Минималната синдикална кошница за декември 62.861 денар

Зголемена за 840 денари во однос на ноември.

Минималната синдикална кошница за декември годинава изнесува 62.861 денари и е за 840 денари повисока отколку во ноември годинава кога беше 62.021 денар. Со изнајмен стан од 60 квадратни метри, пак, изнесува 78.236 денари, соопшти денеска Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ).

Според пресметката на ССМ, од минималната синдикална кошничка едно четиричлено семејство за храна и пијалаци треба да одвои 23.075 денари или 36,7 отсто, за облека и обувки 5.728 денари или 9,1 отсто, за станарина, вода, електрична енергија и греење 6.020 денари или 9,6 отсто, за лична хигиена и одржување на хигиена во домот 2.087 денари или 3,3 отсто, за здравје 1.135 денари или 1,8 отсто, за транспорт 4.727 денари или 7,5 отсто.

За комуникации на едно четиричлено семејство во декември годинава му биле неопходни 3.417 денари или 5,4 отсто, за рекреација и култура 4.458 денари или 7,1 отсто, за образование 6.984 денари или 11,1 отсто, за ресторани и хотели 4.131 денар или 6,6 отсто, а за останати стоки и услуги 1.100 денари или 1,7 отсто.

Доколку живеат во изнајмен стан потребни им се дополнителни 21.395 денари.

- Забележително е дека од септември кога беше воведена првата мерка од страна на Владата за ограничувањето на маржите и со последната мерка односно акција за намалување на цените за најмалку 10 отсто, тие даваат резултат, делот на храната и пијалоци во Синдикалната минимална кошница кој за декември изнесува 23.075 денари спореден со септрември 2024 година (23.034,00 денари) е зголемен за 41,00 денари, со што се потврдува дека мерки се потребни почесто имајќи предвид дека од страна на трговците се злоупотребува секоја прилика за да се богатат на грбот на граѓаните и работниците, се вели во соопштението.

Загрижува тоа што трговците повторно го искористија периодот пред стапување на сила на последната акција и, како што се наведува, евидентно ги зголемија цените, а дополнително и вредноста на Синдикалната минимална кошница за храна и пијалоци за 63 основни производи кои се дел од истата за декември изнесува 23.075 денари е зголемен за дополнителни 397 денари, наместо да биде намален за најмалку 10 отсто.

- Сојузот на синдикатите на Македонија бара мерките да траат подолго, за Владата значително да придонесе за зачувување на животниот стандард на граѓаните, а следната мерка да биде без за истата да бидат информирани трговците и стопанствениците за да не направат повторно злоупотреби на грбот на граѓаните и работниците, стои во соопштението од ССМ.

Учеството на Џејмс и Дејвис на мечот со Детроит доведено во прашање

Тандемот на Лос Анџелес лејкерс, Леброн Џејмс и Ентони Дејвис може да не настапи на натпреварот со Детроит пистонс.

Учеството на двете ѕвезди на Лејкерси на утрешниот натпревар на домашен терен е доведено во прашање.

Џејмс во последно време има проблеми со стапалото.

Дејвис, на средбата со Сакраменто ноќта сабота кон недела, ја влоши повредата на рамото што првпат ја заработи на 15 декември на натпреварот со Мемфис.

Лејкерс со биланс 16 победи и 12 порази во моментов се на 6.место во Источната конференција на НБА-лигата. /МИА

Костова: ДПМНЕ го урива достoинството на работниците, нудат апстрактна гордост на празен стомак

Минималната синдикална кошничка изнесува 62.861 денари. Со тотално промашената мерка што се вика новогодишна кошничка, Владата им направи услуга само на трговците .

Додека ги штити интересите на големците, ДПМНЕ го урива достоинството на секој работник. Затоа што приказните за апстрактна гордост најлесно легнуваат на празен стомак и уморна снага, вели потпретседателката на СДСМ, Кристина Костова во објава на Фејсбук.

Костова укажува на алармантната состојба со растот на трошоците за живот потенцирајќи дека цените на основните прехранбени продукти значително се зголемија.

