Минчев: Законското решение за„балансерот“не е во подготовка, се чека конечна одлука на Уставен

Вчера Уставниот суд донесе времена мерка со којашто се стопираат одредени одредби или членови токму од овие закони општо се предмет на дебата тоа се законите за вработените во јавниот сектор и законот за административните службеници. 

Министерството за јавна администрација не ја коментира времената мерка на Уставниот суд за „балансерот“, законското решение ќе почека додека нема конечна одлука, изјави денеска министерот за јавна администрација, Горан Минчев на втората јавна дискусија од кампањата „Сите заедно за професионална и квалитетна јавна администрација“ која се одржа во Куманово. Тој потенцираше дека лично ја поздравува одлуката на Уставниот суд и повтори дека „балансерот“ со години се злоупотребувал.

- Вчера Уставниот суд донесе времена мерка со којашто се стопираат одредени одредби или членови токму од овие закони општо се предмет на дебата тоа се законите за вработените во јавниот сектор и законот за административните службеници. Во принцип Министерството за јавна администрација не ја коментира времената мерка на Уставниот суд, затоа што таа е извршна и се спроведува. Ако ме прашате за мој личен став јас досега кажав дека „балансерот“ како една од тие одредби коишто со времената мерка се стопираат мислам дека „балансерот“ како дигитална алатка во минатото навистина беше предмет на злоупотреби и ако разгледуваме во тој контекст одлуката на Уставниот суд ја поздравувам, изјави Минчев.

Во однос на законските решенија, министерот Минчев рече дека во моментот не може да каже дали ќе има ново и какво ќе биде законското решение, ќе се чека на конечната одлука на Уставниот суд.

- Што се однесува до законските решенија јас во овој момент не би можел да кажам дали ќе има ново или пак каква ќе биде содржината на тоа законско решение секако би ја причекал и секако Министерството за јавна администрација конечната одлука на Уставниот суд во зависност од тоа каква ќе биде ние би пристапиле кон евентуално ново законско решение коешто патем мора да кажам дека е уставна категорија, изјави министерот за јавна администрација.

Одговарајќи на новинарски прашања, Минчев кажа дека осудува какви било протести и дека во рамки на владината коалиција ќе има отворена дебата. Како Влада додаде, се залагаат за сеопфатна реформа на администрација која треба да се базира на професионалност, стручност, квалитет и знаења.

- Законот не е во подготовка, Министерството за јавна администрација е носител на овие две законски решенија јас се надевам дека во рамките на владината коалиција ќе имаме отворена дебата за она што следува, каков било повик на протести или пак на дестабилизација на државата за укинување или пак за времена мерка на „балансерот“ ги осудувам затоа што сметаме дека сите заедно дека приоритет и во општеството и во државата и сметам дека е дојдено времето и ние како Влада сме подготвени за таков исчекор е да направиме една сеопфатна реформа во јавната администрација, но таа ќе мора да се базира на знаења, квалитет, стручност односно на професионалниот, само така можеме како држава да одиме напред. Јас досега повеќе пати кажав дека јавната администрација ја сметам за столб на една држава практично за постоење на една држава и на една нација, кажа Минчев.

ССМ: Укината е срамната ревизија донесена од тројцата судии

Укината е срамната ревизија донесена од тројцата судии, новата Влада да не ги следи примерите на претходните кои беа против работниците.

Укината е срамната ревизија донесена од тројцата судии за кои укажувавме на почетокот на годината дека ја направија најголемата штета на синдикалното движење во Македонија, нешто што се нема случено ниту во Европа ниту во светот. Борбата што ја водевме овие осум месеци, ни овозможи да добиеме повторување на постапката и укинување на сите правни акти кои значеа конфискација на Работничкиот дом. Упатувам апел до новата Влада да не ги следи примерите на претходните влади кои беа против работниците и кои сакаа да го одземат Работничкиот дом од работниците, рече денеска претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов.

Тој на прес-конференција напомена дека Предлогот на ССМ за повторување на постапката врз основа на доказите со кои Сојузот располага уште од 1948 година, е прифатен од Врховниот суд со насоки да се укинат сите досегашни пресуди, вклучително и ревизијата на Врховниот суд со која се конфискуваше Работничкиот дом од работниците на штета на целокупното работничко движење и на штета на ССМ, со единствена цел, да се уништи ССМ.

-Работниците, правдата и ССМ победија за само осум месеци корумпиран систем составен од корумпирани судии. За наша среќа, не сите судии се во истиот кош. Сакам да се заблагодарам на судијката Оља Крстиќеска во Основниот суд Скопје, која дозволи по брза постапка да се случи повторувањето и да се прифати предлогот за повторување на постапката, како и на претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми, која овозможи согласно законските одредби, да даде приоритет на предметот за да може да се случи што е можно побрзо ваквото решение со укинување на срамната пресуда на Врховниот суд, односно, не на Врховниот суд, таму имаме и достоинствени судии, професионалци судии и судии кои работат согласно законите во Македонија, како двете судијки кои беа против уште при носењето на ваквата срамна пресуда од страна на овие тројца судии, како и судиите кои сега овозможија повторување на постапката во Македонија. Сакам да се заблагодарам и на сите судии кои беа вклучени како преку Основниот суд, така и преку Апелациониот суд кои се повеќе од 30 во овие години од 2005-та до денеска, кои судеа на страната на правдата, на страната на вистината, дека Работничкиот дом е граден од работнички плати, од работничка синдикална членарина од ССМ, истакна Трендафилов.

