Батон: Верстапен сфати дека нема да извојува победа до крајот на 2024 година

Поранешниот светски шампион во Формула 1, Џенсон Батон зборуваше за расположението на актуелниот шампион Макс Верстапен пред завршниот дел од сезоната 2024.

- Возачот на Ред Бул, Верстапен, го прифати фактот дека нема повторно да се искачи на највисокото скалило на подиумот во 2024 година, изјави Батон.

Британецот одговори и на прашањето дали возачот на Мекларен, Ландо Норис, може да го победи Верстапен во борбата за титулата:

„Да, мислам дека може“.

Макс е тврд орев за кршење. Мислам дека притисокот не влијае на него на ист начин како и повеќето други возачи, но тоа е тешка ситуација. Сфати, според она што го слушнав, дека нема да извојува уште една победа годинава. Всушност, тој едноставно ќе собира поени. Меѓутоа, понекогаш кога ќе си извршите толку голем притисок, уште потешко е да се качите на подиумот. Сè уште ништо не е решено. Макс е во добра позиција, но притисокот е висок, додаде Батон на поткастот на „Sky Sports F1“.

На шест трки до крајот на сезоната, лидерот Верстапен има предност од 52 бода во однос на второпласираниот Норис.

Министерот Николоски направи увид во новата социјална зграда во Велес

Тој појасни дека становите се од 40 до 50 метри квадратни и се опремени со сите неопходни средства за вселување на семејствата.

Во новоизградената социјална зграда во Велес со 29 станови, а чиј оглас за доделување преку Министерството за транспорт и врски е во тек до 21 октомври, денеска увид направи министерот за транспорт и врски Александар Николоски заедно со Марјан Стефановски генерален директор на АД за изградба на станбен и деловен простор и градоначалникот Марко Колев.

Како што информира директорот Стефановски оваа нова социјална зграда во Велес се изгради во изминатите две години преку проект на Светската банка, Банката за развој при Советот на Европа. Досега за становите се имаат пријавено некои од социјално загрозените категории на граѓани, а очекува да се јават што поголем број граѓани кои ги исполнуваат условите.

Тој појасни дека становите се од 40 до 50 метри квадратни и се опремени со сите неопходни средства за вселување на семејствата.

Министерот за транспорт и врски Александар Николоски информира дека оваа зграда е во вредност од 54 милиони денари.

-Се надевам дека 29 семејства тука ќе се ја најдат среќата. Во една транспарентна процедура да ги доделиме становите и за неколку месеци да ги видиме семејствата кои што среќни ќе живеат тука, најави Николоски.

На новинарско прашање дали се планираат и други вакви социјални згради низ земјава и дали планираат да го сменат системот за распределба, тој информира дека во моментов има оглас за уште една ваква социјална зграда во Кочани.

- Се работи на големо и во Бутел, а секако ќе дојдат и други општини. Во однос на распределбата тоа беше една од дискусиите која што јас ја имав со мојот кабинет и со луѓето кои се задолжени за оваа работа. Мора процесот да е максимално траспарентен и јас лично ќе го набљудувам процесот на распределба. Нема да дозволам никаков скандал затоа што тука треба да дојдат луѓе на кои навистина ова им е потребно, потенцира Николоски.

Градоначалникот Марко Колев ги повика граѓаните кои ги исполнуваат условите да се јават на огласот за да може на транспарентен начин да им бидат доделени на тие што им се најнеопходни социјални станови.

Колев информира дека за ставање во функција на оваа зграда, Општина Велес во изминатите неколку месеци вложи сериозни финансиски средства за снабдување на објкектот со вода, преку ставање нова водоводна линија низ улицата „Луј Пастер“ која води покрај пругата.

Мицкоски: Постои една Академија на науките и уметностите

Етнички и национали теми не се мој приоритет, вели Мицкоски.

Постои една Академија на науките и уметностите и тоа е став на ВМРО-ДПМНЕ, Владата и на академиците од различни етнички заедници, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски, откако вчера во Тетово беше објавено дека четири општини, со кои раководат кадри од „Вреди“ ќе го финансираат работењето на Здружението на граѓани - Албанска академија на науките и уметностите.