„За само месец дена, цената на зејтинот рипна на 97 денари, или за 14 денари повеќе од претходно. За исто толку е покачена и цената на јајцата, кои сега чинат над 100 денари. Покачени се цените на јогуртот, кашкавалот, па дури и лебот,“ рече Костова.

Потпретседателката на СДСМ наведува дека ситуацијата е особено тешка за семејствата со минимални приходи. „На четиричлено семејство во кое двајца возрасни земаат минимална плата, им недостасуваат над 17.700 денари, односно над 290 евра, за да можат да си ги покријат најосновните трошоци,“ објасни таа.

Костова остро ги критикуваше функционерите од владејачката партија за нивниот однос кон проблемите на граѓаните. „Додека народот се мачи да преживее, функционерите од владејачката партија не убедуваат дека покачувањето на минималната плата било лоша работа. Тоа го прават додека си гласаат за порамнување на нивните плати, за да не им ги изеде инфлацијата; или додека министерката за финансии вели дека ако не ѝ се покачела платата, немало повеќе да работи во Министерството,“ истакнува таа.

„Кој од нив некогаш работел во недела, во студен конфекциски погон, или на поле, преку време, ама неплатено? Кој од нив се оптоварувал со седење до доцна во ноќта за да ги пушти машината за садови и пералната додека е евтина струја?“ праша Костова, потенцирајќи го големиот јаз меѓу функционерите и обичните граѓани.

Костова истакна дека трошоците за минимум пристоен живот вртоглаво растат, а Владата не презема никакви мерки за заштита на граѓаните. „ДДВ на храна ниту се укинува, ниту се намалува. Наместо тоа, се заговара зголемување на старосната граница за пензионирање и укинување на недела како неработен ден,“ предупреди таа.

„Додека ги штити интересите на големците, ДПМНЕ го урива достоинството на секој работник. Впрочем, како што ДПМНЕ отсекогаш правеле. Затоа што приказните за апстрактна гордост најлесно легнуваат на празен стомак и уморна снага,“ заклучи потпретседателката на СДСМ, Кристина Костова, се наведува во партиското соопштение.

Ѓорѓиевски: Реконструктивни активности за современи услови за учениците од село Драчево

Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, денеска изврши увид во градежните активности во ООУ „Свети Климент Охридски“ во село Драчево, каде што се изведува целосна реконструкција на тоалетите и санација на фискултурната сала. 

Со оваа реконструкција, целосно се обновуваат тоалетите за учениците. Ќе бидат заменети сите санитарни елементи, поставени нови подни и ѕидни плочки, нови врати и нов плафон. Проектот, вреден 1.000.000 денари, е финансиран од Министерството за образование и наука. Во рамки на проектот за санација на фискултурната сала, се обновува подот и ќе се заменат прозорците. За оваа намена Општина Кисела Вода издвои 750.000 денари од својот буџет. Реконструираните тоалети ќе се користат во стариот училишен објект додека тој е во функција. Но, уште поголема промена носи изградбата на нова, современа училишна зграда, што веќе е во тек. Овој нов објект ќе овозможи модерни услови за учениците, додека стариот објект, кој повеќе од 100 години има историско и културно значење за жителите, ќе се зачува и ќе добие музејска функција.

„Вложувањето во образованието е еден од најважните приоритети на Општина Кисела Вода. Наша цел е да создадеме современи и стимулативни услови за сите ученици. Тоалетите, кои ги обновуваме со цел да бидат функционални додека се користи овој училишен објект, ќе им служат на учениците се до изградбата на новата училишна зграда, која ќе донесе еден нов почеток за идните генерации, а истовремено ќе го сочуваме и богатото културно наследство што го претставува стариот објект. Паралелно, како општина, вложивме 750.000 денари од сопствениот буџет за санација на подот и прозорците во фискултурната сала, со што значително ќе се подобрат условите за изведување на часовите по физичко образование. Вложувањето во училиштата е вложување во иднината на нашите деца и тоа е насока која јас како градоначалник ќе продолжам да ја следам и во периодот што е пред нас- истакна градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, соопштуваат од Општината.

притисни ентер