Според него, ССМ минатата година беше изненаден од пресудата во јануари 2024 година која значеше одземање на Работничкот дом од работниците.

-Тоа што сакам да нагласам е дека овој процес почна во 2005 од владата предводена од Владо Бучковски и заврши во 2023 година од страна на владата предводена од Димитар Ковачевски. Упатувам апел до новата Влада да не ги следи примерите на претходните влади кои беа против работниците и кои сакаа да го одземат Работничкиот дом од работниците со единствена цел - да го замолчат ССМ, особено поради една причина. Добивме информација дека е прифатена предлог-апликацијата поднесена до Стразбур и дека е повреден член 1 од Протоколот 1 кој значи право на сопственост. Сопственоста не може да биде предмет на политички и олигарсхиски игри. Сакаме да упатиме порака, Работничкиот дом е на работниците, сами бирате дали ќе бидете пријатели или непријатели на ССМ, подвлече Трендафилов.

Фон дер Лајен во Киев најави дека ЕУ ќе одобри заем до 35 милијарди евра за Украина

 ЕУ ќе и одобри заем до 35 милијарди евра на Украина со цел да и помогне на оваа земја заглавена во тешка војна со Русија, објави денеска претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

Заемот, што беше најавен за време на посетата на шефицата на Комисијата на Киев, е дел од поширокиот план на земјите од Г7 за собирање средства со користење на приходите од руските средства замрзнати за да се санкционира Русија поради инвазијата.

„Немилосрдните руски напади значат дека на Украина и е потребна континуирана поддршка од ЕУ“, наведе Фон дер Лајен во објавата на X.

Украина се соочува со огромни финансиски потреби по повеќе од две години интензивна војна која ја уништи нејзината инфраструктура.

Русија исфрли од погон околу девет гигавати (GW) од енергетската инфраструктура на Украина.

Г-7 замрзна руски финансиски средства во вредност од околу 300 милијарди долари кратко време по инвазијата на Москва врз Украина во 2022 година. Тие ветија дека ќе ги искористат овие средства за да му помогнат на својот сојузник, но поминаа месеци дебатирајќи точно како може да функционира таков механизам .

ЕУ во мај склучи договор меѓу земјите членки според кој 90 отсто од тие приходи ќе одат во фонд управуван од ЕУ за воена помош за Украина, додека останатите 10 отсто ќе го поддржат Киев на други начини.

ЕК предложи план за исплата на заеми на Украина од приходите од замрзнатите руски средства

Комисијата предлага воспоставување Механизам за соработка за заеми за Украина, преку кој ќе се поддржат напорите на земјите од Г7 за доделување позајмици на земјата, во износ од 45 милијарди евра.  

Европската комисија денеска предложи сеопфатен пакет финансиска помош за Украина, кој се состои од Механизам за соработка за заеми за Украина, во вредност до 45 милијарди евра, како и вонредна позајмица за макрофинансиска помош во износ од 35 милијарди евра.

Средствата за овој план, кој, според ЕК, претставував решавачки чекор во зајакнувањето на поддршката за Украина, ќе бидат обезбедени од приходите од замрзнатите руски средства, со што се испраќа јасен сигнал дека товарот на обновата на земјата ќе го понесат одговорните за нејзиното уништување.

- Овој пристап ќе се примени првпат на структуриран начин за обезбедување долгорочна и стабилна финансиска поддршка за закрепнувањето и издржливоста на Украина, се додава во соопштението,

Комисијата предлага воспоставување Механизам за соработка за заеми за Украина, преку кој ќе се поддржат напорите на земјите од Г7 за доделување позајмици на земјата, во износ од 45 милијарди евра.

- Во услови кога Украина и натаму да се соочува со предизвици без преседан поради засилената руска агресија, овој предлог ја покажува непоколебливата посветеност на ЕУ за поддршка на суверенитетот и економската отпорност на Украина. Украинскиот Механизам за соработка за заеми ќе и понуди на Украина финансиска поддршка преку користење на финансиите обезбедени од извонредните неочекувани приходи од замрзнатите средства на Руската централна банка, посочува ЕУ.

Според Планот, Украина може да ги искористи овие средства за да ги отплати позајмиците од ЕУ и други кредитори кои учествуваат во иницијативата на Г7 за „Вонредни заеми за зголемување на приходите за Украина“ (ЕРА).

Во рамки на иницијативата ЕРА, ЕК предлага вонреден заем од 35 милијарди евра, наменети за задоволување на итните буџетски потреби на Украина, кои значително се зголемија во услови на засилена и продолжена руска агресија. Преостанатата сума на заемот треба да ја обезбедат другите земји од Г7.

- Со овој сеопфатен финансиски пакет се исполнуваат обврските преземени на Самитот на лидерите на Г7 во Апулија на 15 јуни и на Европскиот совет на 27 јуни. Преку овој пакет, Европската комисија ја потврдува својата посветеност да застане зад Украина, гарантирајќи дека поддршката на ЕУ останува цврста и ефикасна, се додава во соопштението.

Предлогот на ЕК сега треба да биде одобрен од Европскиот парламент и земјите членки на ЕУ во рамки на Европскиот советот со квалификувано мнозинство. Имајќи ја предвид итноста на предлогот, Комисијата најавува дека ќе работи интензивно со ЕП и Советот на ЕУ за негово побрзо усвојување.

притисни ентер