраструктурата на островите. Кога би имале подобра инфраструктура, теоретски би можеле да пречекаме повеќе туристи. Според мене, не постои апсолутен број, апсолутна граница над која не можеме да одиме. Ова, во голема мера зависи од способноста на нашите острови да управуваат со туристичките бранови во однос на отпадот, во однос на водата, во однос на сообраќајот што може да се создаде на патиштата. Значи, теоретски, ако подобриме дел од нашата инфраструктура, би можеле да примиме повеќе посетители, објасни Мицотакис.

Посочи дека прашањето е дали сакаат повеќе туристи или во основа сакаат туристи кои ќе можат да трошат повеќе пари во земјата и дали мерило за успешноста на една туристичка година е апсолутниот број на пристигнувања или се приходите.

- Целта се приходите. Па така, повеќе ме интересира да имаме рекорд во приходите, што очигледно, во голема мера е поврзано и со бројот на пристигнувања, но она што првенствено го гледам е вкупниот придонес на туризмот во однос на динамиката на развојот на земјата, а во исто време и трошењето по глава на жител на посетителите, што секако зависи од цените што ги наплаќаме, објасни грчкиот премиер.

Во истражувањето на јавното мислење во кое биле анкетирани 1.149 лица во периодот од 13 до 16 септември, на прашањето колку е важен туризмот во земјата 86 отсто одговориле „многу“ или „доста“, а 54 проценти преферираат „помалку туристи со подобра финансиска ситуација“.

УХМР: Во петок и сабота локален дожд и пониски температури

Управата за хидрометеоролошки работи најавува дека до недела ќе преовладува променливо облачно и значително посвежо време.

Утре ќе има услови за појава на магла по одделни котлини, а во петок и сабота слаб локален дожд претежно во западните делови.

Во почетокот на следната седмица времето ќе биде стабилно и тивко со ниски утрински температури.

Се живее ли подобро во Радуша денес или пред 2001 година?

Радуша е познато по воениот конфликт 2001 години и жестоките борби меѓу македонските безбедносните сили и УЧК. Но, како изгледа селото денес?

Колку жители останаа таму и што мислат за секојдневните најави од некои партии за нови можни дестабилизации и несигурност?

Одговорите на овие прашања од ексклузивната репортажа на Александар Видиновски, токму од Радуша.

За жал ова се сликите по кои го знаеме селото Радуша. Жестоки борби, хеликоптери, борбени авиони, страдање. Накратко, препознатливо е по ужасот на војната. Многу малку, најверојатно само постарите, знаат дека Радуша порано беше развиено мултиетничко село. Имало поликлиника, кино, отворен базен, аптеки, работнички одморалишта и најважно рудник за Хром.

Сакавме да видиме како живее денес селото. Кои се проблемите на мештаните и што мислат за предупредувања од некои политички партии за можна нова дестабилизација?

Тргнавме од Скопје преку Кондово и долно Свиларе. Денот убав, природата уште поубава. За жал, како и во повеќето места во Македонија и тука го има она по што веќе сме препознатливи. Огромен количества отпадоци се расфрлани покрај патот.

За половина час од Скопје пристигнавме во Радуша. На влезот не дочека сообраќаен знак напишан само на албански јазик. Внатре во селото гледаме контрасти. Последиците од војната лесно се забележуваат. Куќите се обновени, но не сите. Пред 2001 прва тука имало и македонски фамилии. Веќе не. Запелени им се.

Се искачивме на првото брдо да го видиме селото одозгора. Токму на ова место, каде границата со Косово е оддалечена стотина метри, целосно уништените објекти сведочат за разорното дејство на војната.

Доле во селото наидуваме на споменик на борците на НОВ. Подигнат за сите оние кои се бореле против фашистите. Сега и тој е разнесен. Преполовен сведочи за траумата и конфузијата за тоа на кој може да му пречи споменот за оние кој создадоа оваа држава. Тука е и административната зграда на рудникот. Целосно напуштена и уништена. Тука е и железничката станица. Прекрасниот објект е целосно разурнат. Целата железничка инфраструктура е уништена. Просто е неверојатно што овие работи сè уште не се обновени. Во селото имало и аптеки, медицинска установа, дури и базен изграден според сите стандарди...

Тука природно се поставува следното прашање. Ако Радуша го имала сето ова пред конфликтот во 2001 години, дали локалните жители живеат подобро сега или пред кризата?

Репортажата ја снимаме во период на зголемени политички тензии. Одредени партии се погласно зборуваат за можна повторна дестабилизација. Впечатокот барем од луѓето со кои ние разговаравме е дека овие најави или сценарија се веќе „прочитани“. Луѓето како да ги надживеаја етно-наративите, за кои велат дека постојано им се наметнуваат.

Радуша денес е познато и по ова. Сред село има огромен споменик на Адем Јашари. До него тенк Т55. Во 2001вата напуштен од единиците на АРМ. Сега служи како како трофеј. Но, дали сите жители на Радуша гледаат со гордост на овој комплекс и што претставува тој за нив?

Овие луѓе ги делат истите комуналните и инфраструктурни проблеми како жителите на речиси сите села во Македонија. Немаа лекар, имаат проблеми со патот, но го спомнаа и уништувањето на животната средина. Не однесоа да го видиме….

Со овој поразителен пејсаж полека си заминуваме од Радуша. Чувствата се измешани. Ги видовме последиците од војната. Го воочивме јасниот регрес во ова македонско село. Сепак, оттука си одиме и со нови пријатели. Не примија искрено, со раширени раце...Не сакаат нови проблеми, желбата им е да живеат мирно и квалитетно во сопствената држава. Ни укажаа на лошите работи, но и на добрите. И покрај иселувањето, има и такви кои се враќаат и инвестираат во селото. Ни посакаа добар пат назад и не поканија повотрно да дојдеме. Делиме идентични проблеми кои бараат идентични решенија. Посакаа да разговараме како да си го подобриме животот, а не за замислени поделби, дестабилизации и конфликти

НАСА: Третата овогодишна супермесечина истовремено со кометата Цучиншан-Атлас

Октомвриската супермесечина е најблиску до Земјата оваа година и утре ќе го достигне својот зенит...

Октомвриската супермесечина е најблиску до Земјата оваа година и утре ќе го достигне својот зенит... Но, таа ќе се појави истовремено со комета, што ќе биде ретка можност за љубителите на набљудувачите на ѕвездите и Вселената, објави НАСА.

Инаку, третата од четирите супермесечини оваа година, вечерва ќе биде 357.364 километри блиску до Земјата, што ќе ја направи уште поголема и посветла од августовската и септемвриската супермесечина. Последната, четврта супермесечина за годинава ќе се појави на 15 ноември.

Кометата Цучиншан-Атлас која беше откриена лани, денеска ќе биде видлива и на северната хемисфера откако ќе ја проследат и набљудувачите на јужната хемисфера на Земјата.

- Светлината од супермесечината ќе го попречи погледот на дел од опашката на кометата, но глетката, сепак, вреди да се гледа по зајдисонце. Повеќето астрономи, меѓутоа, ја мразат полната Месечина бидејќи нејзината силна светлина го отежнува гледањето на другите вселенски тела, изјави Бил Кук од НАСА.

На македонското небо, според „Ведер фор ол“, денеска Сонцето ќе зајде во 17:51 часот.

притисни ентер