Костова: ДПМНЕ го урива достoинството на работниците, нудат апстрактна гордост на празен стомак

Минималната синдикална кошничка изнесува 62.861 денари. Со тотално промашената мерка што се вика новогодишна кошничка, Владата им направи услуга само на трговците .

Додека ги штити интересите на големците, ДПМНЕ го урива достоинството на секој работник. Затоа што приказните за апстрактна гордост најлесно легнуваат на празен стомак и уморна снага, вели потпретседателката на СДСМ, Кристина Костова во објава на Фејсбук.

Костова укажува на алармантната состојба со растот на трошоците за живот потенцирајќи дека цените на основните прехранбени продукти значително се зголемија.

„За само месец дена, цената на зејтинот рипна на 97 денари, или за 14 денари повеќе од претходно. За исто толку е покачена и цената на јајцата, кои сега чинат над 100 денари. Покачени се цените на јогуртот, кашкавалот, па дури и лебот,“ рече Костова.

Потпретседателката на СДСМ наведува дека ситуацијата е особено тешка за семејствата со минимални приходи. „На четиричлено семејство во кое двајца возрасни земаат минимална плата, им недостасуваат над 17.700 денари, односно над 290 евра, за да можат да си ги покријат најосновните трошоци,“ објасни таа.

Костова остро ги критикуваше функционерите од владејачката партија за нивниот однос кон проблемите на граѓаните. „Додека народот се мачи да преживее, функционерите од владејачката партија не убедуваат дека покачувањето на минималната плата било лоша работа. Тоа го прават додека си гласаат за порамнување на нивните плати, за да не им ги изеде инфлацијата; или додека министерката за финансии вели дека ако не ѝ се покачела платата, немало повеќе да работи во Министерството,“ истакнува таа.

„Кој од нив некогаш работел во недела, во студен конфекциски погон, или на поле, преку време, ама неплатено? Кој од нив се оптоварувал со седење до доцна во ноќта за да ги пушти машината за садови и пералната додека е евтина струја?“ праша Костова, потенцирајќи го големиот јаз меѓу функционерите и обичните граѓани.

Костова истакна дека трошоците за минимум пристоен живот вртоглаво растат, а Владата не презема никакви мерки за заштита на граѓаните. „ДДВ на храна ниту се укинува, ниту се намалува. Наместо тоа, се заговара зголемување на старосната граница за пензионирање и укинување на недела како неработен ден,“ предупреди таа.

„Додека ги штити интересите на големците, ДПМНЕ го урива достоинството на секој работник. Впрочем, како што ДПМНЕ отсекогаш правеле. Затоа што приказните за апстрактна гордост најлесно легнуваат на празен стомак и уморна снага,“ заклучи потпретседателката на СДСМ, Кристина Костова, се наведува во партиското соопштение.

Познат е составот на владата на Франција- меѓу министрите има и двајца поранешни премиери

Кабинетот на францускиот претседател Емануел Макрон денеска соопшти дека е именувана нова влада, чиј состав го одреди премиерот Франсоа Бајру.

Бајру во новата влада вклучи одредени членови на тимот во заминување во кој доминираат конзервативците, но и нови личности од центристи или левичарски кругови, пренесува АП, кој наведува дека најитниот приоритет на владата ќе биде гласањето на буџетот за 2025 година.

Новата влада ја презема функцијата по неколкумесечна политичка блокада и притисок од финансиските пазари за Франција да го намали огромниот долг, наведува американската агенција.

Ниту една партија нема единствено мнозинство во парламентот, а децениското политичко искуство на Бајру се смета за клучен фактор во напорите за враќање на стабилноста.

Банкарот Ерик Ломбар ќе биде нов министер за финансии, клучна позиција додека Франција се обидува да ги исполни ветувањата до партнерите во ЕУ за намалување на дефицитот, кој се проценува дека достигнал 6 отсто од бруто домашниот производ оваа година.

Ломбар работеше кратко како советник на министерот за финансии во социјалистичката ера во 90-тите години на минатиот век.

Екстремно десничарски ориентираниот Бруно Ретахо ќе остане министер за внатрешни работи, додека министер за одбрана ќе биде Себастиен Лекорни, кој е во првите редови на француската воена поддршка за Украина.

Жан Ноел Баро останува на позицијата шеф на дипломатијата.

Според АП, меѓу новите лица се и двајца поранешни премиери - Мануел Валс, кој ќе биде министер за прекуокеански територии и Елизабет Борн, која ќе го преземе Министерството за образование.

Патници влегуваат во авион, несвесни дека за неколку минути ќе загинат (ВИДЕО)

Безбедносните камери на аеродромот го снимиле моментот кога патниците се качиле на авионот, кој се урна веднаш по полетувањето во центарот на туристичкиот град Грамадо на југот на Бразил.

Страшната трагедија, во која животот го загубија десет лица, се случи вчера, а сега се објавени видео снимки од патниците, кои среќни влегуваат во авионот, несвесни дека ова е нивниот последен лет.

Патниците пешачеле дел од патеката и влегле во авионот „Piper PA-42 Cheyenne“ и се сместиле. За жал, набргу откако авионот полетал од аеродромот Канела, удрил во зграда, а потоа и во куќа во центарот на Грамадо на планината Рио Гранде до Сул.

Авионот продолжил да лизга во пламен. За жал, немало спас за патниците и екипажот. Сите починале на лице место.

Првите сознанија од истрагата покажуваат дека до несреќата дошло поради обилни врнежи од дожд и густа магла. Во несреќата се повредени уште најмалку 15 лица, кои биле во зградите во кои авионот удрил или на улица кога авионот паднал на земја.

БМВ го прекинува производството на M8 Coupe, под знак прашање судбината на Серија 8

BMW потврди дека производството на моделот M8 Coupe ќе престане на почетокот на 2025 година, а нови нарачки за овој модел повеќе нема да се прифаќаат.

Според информациите од билтенот испратен до дилерите, M8 Coupe ќе биде отстранет од официјалната веб-страница на компанијата и од конфигураторите „Build Your Own“ (BYO) веќе во јануари истата година. Оваа одлука ги остава верзиите M8 Cabrio и M8 Gran Coupe како единствени преостанати опции за љубителите на луксузот и високите перформанси на BMW.

Прашањето за иднината на Серијата 8 останува отворено, бидејќи првичните гласини сугерираа доаѓање на нова генерација во 2026 година. Сепак, според извори од BMWblog, конечната одлука за развој на нови модели се уште не е донесена. Доколку проектот биде одобрен, се очекува новата генерација на сериите 8 и М8 да пристигне на пазарот дури помеѓу 2029 и 2030 година.

Згора на тоа, се шпекулира дека иднината на оваа серија би можела значително да биде изменета, со можност да опстанат само верзиите Gran Coupe. Овие модели, познати како Series 8 Gran Coupe (G77) и M8 Gran Coupe (G93), во иднина би можеле да понудат комбинација од SUS мотори и електрични погонски системи, што ќе ги прилагоди на сè построгите стандарди за одржливост и побарувачката на пазарот за електрификација. .

Оваа одлука го означува крајот на една ера за BMW, но исто така ја отвора вратата за потенцијално нов дизајн и филозофија на возење во луксузниот сегмент на марката. Фановите на M8 Coupe имаат уште малку време да уживаат во овој модел пред тој засекогаш да излезе од производните линии.

притисни ентер