Мицкоски не очекува ваквиот потег на „Вреди“ да влијае негативно на владината коалиција. - Нашиот став е принципиелен и тоа го кажав во многу наврати во минатото дека етнички и национали теми не се мој приоритет, рече Мицкоски.

Вели дека советниците на ВМРО-ДПМНЕ нема да гласаат за општински буџет од кој ќе се одвојат средства за оваа намена.

- Не би сакал парите на граѓаните да се трошат за невладини организации повеќе би сакал да видам да се трошат за инфраструктурни проекти, да креираме услови за младите да се вратат назад и тоа се темите за кои јас сакам разговарам. Теми коишто поларизираат или етнизираат не се теми во кои јас сакам д бидам соговорник. Претпоставувам тоа се дел од опозициските партии во Парламентот коишто ќе го зголемат или намалат својот рејтинг ако се разговара на оваа тема. Жалам што избираат вакви теми за политички поени, но како претседател на Владата останувам посветен да работам за доброто на граѓаните без разлика на етничката припадност, подвлече Мицкоски.

Околу ова прашање денеска се огласија и од ДУИ.

- Како ДУИ не се согласуваме со овој принцип на функционирање. Албанската академија пропагирана како национално ниво стана една невладина организација и ние не сме дел од такви проекти. Во оние општини каде функционираат партиите на Вреди сме опозиција, не сме дел од владејачкото мнозинство, изјави денеска Фатон Ахмети од ДУИ.

Вчера во Тетово, градоначалниците на Тетово, Гостивар, Чаир и Желино имаа средба со претставници на ова здружение и најавија дека ќе го финанираат работењето на ова здружение.

Измените на Законот за домување не го поминаа комисискиот филтер

Според пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Тони Јаревски, потребен е системски пристап и системско решавање за решавање на овој проблем.

Членовите на собраниската Комисија за транспорт, дигитална трансформација, животна средина и просторно планирање на денешната седница не ги усвоија Предлог дополнувањата на Законот за домување во прво читање, предложени од пратениците на политичката партија Левица.

Пратеникот на Левица, Амар Мециновиќ во образложението истакна дека оваа законско решение го поднесуваат од две причини – првата е да им се излезе во пресрет на студентите и втората е социолошка природа.

- Го предлагаме сега заради студентите затоа што сметам дека нема време да се чека. Владата и да има добри намери да ги отвори овие студентски домови, нема време да чекаме. Затоа го нудиме оваа законско решение токму сега. Сакаме да дадеме социолошко решение на еден многу поширок проблем. Јас како млад пратеник, како еден од малкуте кои сме под 30 години, во мојата демографска група, домувањето е неверојатен проблем. Сакам да ви посочам на тоа дека во мојата демографска група, иселувањето од Македонија се катализира преку овој проблем. Домувањето е еден од најглавните причини зошто младите ја напуштаат оваа држава затоа што немаат способност да дојдат до простор за домување. Уште пострашно е што нашите млади не се ниту кредитоспособни, затоа што работниот однос им се заснова на договори на определено време и банките не им даваат кредити за да влезат во кредитен однос за стан, рече Мециновиќ.

Пратеникот на Левица истакна дека со оваа законско решение бараат да се воведе горна граница за кирии која ќе биде во вредноста од 3 отсто од вредноста на станот.

- За истиот стан каде што сега е минималната граница 166 евра, сега горната граница би била 250 евра. Како Парламент треба да ја согледаме општата состојба, а тоа е дека во Македонија постои картелско и шпекулативно однесување на инвеститорите со становите. Огромен број на станови се држи надвор од пазарот вештачки, за да се задржи понудата ниска, а потрошувачката повисока, рече Мециновиќ.

Според пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Тони Јаревски, потребен е системски пристап и системско решавање за решавање на овој проблем.

- Ад хок мерки се на некој начин импровизација. Сакајќи да направиме една добра работа, ќе предизвикаме неколку други последици кои што ќе можат да донесат повеќе негативни аспекти. Министерството за образование и наука веќе размислува на ова тема. Се прават анализите и подготвителните работи. Ќе бидат преземени и други мерки во Владата. Верувам дека за некој извесен период ќе имаме предлог на законско решение кое што ќе биде системско, а тоа, за жал, не може да се направи преку ноќ, рече Јаревски.

притисни ентер