Министерот Тошковски на средба со шпанскиот амбасадор Рафаел Соријано Ортиз

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска оствари работна средба со амбасадорот на Кралството Шпанија, Рафаел Соријано Ортиз.

На средбата, како што оопшти МВР, била потврдена досегашната добра полициска соработка во делот на брза, квалитетна и ефикасна размена на оперативни сознанија, односно редовно постапување по барања упатени од двете држави за различни видови на проверки во сите форми на организиран криминал.

-Двете страни се сложија дека сето тоа придонесува за поефикасно координирање и спроведување на активностите со меѓународните криминалистички служби, во борбата против организираниот и другите видови сериозен криминал и дека ваквите традиционално добри односи и соработка ќе продолжат и во иднина, се наведува во соопштението од МВР.

Се огласи Хамас, прв пат по убиството на лидерот Синвар: Нема да ги ослободиме заложниците

Палестински Хамас се огласи за прв пат по ликвидацијата на Јахја Синвар, нејзиниот лидер.

Највисокиот политички лидер на Хамас, Калил ал-Хаја, во петокот ја потврди смртта на водачот на групата, Јахја Синвар.

Во телевизиска изјава тој го повтори ставот на палестинската милитантна група дека нема да ги ослободат израелските заложници што ги заробија во нападот врз Израел на 7 октомври 2023 година, додека не дојде до примирје во повеќемесечната војна во Газа.

„Тие затвореници нема да се вратат пред крајот на нападот врз Газа и повлекувањето од Газа“, рече тој, пренесе АП.

Се огласи и либанската милитантна група Хезболах, која вети дека ќе започне нова фаза од борбата против Израел, еден ден откако израелските сили во Газа го убија Јахја Синвар, главниот архитект на минатогодишниот смртоносен напад врз Израел.

Хезболах од почетокот на војната меѓу Израел и Хамас речиси секој ден истрелува ракети кон Израел. Хамас и Хезболах се поддржани од Иран, кој го прогласи Синвар за маченик кој може да ги инспирира другите да се спротивстават на Израел.

Израел вети дека политички ќе го уништи Хамас во Газа, а убиството на Синвар беше висок воен приоритет.

Еден од политичките лидери на Хамас во странство рече дека Израел е во заблуда ако „верува дека убиството на нашите лидери значи крај на нашето движење и борбата на палестинскиот народ“.

Кривична пријава против Рамиз Мерко за незаконско назначување директор на училиште

Против градоначалникот на Струга Рамиз Мерко е поднесена кривична пријава од ОВР Струга затоа што пред речиси три години,  спротивно на законот, назначил в.д. директорка во училиште во општината што ја раководи. 

Како што информира денеска Министерството за внатрешни работи, кривична пријава е поднесена против Р.М.(67) од Струга, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“.

-На 17.01.2022 година, во својство на градоначалник на општина Струга, тој спротивно на законските прописи, донел решение за избор и именување на в.д. директор на училиште во Струга. Тоа го направил иако знаел дека кандидатката што ја наименувал, не исполнувала низа услови од Законот за основно образование, не го положила испитот за директор во утврдениот законски рок и не поседувала соодветен сертификат за познавање англиски јазик, информира МВР во дневниот билтен.

И покрај тоа што таа не ги исполнувала условите за функцијата, пријавениот, наведува МВР, „и овозможил да добие решение и противправно да оствари парична корист во износ од 1.390.536 денари за вршење работни задачи како в.д. директор и како директор на училиштето“.

Во Пиреја е блокирано оружјето за Израел, што пристигнало со камион од Македонија (ВИДЕО)

Десетици пристанишни работници во Пиреја го блокирале товарењето на контејнери со муниција за Израел во знак на протест против војната во Појасот Газа, изјавија денеска претставници на синдикатот и крајбрежната стража за Ројтерс.

Во контејнерот имало 21 тон муниција, а во Пиреја пристигнала вчера, за Ројтерс изјавил синдикалец кој сакал да остане анонимен.

Товарот бил донесен со камион од Македонија, а требало да биде натоварен на брод кој плови под знамето на Маршалските Острови и да биде пренесен во Израел.

„Време е да се извика гласно дека нема да дозволиме пристаништето Пиреја да стане отскочна даска за војната“, објави синдикатот на пристанишните работници на Фејсбук. „Се бориме за мир... Ние велиме „не“ за учеството на Грција во војната!

„Убијци, напуштете го пристаништето!“ е слоганот со кој го испрскале камионот, според фотографиите објавени на Фејсбук.

Грција го поддржува правото на Израел да се брани во конфликтот со Хамас во Појасот Газа, но повикува на итен прекин на огнот за да се стави крај на, како што вели, „незамисливата хуманитарна катастрофа“ во палестинската енклава.

Товарниот камион е кај пристанишните власти и е отворена истрага за инцидентот. По лидерот на синдикатот е издаден налог за апсење, изјави претставник на крајбрежната стража. Контејнерот имал важечка транзитна дозвола, изјави друг претставник.

притисни ентер