Мишел и Фон дер Лајен телефонски разговарале со Трамп

Претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен објавија дека телефонски му ја честитале на Доналд Трамп на изборот за претседател на САД. 

- Повторно преку телефон му честитав на новоизбраниот претседател Доналд Трамп. ЕУ и САД споделуваат заеднички вредности и интереси. Подготвени сме да ги продлабочиме односите ЕУ-САД на сите полиња, објави Мишел на Икс.

Тој во објавата натаму нагласува дека во телефонскиот разговор ги истакнал приоритетите на ЕУ во однос на економијата и геополитичката ситуација, пред се околу Украина и Блискиот Исток.

- Ќе продолжиме да ја правиме Европа посилна и да инвестираме повеќе во нашата одбрана и безбедност, додаде Мишел во објавата.

И Фон дер Лајен на Икс објави дека имала „одличен телефонски повик“ со Трамп и дека му честитала за изборната победа.

- Со нетрпение очекуваме да ги зајакнеме врските ЕУ-САД и да работиме заеднички во справување со геополитичките предизвици. Разговаравме за одбраната и Украина, за трговијата и енергијата. Заедно можеме да поттикнеме просперитет и стабилност на двете страни од Атлантикот, наведе Фон дер Лајен во објавата.

Мишел и Фон дер Лајен преку објави на Икс му честитаа на Трамп уште во средата претпладне кога стана извесно дека тој победил на претседателските избори во САД.

Тренчевска: ВМРО-ДПМНЕ да ги прифати решенијата на СДСМ за намалување на цените

 ВМРО-ДПМНЕ да ги прифати решенијата на СДСМ за намалување на цените и повеќе пари за граѓаните.

Се потврди тоа што го говоревме и што граѓаните го гледаат секој ден - нема намалување на цените во маркетите, владината мерка не даде резултат.

Податоците коишто ги објави Државниот завод за статистика покажуваат дека цените на мало во месец октомври се намалиле за само 0,1%.

Ова значи дека намалување на цени нема и затоа пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и Владата треба итно да ги прифатат пакет законските решенија на СДСМ:

-Да се усвои Законот за зголемување на минималната плата на 450 евра.

- Да се усвои Законот за укинување на ДДВ за храната со кој граѓаните ќе заштедат и до 2.000 денари месечно.

-Итна да се примени Законот за нефер трговски практики за спречување на нов раст на цените.

Овие пакет решенија на СДСМ ќе значат намалување на цените, зголемување на платите односно повеќе пари за граѓаните и семејните буџети.

СДСМ уште еднаш повикува да проработи разумот кај власта, пред се кај пратениците од ВМРО-ДПМНЕ.

Подаваме рака за соработка, за подобар животен стандард и поддршка на граѓаните во време кога нивниот живот станува се потежок.

Просечната плата во земјата е намалена за 1,000 денари а македонската економија е во слободен пад. Индустриското производство бележи пад во септември за 7,9% а прогнозите за економијата стануваат се полоши. По Светска банка и Народна банка ги намали проекциите за македонската економија и предвидува послаб раст оваа и наредната година.

Ова се лоши вести. Потребно е заедничко делување за да им се помогне на граѓаните а пакет решенијата на СДСМ, овие три политики кои ги споменав се реални, одржливи и ќе дадат брз резултат.

Жално е ако пратениците на ВМРО-ДПМНЕ се подготвена на штета на граѓаните да водат политички инает со отфрлање на добрите решенија.

Прес конференција на СДСМ, Јована Тренчевска - пратеничка

Николоски најави изградби на станбени згради со цел да се намали цената на станбениот квадрат

Николоски најави изградби на станбени згради во Битола, Штип и Скопје, со цел да се намали цената на станбениот квадрат

Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор (ЈПДП) прави план за изградба на нови станбени згради во Битола, Штип и Скопје, со цел да се регулира цената на станбениот квадрат, бидејќи токму ова јавно претпријатие треба да е регулатор на цената на станбениот квадра најави денеска од Штип, вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николоски.

Тој истакна дека последната комерцијална зграда од страна на ЈПДП во Битола е изградена пред 13 години, а во Штип какошто рече веројатно и никој не се сеќава кога.

-А улогата на ова јавно претпријатие е да ја регулира цената на пазарот со цел градежниците да неможат да имаат екстремно високи цени, да имаат монополи и на тој начин да го цицаат народот.

За Битола најавивме дека ќе одиме со цени кои ќе се за 30-40 проценти пониски од тоа што е пазар во моментот, вели Николоски.

Тој најави дека работат и интензивно на проектот „Купи или изгради куќа за млади“, каде за купување или изградба на куќа за млади брачни двојки ќе има големи поволности, кои ќе покриваат и до 50 проценти од трошоците за изградба или за купување.

Варшава: Руски разузнавачки служби веројатно стојат зад серијата експлозии во курирски центри

Руски разузнавачки служби веројатно стојат зад серијата експлозии во курирски центри низ Европа.

Полските обвинители денеска соопштија дека руски разузнавачки служби најверојатно стојат зад серијата пакети што експлодираа во јули во курирски центри низ Европа, посочувајќи ја Москва како главен осомничен во случајот што можеше да предизвика авионска несреќа.

Западни дипломати претходно изјавија дека Русија се обидува да ги дестабилизира украинските сојузници преку саботажа.

Експлозиите во курирските центри во Велика Британија, Германија и Полска во јули, според властите, имаа потенцијал сериозно да ескалираат и да предизвикаат експлозија во авион.

Безбедносни функционери изјавија дека пакетите биле дел од планот чија крајна цел била да предизвикаат експлозии на товарни летови кон САД и Канада.

- Доказите собрани во овој случај укажуваат на голема веројатност овие саботажи да се нарачани од руски специјални служби, рече портпаролот на полското обвинителство, Пжемислав Новак во соопштение.

Руската амбасада во Варшава не одговори веднаш на барање за коментар, а претходно негираше каква било вмешаност.

Новак додаде дека полските власти трагаат по двајца Руси и оти во рамките на истрагата привеле четворица Украинци. Во октомври полските обвинители соопштија дека уапсиле четири лица и оти трагаат по уште две, но не ја открија националноста на осомничените. Обвинителството во октомври соопшти дека ја истражува улогата на „странските разузнавачки служби“, без експлицитно да ја именува Русија.

- Спроведуваме активности за идентификување на преостанатите лица вклучени во оваа меѓународна група, рече Новак во соопштение испратено денеска до медиумите. Според него, пакетите можеле да бидат испратени од главниот град на Литванија, Вилнус.

притисни ентер